Често поставувано прашање, па да ги расчистиме работите:
Член 29 став 3 од Законот за прекршоците гласи: „Забраната на управување со моторно возило се евидентира во досието на возачот најдоцна во рок од 15 дена од правосилноста на одлуката и започнува да тече од денот на евидентирањето во возачката дозвола, односно во возачката книшка.“.
Член 268 од Законот за извршување на санкциите гласи: „(1) Правосилната пресуда со која е изречена санкцијата забрана на управување со моторно возило надлежниот суд и ја доставува на извршување на полициска станица за определено подрачје според местото на живеалиште, односно престојувалиште на сторителот на кој му е изречена оваа санкција. (2) Извршувањето на санкцијата од ставот (1) на овој член се спроведува со евидентирање во досието на возачот најдоцна во рок од 15 дена од правосилноста на одлуката и започнува да тече од денот на евидентирањето во возачката дозвола, односно возачката книшка, за одреден вид или категорија или во забрана на нејзино издавање на сторителот за времето за кое му е изречена (4) Изречената санкција забрана на управување со моторно возило се запишува во казнената евиденција.“.
Од цитираните законски одредби со сигурност може да заклучиме дека НЕМА РОК во којшто МВР мора да ја евидентира (запише) забраната на управување со моторно возило во возачката дозвола, односно во возачката книшка. МВР само ти испраќа покана за да ти ја запишат забраната во дозволата, односно книшката и толку. Рокови кога мора да се јавиш на поканата нема. Сепак, забраната како таква стои во досието на возачот и казнената евиденција во МВР.
Е, тука веќе настанува проблемот.
Во член 341 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е наведено: „(1) Полицискиот службеник на самото место привремено ќе го исклучи од сообраќај и ќе му ја одземе возачката дозвола на возачот кога: ... - ќе утврди дека му е изречена прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, а забраната не е запишана во возачката дозвола, односно во возачката книшка;...(6) Возачката дозвола одземена согласно со одредбата од ставот (1) алинеја 3 на овој член, се доставува до надлежната организациска единица во Министерството за внатрешни работи која истата ја издала.“.
Од овие законски одредби може да го заклучиме следново: Ако не дај боже ве фатат како возите без запишана забрана во возачката дозвола, односно возачката книшка, полицаецот ќе ти ја земе возачката дозвола и ја носи во МВР за да ти ја запишат забраната.
И во едниот и во другиот случај, забраната тече од моментот кога е запишана во возачката дозвола, односно возачката книшка.
Само да ви напоменам дека казната за возење на возило за време додека трае забраната за управување со моторно возило е 500 евра или 65 негативни бода и задолжително се изрекува повторно истата забрана, ама овојпат во траење од 6 месеци до 1 година.
Се надевам дека ги разјаснивме работите околу фамозната санкција: забрана за управување со моторно возило.
Поздрав.