Поздрав и до тебе
...
Си го копирав сопственото мислење од темата со предизвикот -
Прашките гробишта - Умберто Еко
Ова дело на Еко е всушност совршен показател за тоа како се ,,создава,, светски заговор и колку лесно се образуваат стереотипи, кои го обликуваат човечкото мислење во непредвидени насоки на движење на омразата кон одредени групи, дури до потреба од нивно целосно елиминирање од лицето на земјата...
Еко маестрално изградил сижејно дејство во кое раскажува за политиките, тајните служби (француски, италијански, руски, пруски...), аферите, меѓудржавните релации, масоните, језуитите, јудеистите, антисемитски настроените организации и поединци, заговорништвото, политичките интриги и сл. во текот на 18-от и пред се‘ најмногу во текот на 19-от век, на подрачјето на Италија и Франција.
Главен лик е капетанот Симоне Симонини, еден врвен интригант и ненадминат мајстор во занаетот на фалсификувањето, екстремно алчен за пари и прилично мизантропски настроен кон луѓето, кој ја смета омразата и презирот кон нив за природни, единствено што всушност љуби е – добрата кујна. Како пар екселанс измамник, во новелата тој е врбуван и работи за многу тајни служби, неретко и истовремено, уништувајќи го секој кој ќе му застане на пат немилосрдно, исто како што и немилосрдно ги користи сите за остварување на свои лични цели. Антисемитските чувства му ги всадил во глава, уште од малечок, неговиот роден дедо, па низ децении и децении Симонини ќе ги создава Протоколите, кои послужиле како рамка, за едно од најконтроверзните дела во човековата историја –
Протоколите на сионскиоте мудреци, кое што се смета како директна инспирација на Хитлеровиот етноцид врз Евреите, поточно за неговата силна пасија на нивно конечно и темелно уништување во логорите на смртта во текот на Втората светска војна...
Иако и денес има неонацисти кои се уверени дека текстот е автентичен, сепак, преовладува мислењето дека станува збор за обичен фалсификат, објавен во Русија од страна на Сергеј Нилус. Текстот, како што покажале анализите, е комплетен антисемистски препев на делото
Разговор помеѓу Макијавели и Монтескје на оној свет кое е напишано 1864 година од страна на францускиот сатиричар Маурицио Жоли (кој исто така се среќава како лик во делото). Тука ги среќаваме и Сигмунд Фројд, Лео Таксил, Дијана Вон, Драјфус, Виктор Иго и многу др. личности кои навистина постоеле... Се надевам дека ова е повеќе од доволно за да ги заинтригира љубителите на овој литературен жанр...