Девојкава е една од оние кој многу добро го познаваат меѓународното право и ако не се лажам учествуваше како дел од тимот во Хаг кој го доби случајот, па повелете:
(Де)криминализациJа на клеветата
Пресудата од Хаг и пристапот во ЕУ
Процедурата за пристапување кон ЕУ е зацртана во Договорот на ЕУ и критериумите од Kопенхаген. Името, како такво не претставува формален критериум за пристапување кон оваа институција. Согласно со меѓународното право, името на државата е суверено право на секоја држава и дел од нејзиниот правен персоналитет, така што секое интервенирање во оваа област според науката, но и практиката се смета за мешање во внатрешните работи на одредената држава. Во нашиот случај, ова претставува злоупотреба на институционалните механизми на одредена земја-членка, односно на Грција, за туркање свои билатерални прашања. Иста ваква злоупотреба постоеше во времето кога Република Македонија бараше признавање од тогашната Европска заедница (ЕЗ), чија одлука беше спротивна на Бадинтеровата комисија формирана од самата ЕЗ, а која работеше врз основа на правни принципи и критериуми.
Правните и формално воспоставени критериуми во однос на Република Македонија, 20 години потоа повторно не се почитувани, во време кога земјата бара пристапување кон ЕУ. Од една страна, Република Македонија трипати последователно добива позитивна препорака од Европската комисија во поглед на почнување на пристапни преговори, а од друга заклучоците на Советот на ЕУ се формулирани со поставување на дополнителни услови кои што никаде не се предвидени. Дополнително, Советот на ЕУ сам себеси си дава мандат за нешто за што воопшто не е овластен да дискутира, бидејќи ова спаѓа во доменот на Обединетите нации (ОН). Текстот на овие заклучоци е следен: „Одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи преговарано и заеднички договорено име...останува есенцијално“.
Прашањето е што значат овие заклучоци во контекст на пресудата донесена од страна на Меѓународниот суд на правдата во декември минатата година, а која беше афирмативна во однос на Република Македонија. Иако тужбата и потоа пресудата од Меѓународниот суд на правдата се однесува на повреда на Привремената спогодба, односно член 11 (1) како резултат на спречувањето за пристапување кон НАТО, сепак наоѓањата во самата пресуда може и треба да се стават во поширок контекст. Односно во поглед на нашите европски интеграции.
Во тој правец треба да се погледне член 11 (1) од Привремената спогодба. Овој член претставува единствена суштинска обврска на Грција преземена со потпишување на спогодбата. Уредува дека Грција нема да го попречува членството на Република Македонија во меѓународни и во регионални организации доколку тоа се прави согласно со резолуциите 817 и 845 на ОН каде што првпат е вметната привремената референца. Друго прашање и анализа е колку е ова во интерес и целисходно за Република Македонија, поради можноста за уште поголем притисок и уцена за уважување на грчките барања, еднаш веќе кога и формално ќе се најдеме - хипотетички кажано - во евро-атлантските структури.
Оттука релевантно е да се види дали членот 11(1) е применлив во однос на нашето пристапување кон ЕУ. ЕУ е регионална организација или поточно sui generis институција и според обично толкување на членот 11(1), влегува во тоа што е предвидено со него. Во тој правец релевантен е параграфот 43 од пресудата на судот од Хаг, кој го разгледува однесувањето и одговорноста на Грција во случајот со нашето спречување за влез во НАТО. Судот во пресудата не ја разгледува одговорноста на НАТО како колективна организација, туку единствено однесувањето на Грција, односно нашето спречувањето за прием, кое подоцна потврди дека е во спротивност на Привремената спогодба.
И покрај тоа што процедурата за членство во ЕУ е поставена во фази, сепак треба да постои аналогија и применливост на заклучоците од пресудата на Меѓународниот суд на правда, со тоа што се случува во ЕУ. Иако е невозможно да се бара одговорност од самиот Совет на ЕУ (и покрај тоа што селективноста и дискрециското одлучување не е основано на ЕУ-правото се поставува како проблем) во однос на разликите со Kомисијата по прашањето на отпочнување на преговорите. Сепак, во контекст на пресудата од Хаг одлуките донесени во рамките на Советот на ЕУ треба да бидат согласно со наоѓањата во пресудата. Ваквиот заклучок е важен поради две причини. Од една страна поради однесувањето на Грција како земја-членка која има одлучувачка улога во Советот на ЕУ каде што одлуките се носат едногласно и каде што владее принципот на солидарност. Актите и однесувањето на Грција како земја-членка мора да се во согласност со членот 11 (1) од Привремената спогодба, односно Грција не смее да го попречува и нашето интегрирање во ЕУ според заклучоците од пресудата од Хаг. Другата причина е во однос на почитување на самата пресуда, што не е правно обврзувачка освен за страните во спорот (Грција и Република Македонија) сепак според правото и Повелбата на ОН, ЕУ како таква треба да ја има предвид затоа што претставува регионална организација која мора да работи согласно со принципите и целите на Обединетите нации. Да не излезе дека во обид за солидарност кон Грција е соучесник во кршење на свои, но и останати меѓународни обврски.
Јана Лозановска
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=576FE178EF327349980CAA96244F6D89