Леси се врати дома прилично во истиот период кога Маја се врати од Америка. Јас се вратив од интро-вукојебината во која бев пикнат долго време - за чиј почеток сепак како датум си го прогласив денот кога последен пат ја гушнав под светилката на аголот кај универзална. Тогаш, само ја гушнав. Секогаш само ја гушкав. Или прегрнував, како ви е помило. Никогаш не ја добив привилегијата да бидам прва виолина во нејзината симфонична, неграциозна, едноставно прекрасна, искрена интерпретација на книгите кои не учат како да битисуваме во овој сон кој некреативните го нарекле живот. Секогаш ги свирев ниските тонови, а често бев и тапанар - го знаете де, оној чичко со ќелава коса и бркови кој стои најназад во оркестарот и тропа со палките, божем е главниот фраер во екипата. Се прави на будала, како и самиот да не знае дека до уво допира само плачот на виолината, онаа на мајсторот...мелодијата која се памети долго, дури и после концертот.
Таа ноќ кога последен пат ја видов се прибрав дома и како по некој ритуал веднаш се сместив пред компјутер, ама не со намера да ја терам дневната рутина на блефирање социјален живот, туку со цел да најдам добар звук кој ќе оди во позадина на општењето, мојот разговор со Спиноза, тоа водење љубов со шишето домашна жолта, моите исповеди за кои секогаш од ебаниот фалусоиден пластичен дом на тој златен мелем добивав максимална поткрепа и внимание, пријател и дрога, посакувана тишина... Жолта ракија. Цена: 150 денари. Само 150 денари за цел третман. Која потценувачка цена. Фала ви, скромни земјоделци. Слепци.
“Магла пак ме покрива
мириса на невоља
ноќ-ва сум ти тааааакаа саааааам......”.
Ете ми ја химната. Зарем толку ли мирисаше невољата, опасноста да се биде јас кога заминува секој нареден пат?
Маја ја запознав случајно. И тоа е една од ретките случајни работи кои ми се случија со неа. Се друго беше намерно - намерно ја засакав, намерно ја замразив, намерно ја сонував, намерно и пишував песни, намерно копнеев по неа, намерно ја чував како муза не давајќи си шанса да ги реализирам мечтите во нешто конкретно, намерно минував на нејзината улица во дождовен ден кога знаев дека нема да ја видам. Ми беше убаво да патам. Всушност, јас го сакам патењето...порано се лажев дека така се осеќам жив, денес знам дека така се осеќам доволно добро сјебан за да можам да го пцујам животот.Го пцуев и таа ноќ, веројатно сакајќи да внесам некој драматичен заплет и можеби поента во манир на грчките трагичари во таа бездушна ситуација, во таа последна каканица на животов.
Од таа вечер пред универзална до денес поминаа 5 месеци. Стоипееснешто денови, половина година. Трепнување на око. Вечност. Се мери на крај, нели? Повторно е во мојот град. Повторно е во мојот живот. Не физички...да се разбереме, не ја имав видено oткако се врати. Иако го помина половина свет, мојата Маичка сеуште не ја беше заборавила песната која и беше на редовниот репертоар секоја вечер дури спиев наспроти салата во која пееше, чекајќи да видам некој натпис “One Night Only”. Се што се промени бев јас. Берлин во мојата глава повторно никна поубав од кога и да било, речиси исто како и пред 89-тата. Тунелот имаше еден излез, лифтот само едно копче. Иако ме водеше кај неа, покрај него имаше знак за надолу. Само што кога беше во прашање Маја, јас секогаш светот го гледав наопаку. Превртено.
И? И ништо...се до вечерта кога повторно и се приближив. Не, не во таа смисла. И се приближив повторно после опсежното општење со секретот на перверзната љубов меѓу земјата, сонцето, гроздот, нозете на некој пијаница од тиквешијата и габите ферментирачи. Дојдов блиску до неа, полу свесен. Седевме заедно на еден црвен кауч во некаква соба. Полека и се приближив....ме погледна во очи. Во манир на циганче кое во раце зема десетденарка од некој странец на плоштад, елегантно и лукаво, магнетно прецизно ги допрев моите усни кон нејзините. Ја бакнав. Човече, ама бев среќен, во просто неверување. Се совзедов од првичниот шок, и ја бакнав уште еднаш - овојпат подолго и пострасно. Ме бакна и таа. Еј.....Маја ме пољуби, како што секогаш замислував дека ќе го стори тоа. Само што, сега беше толку реално. Толку мое. Толку добро.
