Kризата како шанса?
Ако македонскиот јазик не биде зачуван како единствен официјален јазик на ниво на целата земја, нема да има што ќе нѐ сврзува.
Дали тековната длабока криза може да се сврти во корист на Македонија и, по овие повеќемесечни превривања, дали сѐ уште имаме сили да свртиме нова страница и да градиме подобра иднина? Јас сум оптимист дека секогаш има шанса, иако ситуацијата е навидум безизлезна. Тоа што ми дава надеж е дека мнозинството граѓани од сите етнички заедници во државата се за заеднички живот и градење подобра иднина, колку и да се трудат нашите партиски „лидери" да не поделат и раскараат.
Кои се фактите? Македонија со месеци и години се врти во еден маѓепсан круг кој мора да се прекине. Имено, главен генератор на кризата се партиските лидери кои направија бројни грешки изминатите години, но и трапавиот и недоволно осмислен, стихиен и неплански пристап на „меѓународната“. ВМРО-ДПМНЕ последните години се посвети на приоритети кои, според многу аналитичари и интелектуалци, не беа најважни за земјата, се случија големи корупциски скандали... СДСМ играше на картата на протести и негативна енергија, наместо на позитивното и нудење на подобра алтернатива, а најголемата грешка беше предизборното и постизборното пазарење на нивниот лидер Заев со партиите на албанското малцинство и албанската дијаспора. Со тоа тој ги поттикна националистичките соништа кај македонските Албанци и Албанците во целиот регион кои резултираа со т.н. тиранска платформа која крајно ги затегна односите меѓу двете најголеми етнички заедници во државата - македонскиот народ и албанското малцинство и ја блокира работата на парламентот, изгласувањето на новата влада...
Константа цело ова време е нескриената нетрпеливост и омраза меѓу двајцата лидери Груевски и Заев, односно антагонизмот меѓу приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кој ги поткопува темелите на државата и остава отворена врата за мешање во нашите внатрешни работи. Во претходната колумна повикав на помирување и заеднички став меѓу двете најголеми македонски партии во врска со т.н. тиранска платформа, исто онака како што заеднички став изградија партиите на македонските Албанци. Посебно што оваа платформа не помина кај мнозинското население во државата и е откриена нејзината перфидна идеја и разурнувачка моќ доколку се прифати. За жал, ова помирување сѐ уште не се случило и нема изгледи дали ќе се случи, а е толку потребно во овие кризни моменти.
Доколку партиите што и мислат добро на Македонија се оттргнат од теснопартиските интереси и беспоштедната борба кој да дојде на власт, јас би ги предложил следните чекори за смирување на состојбата и одведување на земјата во помирни води:
1. Факт е дека најголемото малцинство во земјата ужива огромни права и во сите средини во кои македонските Албанци се мнозинство, па дури и во општини во кои нивниот процент е незначителен, постои двојазичност на повеќе нивоа, но и на централно ниво. Мое мислење е дека албанскиот јазик е непознат за поголемиот дел од македонските граѓани и партиите на албанското малцинство треба да предложат нова политика со добронамерен и разумен пристап да се предложи позначително, но доброволно, изучување на албанскиот јазик секаде каде што има простор. Истовремено, овие партии мора да признаат дека во една мала и унитарна, но мултиетничка држава, мора да има еден јазик кој ќе биде мост меѓу сите заедници во државата и јазик на разбирање на сите, а таа улога може да ја има само и само македонскиот јазик, кој го зборуваат најмалку 65% од населението. Затоа нема смисла и е нелогично да се зборува за целосна рамноправност на македонскиот и албанскиот јазик, имајќи ја предвид улогата која македонскиот јазик треба да ја игра во државата. Ако македонскиот јазик не биде зачуван како единствен официјален јазик на ниво на целата земја, нема да има што ќе нѐ сврзува меѓусебно и нема да можеме да комуницираме и поделбите и понатаму ќе се продлабочуваат (освен ако, за жал, токму тоа не е целта на тие што бараат промени и дискусии по ова прашање).
2. Грбот, знамето и химната се работи за кои може да се дискутира, бидејќи сме демократско општество, но како што пишував и претходно, грбот и знамето не се етнички симболи и сонцето, планините и реките не се исклучиви симболи на ниту една заедница во државата, па затоа нема ниту логика да се менуваат во нешто што би ги одразило етничките заедници во државата, бидејќи ќе се постават безброј прашања: дали треба да се стави лавот кој би бил најголем, дали да се стави и орелот и дали тој треба да биде повеќе од дупло помал од лавот, дали орелот треба да го поделиме на два дела, со тоа што левата страна би ја претставувал албанската заедница, а десната страна српската заедница во Македонија, што со симболите на Ромите, Власите, Бошњаците итн? Мислам дека ја сфаќате поентата што би се случило доколку влеземе во ваква дебата. Мое мислење е дека ова не е најважното прашање во државата и дека само ќе произлезат уште поголеми проблеми ако почнеме расправија и по овие прашања и дека сегашните решенија се сосема доволни, често менување на симболите на држава не е добар знак и сугерира непостојаност и привременост (освен ако, за жал, токму тоа не е целта на тие што бараат промени и дискусии по ова прашање).
