Охрид омилена дестинација за одмор на скопјани
Истражувањето на ГФК покажува дека Македонците најчесто преку граница летуваат во Грција, в лето, а немаат омилена зимска дестинација
Две третини од работоспособното население во изминатата година барем еднаш биле на одмор, покажува истражувањето на ГФК. Повеќе се одмарале помладите отколку постарите, а времетраењето на одморот е минимум пет дена. Според истражувањето, половината од граѓаните или 51 отсто биле еднаш на годишен одмор, а 14 отсто од нив биле двапати и повеќе. Најголем дел од годишните одмори биле искористени внатре во земјата.
- Околу 59 отсто од граѓаните што биле на одмор во 2009 година биле во туристичко место во Македонија. Најпосетена дестинација во земјава за годишен одмор бил Охрид. Од другите земји, најпосетена била Грција, со 16 отсто, следна од другите држави во регионот е Црна Гора, а по нив следуваат Албанија и Турција - со 6 отсто - се вели во истражувањето на ГФК.
Според анкетата, најмногу одмор користеле помладите на возраст од 18 до 24 години и тоа околу 75 отсто од испитаниците. Тие на одмор биле барем еднаш. Процентот на луѓе што отишле на одмор се намалува за одредени возрасни групи. На пример, само 41отсто од граѓаните постари од 50 години биле на одмор лани. Ако се разгледува по градови, одмор им бил најпотребен на скопјаните.
- Најмногу патувања има меѓу граѓаните на Скопје. Имено 76 отсто од скопјани биле барем еднаш на одмор изминатата година, наспроти 58 отсто од граѓаните што живеат надвор од Скопје - е посочено во анкетата на ГФК.
Според планираните одмори за годинава, на патување треба да заминат 73 проценти од граѓаните. Најголем дел од нив, околу 81 отсто, како и лани, планираат да одат еднаш на годишен одмор оваа година. Една третина од граѓаните планираат да го поминат одморот во туристичко место во Македонија. Земјите од блиското опкружување се најчесто спомнуваните дестинации за годишен одмор. Најпосетувана повторно ќе биде Грција, а има планови и за одмори во Италија, Шпанија, Албанија, Хрватска и други. Како и лани, годинава најмногу на одмор планираат да заминат најмладите и тоа на возраст од 18 до 24 години. Повторно како и лани најмногу ќе патуваат граѓаните од Скопје споредено со граѓаните од
останатите градови. Истражувањето на ГФК покажува дека омилена дестинација за одмор за најголем број граѓани за летен и зимски одмор е Македонија. Охрид е најчесто спомнуваната летна дестинација, а Маврово и Попова Шапка се најчесто спомнуваните зимски одредишта.
Од дестинациите надвор од земјава, најчесто спомнувани дестинации за летен одмор се Грција, Турција, Шпанија, Црна Гора, Хрватска и егзотичните дестинации како Кариби, Бахами, Куба, Малдиви. Што се однесува до зимските дестинации, значително поголем процент на граѓани, околу 31 отсто, немаат омилена зимска дестинација зашто не сакаат или не одат на зимски одмори, а од другите земји најчесто се спомнувани Србија и Бугарија
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=0D6B9A8A6C472C4B8FC31E05E285AA30http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=0D6B9A8A6C472C4B8FC31E05E285AA30