Која е дефиницијата за средна класа? Кој тоа спаѓа во оваа категорија граѓани? По некоја ригидна економска логика тоа наводно е средината меѓу 20% од најсиромашните и 20% од најбогатите во државата. По оваа логика најголем дел сме средна класа, а ова е уствари една груба математика која се однесува за развиените земји каде јазот меѓу богатите и сиромашните не е толку изразен како кај нас. Кај нив, горе-долу постои некаква средна класа, за разлика од кај нас, која е благо речено фиктивна и постои само во главите на Тевдо и Заев во сразмер од 2%.
По некои си истражувања средна класа е кога од целата плата што ја земате месечно ви останува 1/3 или некаде околу 20-30% заштеда откако ќе ги помирите основните трошоци за живот, т.е сметки, храна, облека, станарина...
Е сега нека ми каже некој дали откако ќе ја земе платата на први до крајот на месецот му остануваат 20% од неа вишок како заштеда. Дали воопшто постои таков човек во државава?
Друга работа што не е прецизирана. Се зборува за праг од над 1000 евра плата од каде започнува средната класа кај нас, според логиката на Тевдо и Заев. Ова држи до некаде вода ако станува збор за една особа со толкави примања која живее сама. Работата е што има многу што со овие примања издржуваат цели фамилии, се единствен извор на средства во домот. По која логика ова е средна класа?
Ако сите се вработени и просечната плата во државата се движи во интервалот до кај 1000 евра, тогаш можеби и има логика, но со просечна плата од нешто над 20 илјади денари апсурдно е да се говори за средна класа кога "потрошувачката кошница" за четири члено семејство во државава, за да го преживее месецот, изнесува над 32 илјади денари.
Значи 32 илјади денари ви е прагот каде што завршува екстремната сиромаштија и почнува преживувањето. 4 члено семејство со примања од 1000 евра по кој основ ги исполнува условите во дефиницијата за средна класа? Тука нема збор за средна класа, туку горен праг на сиромаштија. Не преживувате, туку живеете релативно скромно. Не се плашите дека нема да имате за храна и облека, можете да ги подмирите комуналиите и евентуално да си дозволите одмор еднаш годишно. Меѓутоа не да заштедите за нов стан, за подобро образование за вашите деца, за нов автомобил, за одмор од соништата, за отварање на бизнис...
Кај нас овие работи се непоимливи и тешко остварливи за семејство со примања од 1000 евра месечно. Кај нас погрешно се толкува дефиницијата за средна класа. Ние сме научени да преживуваме и секој оној кој малку подобро се снаоѓа во таа борба по дифолт е средна класа, а ниту одблиску не ги исполнува горенаведените критериуми.
Апсурдно е да се говори за средна класа кога имате над 20% невработеност, околу 50% од тоа младинска невработеност, просечна плата под прагот на месечната потрошувачка кошничка за 4 члено семејство, GINI коефициент највисок во Европа...
Па уште вели тие 2-30 милиона што ќе се собереле на годишно ниво од прогресивното оданочување ќе се искористеле за покачување на социјална помош, бесплатно лекување...
Се нервирам ептен, ова стварно вреѓа интелигенција. Ќе треба да пишам навистина една докторска дисертација зошто е ова глупост невидена. А стварно имам за пишување.