A Clergyman's Daughter од George Orwell е издадена 11 Март 1935та година, во Велика Британија.
Не се сеќавам на точниот број на страници, а засега ниту книгата не ми е при рака. Како и да е, ова е експериментална новела од Орвел, која, според мене доколку 1984 никогаш не била напишана би била Орвеловото најдобро дело.
Станува збор за одисејата на младата Дороти, нејзиниот животен дебакл во кој ја внесува напад на амнезија.
Дороти е ќерка на ректорот на малото градче во коешто живеат. Куќата во којашто обајцата живеат е натоварена целосно врз грбот на Дороти. Младата девојка во своите доцни дваесети е приморана да ја напушти било која желба, било кој сон како би била присутна за потребите и каприците на нејзиниот татко.
Фијаското со кое ќе се соочи ќе ја води низ најразлични перипетии. Од плантажи со хмељ, преку бордел, улица и затвор, фундаменталистичките христијански животни лекции кои ги доби од татка си полека ќе избледнат од замаениот ум на Дороти.
Книгата е одличен отворач на очи, и за конзервативните и за побунтовничката фела. Ги потенцира и читко и јасно ги распостила пред читателите двете страни на животот, ставајќи акцент не само на оние кои се во центарот на лудилото туку и оние на кои истиот се потпира.
Топло ја препорачувам за сите кои бараат нешто од Орвел, повеќе од неговите две најпознати дела.