Обвинителката на Романија става во затвор по четворица на ден
Објавеново 20:16 23 февруари 2016| Прочитано4597|
Печати
Телевизиски екипи кампуваат пред Националниот директорат за Борба против корупцијатата (ДНА) во Букурешт чекајќи кој ќе биде следниот обвинет, го опишува Би-Би-Си интензитет на борбата против криминалот во таа земја, пренесува Јутарњи лист.
Познати лица кои излегуваат од зградата потсетуваат на долга процесија на некогашни високопозиционирани моќници. Поранешни министри, медиумски магнати, судии, обвинители, па дури и миленичката на поранешниот претседател Трајан Басеску, Елена Удреа, наречена „претседателска русокоса“, се наоѓаат под истрага.
Удреа е поранешен министер за туризам и сегашна пратеничка во Парламентот. Таа беше уапсена минатата недела.
Понова цел на ДНА се мајката, сестрата и зетот на сегашниот премиер Виктор Понта.
Осум години по пристапувањето во ЕУ и 13 години од формирањето на ДНК, Романија конечно сериозно се фати во костец со организираниот криминал. И за тоа конечно добива пофалби од Европската комисија.
- Романија е на вистинскиот пат и треба да се држи до него, рече минатиот месец, првиот заменик претседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, коментирајќи го новиот извештај на ЕУ за борбата на Романија против корупцијата. „Тоа е нејзиниот најголем предизвик и приоритет", истакна тој.
По влегувањето на Романија и Бугарија во ЕУ воспоставен е механизам за проверка со кој Унијата ги надгледува реформите во судството и борбата против корупцијата во тие земји. Конечната позитивна оценка е од клучно значење за нивниот влез во Шенген зоната.
ДНА само минатата година процесуира 1.138 водечки романски јавни личности. Неверојатен е фактот дека главната обвинителка Лаура Ковеси обвинува за корупција во просек по четири лица секој ден.
Па што е тоа што Романија така ја промени? „За само три години, двете најголеми партии, Портокаловите (либералите) и Црвените (социјалдемократите) ги изгубија изборите", објасни аналитичарот Алина Мунгиу-Пипиди.
Резултатот од тоа е ставање крај на она што таа го нарече „меѓупартиска мафија", која ја водеше земјата, избегнувајќи да плаќ даноци, местејќи тендери и поткупувајќи судии и обвинители.
Мунгиу-Пипиди вели: „Подеднакво важен е и ликот на новиот претседател Клаус Јоханис. Тој дојде на власт како политички аутсајдер и не е потписник на никакви тајни договори меѓу големите партии, злото на романската политика во последните 25 години“.
Типично обвинет од ДНА е 37-годишната Моника Риџ, поранешна министерка за млади и спорт. Таа неодамна е осудена на пет години затвор за злоупотреба на службената должност и проневера на 800.000 доларина државни пари со фаворизирање на компании со кои таа била поврзана.
ДНА се потпира на работата на тајната служба. „Досега тајната служба беше многу селективна за тоа кого ќе следи, прислушува и истражува. Но, веќе не е", нагласува Мунгиу-Пипиди.