Опасно „мрси“ и Регулаторната комисија за енергетика!
Високи плати во РКЕ, дневници за службени патувања, надоместоци, репрезентација, семинари… Згора и нова барокна зграда.
Рада И. Маневска ● 20:07 12 декември 2017 ● Прочитано 6833
Иако лани, како што наведува во својот Годишен извештај за работа, Регулаторната комисија за енергетика штедела, таа сепак потрошила 508.256 евра за плати за вработените. Во ова регулаторно тело, според последните податоци од Годишниот извештај, има вкупно 31 вработени, од кои 7 се членови на Комисијата, а останатите се вработени во секторите. Платите на членовите на комисијата и на другите вработени, според систематизацијата, не се исти, но во отсуство на информација за поединечните износи, нашите груби пресметки говорат дека во просек, лани секој вработен во оваа Комисија примил 16.395 евра, односно месечната плата од 1.366 евра.
Лани оваа Комисија исплатила вкупно 49.655 евра за дневници и за службени патувања и дополнителни 5.050 евра за интелектуални и други услуги. На челновите на Комисијата за жалби од областа на енергетиката им се исплатени 5.907 евра. Дополнителни пари Регулаторната комисија за енергетика потрошила и за надоместоци за трошоците на вработените и тоа вкупно 22.143 евра.
Дали Комисијата и лани, како и во изминатиот период, делела бонуси на вработените, нема официјални податоци, но неофицијално се говори дека практиката востановена од порано продолжила.
Репрезентација, семинари, нова кола...
Лани претстедателот на РКЕ, Димитар Петров и тројца членови на Комисијата добија кривични пријави од Министерството за внатрешни работи, за злоупотреба на службена положба и овластување, поради сомнение дека го оштетиле буџетот за износ од над 130.000 евра. Тие , според МВР, во текот на 2012 година донеле Одлука со која се одобрува исплата на плата на сите вработени во износ од 100 отсто од нивната плата, со што била исплатена вкупна сума во износ од над 22.000 евра. Оваа одлука, според МВР, е во спротивност од Правилникот за плати на РКЕ, според кој работната успешност на секој вработен се пресметува најмногу во износ зголемен или намален за 10 отсто од основната плата.
Според Извештајот за работа, регулаторите лани не штеделе ниту на репрезентација. За оваа намена тие потрошиле 11.534 евра, додека пак за семинари, кои најчесто ги одржуват во Боровец, Бугарија, како и за судски трошоци, трошоци за стручна литература и за регистрација на возила, се потрошени 11.302 евра.
Дека луксузирањето на вработените во ова регулаторно тело не сопрело говори и податокот дека за такси превоз ,телефонски и поштенски услуги како и за интернет лани се потрошени 60.855 евра. Но, освен тоа, во годишниот извештај за работата на регулаторната комисија за енергетика за лани стои дека се одвоени 120.245 евра за закуп на деловни простории и закуп на стан за член на Комисијата.
Комисијата лани купила и моторно возило за што издвоила 27.317 евра.
Вкупно 1.219.952 евра регулаторите потрошиле за новата барокна административна зграда пред да се вселат во неа. Оваа зграда се гради неколку години и се проценува на 15 милиони евра.
Регулаторната комисија за енергетика лани остварила вкупни приходи од 2.803.389 евра, а во текот на годината потрошила 2.123.954 евра. Неискористените парични средства во износ од 679.435 евра кои останеле непотрошени се пренесени за трошење за годинава и, како што се наведува во Извештајот, ќе се искористат за довршување на изградбата на административниот објект - јавна администрација „Лазар Поп Трајков”.
Инаку, Регулаторната комисија за енергетика се финансира од сопствени извори на средства, преку наплата на годишен надоместок од вкупниот приход од носителите на лиценци за вршење на енергетска дејност и преку наплата на надоместок за издавање на лиценци. Од лани РКЕ наплаќа и поголем процент, односно 0,052 отсто од вкупниот приход од енергетските компаниите кои имаат лиценци.
Дополнителни финансии доаѓаат и од еднократна наплата на паричен надоместок за трошоците направени во постапката за издавање на лиценци за вршење енергетски дејности.
Членови на Регулаторната комисија за енергетика се: Димитар Петров, претседател, Куштрим Рамадани, заменик претседател, како и Видан Кулевски, Светлана Јаневска, Елена Маркова-Велинова, Дејан Бошковски и Енвер Ељмази како членови.
Кој е кој во РКЕ?
Иако ова тело треба да биде независно, партиската припадност на неговите членови не го гарантираат тоа. Димитар Петров е претседател на РКЕ од 2009 година. На оваа позиција дојде од Кратово, каде беше потпретседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и работел во ЕВН Македонија. Тој во еден период беше незаконски претседател на Комисијата, бидејќи и покрај изминат мандат, раководеше со Комисијата една ипол година.
На јавноста и е познато и дека битолчанецот Видан Кулевски, пред да биде назначен за член на Комисијата, работел како член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, а во 2007 година бил и член и на Надзорниот одбор на државната ЕЛЕМ. Во комисијата се и Куштрим Рамадани, кој исто така доаѓа од ЕВН Македонија. Светлана Јаневска претходно работела во Министерството за финансии. Елена Маркова-Велинова, пак, е дипломиран електротехнички инженер и работела во ЕВН Македонија во секторот за нови приклучоци како и во Министерството за економија, односно во техничкиот инспекторат.
Лани во комисијата се именувани Дејан Бошковски - поранешен прв човвек на ЕЛЕМ (2012-2016) и челн на ВМРО-ДПМНЕ. Бошковски, веднаш по промената на функцијата во ЕЛЕМ, е избран за член на РКЕ, што пак е спротивно на актуелниот Закон за енергетика, кој поради конфликт на интереси предвидува меѓу две вакви функции да има период од најмалку една година. Бошковски инаку е првоодсомничен во случајот „Тарифа“, што го води Специјалното јавно обвинителство, за јавна набавка од 2014 година. Од лани член на Комисијата е и Енвер Ељмази од ДУИ.
Плусинфо се обиде да добие изјава од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика за да добие одговори на прашањата дали и лани регулаторната комисија поделила бонуси на вработените и колку партиската припадност на членовите влијаела на работењето, но и покрај упорното барање на неговиот телефон, тој не одговори на повиците. Се надеваме на повеќе среќа во текот на утрешниот ден.
http://www.plusinfo.mk/vest/137019/opasno-mrsi-i-regulatornata-komisija-za-energetika