Москва ги дочекува најдобрите тимови
Манчестер Јунајтед го брка третиот трофеј во третото последователно финале по пауза од 9 години, а Челзи ќе се обиде да испише нова страна во клупската историја со освојување на титулата во нивното прво финале
Утревечер од 20 часот и 45 минути, стадионот Лужњики ќе биде местото каде Манчестер Јунајтед и Челзи ќе се борат за да дојдат до трофејот во Лигата на Европските фудбалски шампиони.
Вториот меѓусебен дуел сезонава за титулата ќе се води на неутрален терен. Првиот, во домашниот шампионат му припадна на тимот од Олд Трафорд кој ја освои титулата, а Сер
Алекс Фергусон очекува обединување на титулата со најсјајната во Европскиот клупски фудбал, што би била трета за неговиот тим.
Од друга страна, лондончани ќе се обидат по секоја цена да дојдат до најскапоцениот трофеј во нивната историја. Тренерот на Челзи,
Аврам Грант има шанси да влезе во историјата на клубот како тренер со најкраток стаж и титула во кариерата.
Грант седна на клупата на Челзи откако неговиот претходник
Жозе Мурињо доби шут карта од раководството на клубот пред неколку месеци, а пред еден месец Израелецот изјави дека сите големи тренерски имиња претходно работеле како помошници, па тој очекува дека ќе биде уште еден во тој ред.
Фактографски податоци
За прв пат во историјата за трофејот ќе се борат две англиски екипи, а воедно ова е и трето финале во кое ќе играат тимови од иста земја. Претходно, италијанските тимови Јувентус и Милан во 2003 – та година се бореа за трофејот, а првото финале на два клуба од иста држава се одигра 2000 – та година кога се сретнаа шпанските гиганти, Реал Мадрид и Валенсија.
Манчестер Јунајтед е единствениот тим кој досега во двата финални натпревари последователно има триумфирано, а ова е нивно трето финале во кое се најдоа по пауза од 9 години.
За разлика од „Црвените Ѓаволи, Челзи, ќе го одигра историско финале во ова натпреварување, откако претходно Мурињо не успеа да го донесе тимот до оваа фаза, а најголемата шанса ја имаше лани кога во полуфиналето по изведувањето пенали загуби од Ливерпул, истиот тим на кој Челзи му се реваншираше годинава, но под раководство на Грант.
Финалниот натпревар ќе го суди
Љубош Микел кој ќе има можност да го суди второто финале во кариерата, откако зад себе има судено на завршниот натпревар во купот на УЕФА во 2003 – та година каде се сретнаа Порто и Селтик.
Подготовки на Москва за финалето
За завршниот натпревар, над 15.000 полицајци ќе се грижат за јавниот ред и мир, а низ Москва ќе бидат инсталирани 65.000 видео камери за подобро следење на англиските навивачи кои започнаа со пристигнувањето во главниот град на Русија, а се очекува да бидат над 50.000.
Градските власти веќе ја отворија и телефонската линија за помош на фановите од британскиот остров. На линијата ќе се јавуваат руски полицајки кои го познаваат англискиот јазик, а ќе биде инсталиран и говорен автомат со поважните информации за навивачите.
За зголемена безбедност, покрај овие мерки, Москва веќе пушти и 700 автобуси наменети за англиските фанови и истите ќе поаѓаат од хотелите, а ќе одат до стадионот притоа застанувајќи на дел од најатрактивните локации.
Московските власти пресметаа дека финалето сепак нема да им донесе профит. Тие велат дека ќе потрошат многу повеќе од 1,2 милиони франци кои им ги дава УЕФА и 20% провизија од продадените билети.
Сепак, Москва не соопштила колкава ќе биде заработката на нивните сограѓани кои ќе треба да ги опслужат англиските навивачи со низа пијалоци и сувенири. Се претпоставува дека секој англичанец во себе ќе носи повеќе од 500 фунти, што пресметано со бројот на навивачи ќе значи вртоглави суми.