http://prizma.mk/vladata-vmro-dpmne-dale-rechisi-polovina-milion-evra-za-propaganda-vo-stranstvo/
Владата и ВМРО-ДПМНЕ дале речиси половина милион евра за пропаганда во странство
За промоција на угледот на партијата и државата, исплатени се речиси половина милион евра на британска, германска и американска компанија
Речиси 220 илјади евра платила Владата на чело со техничкиот премиер Емил Димитриев за „услуги за менаџирање на угледот и имиџот на Македонија пред општествената, политичката, економската и медиумската јавност во светот“ пред и по парламентарните избори во декември .
Договорите се склучени со две компании, британска и германска, во ноември 2016 година, во времетраење од три месеци, но дури денеска се објавуваат на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, речиси половина година по склучувањето на договорот и 3 месеци по неговото завршување.
На веб-страницата на Бирото за јавни набавки не е објавен ниту огласот, па невозможно е јавноста да види точно какви услуги се барале на тендерот. Според објавените договори, единствено може да се прочита дека британската и германската фирма нуделе услуги за менаџирање на угледот и имиџот на државата.
Договорот со британската
Mercury International UK Limited тежи речиси 130 илјади евра и е склучен на 21 ноември 2016 година. Истиот ден, се склучува договор од 90 илјади евра со германската
FleishmanHillard Germany GmbH.
Британската компанија Mercury International UK Limited е формирана во 2015 година во Лондон, но директорите потекнуваат од САД и од Русија. Директорот од Русија, Кирил Гончаренко, според документите на оваа компанија, во март годинава ја менува националноста од Русин во Американец.
За германската компанија, пак, според она што е објавено на нивната веб-страна, може да се види дека има свои седишта во повеќе градови во Германија и се занимава со маркетинг, финансиски и професионални услуги, истражување на јавно мислење и стратешко планирање.
Истовремено, токму во периодот пред и после изборите, тогаш владејачката ВМРО- ДПМНЕ ги активира услугите на американската пи-ар компанија
Дашл груп за застапување на интересите на партијата пред преставниците на владата на САД. За ангажманот и активностите во периодот од ноември 2016 до јануари 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ на Дашл груп ѝ платила вкупно 240 илјади долари.
Според објавениот извештај на страната на американската Државна агенција за регистрација за странски соработници на американското Министерство за правда (ФАРА), Дашл груп за интересите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, на 28 ноември испратила писмо, а на 1 декември имала телефонски разговор со помошник американскиот државен секретар задолжен за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд, потоа преписка и разговори со службеници од канцеларијата на сенаторот Боб Коркер, сите без исклучок посветени на темата – избори во Македонија.
Контактактите и лобирањата на „Дашл груп“ во полза на интересите на партијата продолжуваат и по завршувањето на изборите. Последниот ангажман регистриран во извештајот датира од 6 јануари 2017 година.
Овој извештај ги сумира клиентите на ФАРА за три клиенти, Владата на Јапонија, на Тајван и за партијата ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од Токио и Тајпеј, кои за консултантските услуги плаќаат 150 илјади долари, односно 125 илјади долари, ВМРО-ДПМНЕ плаќа повисока сума за околу 100 илјади долари.