1. Се било како во реалноста, како баш во тој момент во кој спиев, ама буквално се!
Се наближува и над моето тело застанува една премногу густа маса од сенки (сигурна сум дека беа три иако, како намерно да сакаа да помсилам дека е една), дел од неа се стреми кон мојот врат, а другите две се вгнездуваат во срцето... добивам астрална информација дека сакаат да ми ги нападнат тие ен. центри... се престрашувам и почнувам да покажувам напори да се разбудам (знам дека сонувам, а на моменти како да не знам). Не можам никако да разбудам, се гушам... мислам дека целиот тој период реално немам дишено или едвај сум се изборувала да дојдам до мал здив. После толкава борба со нив, несетно ја напуштам собата и сакам да ги разбудам моите родители, да им кажам што се случува, да престанам да се плашам покрај нив... но тие никако не се будат, или незаинтересирани, продолжуваат да спијат во различни соби. Така неколку пати, и целото тоа време додека станувам и ги барам мислам дека сум будна. И упорно пак се наоѓам во креветот заробена од сенките, пробувам да ги тргнам од мене, им се дерам, веќе не се плашам од нив, само сакам да си одат и да ме остават да дишам... веќе сум на самиот праг да престанам засекогаш да дишам... и некако како целосно да се одделив од од нив, кога за последен пат почувствував дека сум будна. Го викам татко ми, тој ѕирка од вратата, јас емоционално еруптирам од среќа што сум се ослободила од “нив“, си зборувам со татко ми, му викам да излезе од собата... ја отварам неговата врата бидејки тој не знам зошто не го стори тоа, и што да видам зад него и во целата соба: икони на сите страни, како мини црквичка... ама на иконите ги немаше светците, т.е. на прв поглед тоа беа вистинските светци, ама нивните ликови се губеа веднаш после тој поглед и се помрачуваа, а ги задржуваа истите силуети... И јас тука почнувам да му се дерам на татко ми: “Пак ли се молеше? Ти реков ли?! Ти реков ли да се молиш?! Ти ги донесе тука! Цело време ти велам дека тие ми го прават тоа, а тебе воопшто не те интересира/м!“, и го земам за рака и го носам со трчање подалеку од тука. Бегаме, сакам да го спасам него повеќе, отколку мене... и трчаме на едно место што е всушност дворот од школото каде јас учев средно. Тука ни се придружува една готска дама на која јас некако и љубоморам бидејки се сомневав дека му е љубовница на татко ми. И го натерав татко ми да ми ја признае вистината, тој се заколна (не се сеќавам дали дека му е или дека не му е љубовница)... и сите тројца влеговме во една бела сала или така нешто. И тука зборуваме нешто, се осеќаме безбедно... и наеднаш ја кревам главата и салата почнува да наликува или се трансформирала во црква. Јас повторно се иритирам, и иако изморена од идејата дека “тие“ никогаш нема да не остават на мира, почнувам да се тепам и да мавам со тупаници низ воздухот. Делуваше како дека се е чисто, но јас како да знаев каде се тие, и на тие места и мавав. За момент се свртев и го здогледувам татко ми закачен на еден од ѕидовите како пајак, од другиот ѕид ми зборува 2Д портретот на мојата професорка по биологија и ми вели дека треба да бидам истрајна и издржлива како моето внуче (и тоа се најде до мене), дека само така ќе успеам.
Мислам дека тука се заврши.
2. Имало некоја прослава во дворот од нашата куќа, многу народ... мислам дека во чест на сестра ми. Ама јас не можам да бидам потполно среќна затоа што во истиот ден бил погребот на дедо ми, наводно тој починал пред 2 недели (во реалноста тој почина ова лето). Телото сме го чувале во сандак во кадата, не сум отишла да го видам, но знаев како изгледа: некако посивено, отворени очите и устата, по некоја пајажина... навистина сум се чувствувала многу лошо што телото било принудено уште да чека и да се уништува. Сум влегла во собата од баба ми и дедо ми, сум барала нешто... во тој момент тотален молк во дворот, и наеднаш ми се расчистува глетката кон сестра ми, која станала од масата за да испее некоја нејзина композиција. Музиката започнала... така длабока и прекрасна... но сестра ми од трема не можела ни уста да отвори... се откажа, си седна. Во тој момент пак се наведнувам и барам нешто (не на подот), и тука влегува еден дечко, маж (знам за кого се работи, но никогаш во животот не сум го видела физички, ни слика...), ми зборуваше нешто и се вртам одзади и гледам три зелени, со цветно-шумски дезен, фустани, и трите деколтирани, отворени... ми рече: “Разголи се!“.
И после пак барам на истото место, влегува друга личност и ме прашува кога ќе биде погребот, јас сум и одговорила нешто вака: “Првин забавата, после ’аватарот’!“, и во тој момент повторно го видов во мислите телото на дедо ми, пак истата замисла...
3. Не се сеќавам на почетокот на овој сон, ама мислам дека бегав од нешто цело време, нешто не беше во ред атмосферски. Во куќата од другите баба и дедо го здогледувам покојниот дедо, тој цело време ми ги гали рацете, се смешка, пресреќен е, ми зборува со погледот, со полни очи сјај... сме се приближиле кон нестабилната тераса од куќата, сме биле на самиот раб од вратата... “Дедо ми“ погледа надолу, со поглед ме замоли да скокнам. Јас почнав да се сомневам дека тоа е тој, и јас со поглед го замолив тој прв да скокне, и скокна... неговото тело не падна на подот туку астрално помина преку него и исчезна... Не се сеќавам добро што потоа се случи.
Во продолжение трчам кон едно место каде во реалноста има болница, тука се случуваат некои воени конфликти, бомби од сите страни, бркотници... меѓу напаѓачите беше и таткото или братот на една, едвај, познаничка, која исто така бега од напаѓачите. Јас се упатувам кон едно паркирано возило, ама гледам прво неа да ја сокријам под него, па за мене ако се најде место, се најде. И така и јас без некој проблем се сокрив тука... таа личност исчезна... и чувствувам дека нештата надвор се поопасни од кога и да е. Излегувам од таму и наеднаш се стрчувам неприметливо кон една куќа, сум знаела добро каде одам, “сум била тука и порано“... Во дворот било потемно отколку надвор, и по патот одминувам едно ВЦ, имало жена внатре... и поместувам една мала, стара, распарчена порта и одеднаш се наоѓам на тоа место што сакав да отидам, веднаш до жената, само од другата страна. Тука беше најтемно, мислев дека никој не би можел да ме пронајде... беше како еден карпест пат (0,5 м широчина, едвај стоев) кој го заобиколува тој дел од имотот, под него би требало да се наоѓа или порано течела една тесна река... Жената ме осети, ја подаде главата кон мене и мислам дека ме виде. И покрај тоа што се повеќе се оддалечував од портичката и се повеќе и повеќе одев кон темницата, која беше попријатна отколку целата таа атмосфера во претходните сцени со конфликтите... мислам дека и не ме плашеше, само сакав да бидам што е можно подалеку од “прогонувачите“. Не се сеќавам добро, ама мислам дека таа почна да вика, и претпоставувам дека би продолжила во бегство, ако сонот веќе би требало некако да продолжи.