Пита на поинаков начин
Состојки
- 350 мл млеко
- 100 мл вода
- 600 гр брашно
- 20 гр свеж квасец
- 1 и 1/2 лажиче сол
- 100 гр маргарин и 5 лажици масло (за премачкување)
- спанаќ и сирење за фил
Подготовка
Најпрво ставете го квасецот во топлото млеко, заедно со водата и оставете го така дваесетина мин. Потоа ставете го брашното и солта и измесете меко тесто. Тестото поделете го на три дела.
Сега земете еден дел од тестото и исучете го што потенко можете во правоаголна форма. Префрлете го на некој кујнски чаршав и испрскајте го со половината од стопениот маргарин измешан со маслото.
Потоа исучете го и другиот дел и ставете го преку првиот. На него ставете го филот од обарен и исецкан спанаќ, промешан со сирењето ( можете плус едно изматено јајце да ставите во филот за да добиете поубава хомогена смеса).
Одозгора ставете го и исучениот трет дел од тестото. Испрскајте го со другиот дел од смесата со маргарин.
Сега од лево и од десно преклопете го тестото, па одгоре и оддолу, да се добие нешто како плик
Пликот што ќе го добиете префрлете го во плех покриен со хартија, со преклопот одоздола.
Одозгора премачкајте ја питата со жолчка промешана со а лажиче масло, пресечете ја на 8 триаголници и украсете ја со семки. ( јас користев само сусам )
Вклучете ја релната на 180 с. и додека се загрее, питата малку ќе скисни.
Печете додека убаво не се зарумени, отприлика 40 минути.
Јас ја имам оваа рецепта малку поодамна и ја имам правено и со друг фил. Последниот пат ставив печурки, моцарела и ајдамер и беше исто вкусна, па најверојатно трпи секакви варијанти во филот.