3. Еднострано извинување за жртвите од наводен геноцид врз Албанците од 1912 до 1956 не може да има, бидејќи ваков геноцид не е научно докажан и е непознат во научните кругови, посебно и што бројот на албанското население на овие простори е неколкукратно зголемен токму во тој период (како е тоа можно ако се работи за „геноцид“?), па така ова прашање треба да се остави настрана, бидејќи повлекува и многу други прашања: дали не треба да се побара извинување и од кого за жртвите на балистите во Втората светска војна? Дали не е сега моментот да се побара извинување од ДУИ како политички наследник на ОНА за жртвите од конфликтот од 2001, посебно на цивилното население, но и на војниците кои настрадаа во овој безумен конфликт?
4. Во Македонија приоритет е запоставената економија, сообраќајната инфраструктура, квалитетот на воздухот во поголемите градови, запоставеноста на помалите градови на сметка на Скопје, лошиот квалитет на образовниот процес и состојбите во здравството, закоченоста на евро-атлантските интеграции... Во наредниот период новата влада треба да се посвети токму на овие прашања кои ги мачат сите граѓани, а не да се расправаме за точките од погоре кои навистина не се приоритет.
5. Бидејќи главен генератор на кризата е борбата за власт и поделбата меѓу партиите, во моментов веројатно не е најпаметно да се распишуваат нови избори, бидејќи поделбата повторно ќе остане, и протестите и несогласувањата ќе продолжат, освен ако не се договориме како ќе продолжиме понатаму.
6. Сите овие заклучоци да се преточат во една македонска платформа зад која ќе застанат сите поголеми партии во земјата, со што ќе покажеме единство и ќе го обединиме народот кој е страшно поделен и огорчен. На тој начин т.н. тиранска платформа ќе биде ставена „ад-акта“, како лош пример како моноетнички платформи може да го нарушат мирот и просперитетот во една повеќеетничка средина. И секако, Месила Дода и сличните на неа под итно да се прогласат за персона нон грата во земјата (што за - „Месила", тоа јадела) колку и да се пенават и беснеат со нивните фашистички изјави.
7. Реализацијата на оваа mакедонска платформа треба да се спроведе од влада на широка коалиција или експертска влада која би била предводена од независен експерт (како во случајот на владата предводена од Никола Кљусев), со што би се оставил простор за внатрепартиски реформи во кои најголемите партии би расчистиле со криминалите, корупциите кои ги пратеа сите овие години и би се оставил простор за избор на нови, чесни, професионални и посветени лидери кои земјата може да ја одведат во нов и позитивен правец. Груевски предолго време беше на власт, видовме колку може и што му се приоритетите и време е да отстапи место на некој друг, а Заев со неговото кокетирање со албанските интереси, нестабилност и недоволно почитување на интересите на мнозинскиот народ во земјава си ја запечати својата политичка иднина. Во ваква констелација тој не може да биде премиер наспроти волјата на мнозинското население во земјата и време е да му се каже "чао", исто како и на бледите и истрошени ликови без трошка национално чувство и самосвест заради кои народот никогаш не може со чиста мисла и совест да гласа за оваа партија.
Само нова и независна влада, широко поддржана од најголемите партии и мнозинството граѓани може да ја извади земјата од криза. Престанете да се надевате на странските политичари, амбасадори и други ликови од типот на Бејли, Ванхојте и сличните на нив, тие единствено што прават е што си тераат нивна агенда за нивни интереси, тие ниту не сакаат ниту сакаат да ни помогнат. Зошто се однесуваме како недораснати и чекаме некој друг да ни ги реши проблемите?
8. Една од првите задачи на новата влада е да покрене иницијатива во Советот за безбедност при ОН за името како безбедносно прашање од најголем приоритет за нашата земја и да се побара, заради уништувачкиот карактер на привремената референца ФИРОМ која не само што е навредлива, туку почна и обилно да користи од сите кои не ѝ мислат добро на земјата (политичари и потпалувачи на огнот не само од Грција, туку и од Албанија, Бугарија, Србија итн), а и дезинтегративната улога која ја игра овој спор за нашата држава и самото опстојување на македонскиот народ и идентитет на Балканот, конечно да се отстрани референцата и да се прифати вистинското име на земјата - Република Македонија, за целокупна употреба (ерга омнес што би рекле Грците), со што конечно ќе се реши 20-годишниот спор и ќе се отстранат причините за грчката отворена агресија врз нас која трае со години (смешно и трагично е што целиот овој период токму Грците нас нѐ обвинуваат за иредентизам и национализам, по стариот принцип - нападот е најдобра одбрана).
9. Истовремено, новата влада ургентно треба да побара Советот за безбедност на ОН да ја осуди т.н. тиранска платформа и да престане мешањето во нашите внатрешни работи од соседните земји, во кое засега предничи Албанија, но да не ги заборавиме и Грција, Бугарија, Косово и Србија.
10. Бидејќи сите релевантни ЕУ и НАТО институции признаваат дека земјата е во криза и се претвора во геополитички проблем, новата влада ургентно да побара од нив веднаш да престанат „со молчење" да поддржуваат платформи и политики кои ја разгоруваат поделбата и омразата во земјата и веднаш да почнат пристапните преговори за влез во ЕУ и земјата по кратка постапка да стане член во НАТО. Само на овој начин меѓународната заедница вистински може да помогне земјата да се оправи, да застане на нозе и да се посвети на вистинските проблеми и приоритети.
Тони Димитровски