Тогаш, о драги мои.....зазвони телефонот. Kaков клише крај на нереалното, а толку посакувано. Александар Греам Бел, да ти ја ебам радозналоста. Ги подотворив очите. Се погледнав, спружен на подот во мојот стан. Празни шишња лутаа наоколу, а во главата ме стегаше притисок како слонови да чекорат по некој мост врзан на краевите за моите уши. Минатата ноќ сонував дека некој ме сака.Не...минатата ноќ сонував дека таа ме сака. Ми се чини дека Ф.Г. Лорка еднаш рече: Ако мојот сон е мојот живот - не будете ме! Штета што тоа не го знаел нити Бел, нити слоновите кои неколку моменти подоцна чинам играа фудбал таму внатре, а нити мајка ми - која да бидам искрен каков сакам да бидам - е единствената персона на која не можев на сочен малограѓански универзален начин да и го искажам “воодушевувањето” од гестот кој штотуку го направи, земајќи ми го сонот. Буквално. Ироничен Семоќен, 2:0 за тебе.
И тогаш, крах. Ми се чини дека никој не кажал повеќе во два збора, како што тоа утро несакајќи го направи мојата мајка.
-Сине.....слушна ли на вести?
-Што бре мамо?
-Загина Тоше...во сообраќајка.
Веќе не се сеќавам на ништо од разговорот. Нити на гласот на ретардираниот продавач на Топ Шоп кој ечеше од телевизорот весело продавајќи ни некаква кретенска перница, нити на стрелката од часовникот која хронографски одбројуваше колку помалку минути имаме од часот, часови од денот, денови од годината, години од животот. Не се сеќавам нити на сирените на Партизанска кои бараа паркинг место, или можеби пекаа по вистинската фреквенција со која на некој Шумахеровец ќе му го кажат сето она што не можев да и го кажам јас на мојата мајка кога ми го зема сонот, истото утро.
Го затворив телефонот. Бунило и оглувување....и од некаде, само еден глас....којзнае чиј. Глас кој ми рече: За раѓањето и смртта единствено нема лек. Она помеѓу што ти го викаш живот е она по кое на крај се вреднува дали вредел оргазмот на тато и деветмесечниот транспорт во стомакот на мама. Можеш да си активен играч или наблудувач. Може да љубиш, може да мразиш, може да си рамнодушен. Може да молчиш, или да го кажеш тоа. Може половинка сендвич да дадеш на просјакот на улица или можеш да продолжиш да го раниш твојот дебел газ како и досега. Може да се бориш за работите кои ги сакаш, а можеш и да клечиш како ранет војник во ров, чекајќи помош. Може да веруваш или не веруваш, може да се погледнеш во огледало, рамно или искривено. Можеш да имаш и да направиш избор. Можеш многу. Или сосема малку. Ова е твојот живот.
Може да се бориш. Којзнае...на крај можеби и ќе успееш. Срцевиот удар, автобусот кој минал на црвено додека си преминувал улица, заскитаниот куршум или мирното заминување нема да те промашат. Не си толку посебен - иако тврдам, а јас знам што зборувам - дека и посебните заминуваат. А сепак... може да направиш разлика. Каква разлика? Една и единствена.
Можеш да ЖИВЕЕШ, така што кога ќе дојде денот да се вратиш таму од каде си дошол...дури и погребникот, тој бездушен профитер на севишната воља и нашата смртничка немоќност - ќе пролее солза за тебе.
Да. Ова е твојот живот. Што ќе направиш од него?
......
Тераса во една зграда. Зградата е темна. Веројатно нема струја, којзнае од кога.... електродистрибуција не е агилна кога не треба да се земат пари. Нормално. Е, на таа тераса седи едно момче. Се чини дека работи нешто со прстите. А, да.... пишува порака - или Ес Ем Ес, како ви е помило.
“Грозен ден.... Целиот сум истоштен, плачам како мало дете и барам одговори. Колку и да е иронично, најдов еден....Маја,јас те сакам. Како што тој не сакаше сите нас. Сакам да го знаеш тоа....”
Message sent.
Message delivered.
Message deleted?
Кому му е гајле.....
Кому? Тебе?
Добро е.
Тогаш, вреди. Сето ова. Зошто? Како мислиш зошто? Едноставно, бидејќи многу луѓе умираат со нивната музика сеуште во нив, скриена, неиспеана.Најчесто, ова се случува поради тоа што тие луѓе секогаш се спремаат да започнат да живеат. И пред да се свестат, времето им поминало.... А секоја песна си има свој крај. Дали е тоа причина да не уживаме во музиката дури трае?
Не ја чувајте во себе. Запејте. Пејте љубов, дишете љубов, сонувајте љубов. И ќе бидете чуени.
Се одјавувам. Ова е мојот живот....Ве сакам.