28. И ѕирка и проѕирка - Огнена Никуљски,
Антолог
Прегледај го приврзокот 440960
Секој има своја приказна. Ѝ се навраќа низ спомените, низ она што од мноштвото настани и чувства ќе исплива на површината на сегашноста. Во неа – врвулица луѓе, живи и починати, значајни и случајни. Ако ја одмолчи, може да си ја стокмнува по свое, секогаш различна, барем во нешто. Да се изземе себеси, да си се придодаде, да се разубави или нагрди. Ако ја стави на хартија, ја споделува за други да ја достокмуваат, по мерка на својата. Во мојава, дадена низ сликички, некој ќе се препознае, нешто ќе го мисли за свое, нешто ќе му се растајни, нешто ќе му се заплетка. Ликовите се и измислени и вистинити. Сличноста е и случајна и намерна. Читателот треба да домисли.
Никуљски е професорка по шпански јазик во пензија, книжевен преведувач, заљубеник во мајчиниот, македонски јазик. Родена е во Скопје, 1951 година. Студирала и докторирала на полето на шпанскиот јазик и литература во Перу. Долги години, речиси цел работен век, ги подучувала студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Воедно е и основач на студиската програма за шпански јазик и литература. Ги превела на македонски делата на многу значајни автори кои твореле на шпански јазик – Унамуно, Калдерон де ла Барка, Камило Хосе Села, Гиљермо Мартинес, Алан Паулс и многу други.
27. Девојката што ја наслика смртта - Андреа Мирческа,
Арс Либрис
Прегледај го приврзокот 440962
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што по сите книжевни параметри е на ниво на актуелната светска продукција во овој жанр.
Деветнаесетгодишната Јулија го напушта родниот Охрид и заминува на студии на Академијата за уметности во Загреб. Цимерката Филипа ја пријавува да учествува на изложба на нови, млади сликари, каде што го запознава студентот на архитектура Адам. На површина испливуваат мрачни тајни од комплексното минато на Јулија што силно ја разнишуваат нејзината романса со Адам. Предавства, сексуално малтретирање, убиства, нарушено ментално здравје... се само дел од низата предизвици со кои се соочуваат таа и другите ликови во овој роман. Ќе успее ли Јулија да ги собере и одново да ги состави скршените делови од себе и од своите блиски и да се избори за љубовта на својот живот?
Ова е накусо содржината на овој напнат, возбудлив и непредвидлив роман со кој Мирческа сериозно зачекорува на македонската книжевна сцена.
Андреа Мирческа е доктор со голема пасија за раскажување. Иако со заднина во медицината, нејзината љубов кон пишаниот збор е водечка сила во нејзиниот живот. Како ненаситен читател, таа црпи инспирација од различните светови и ликови кои се наоѓаат меѓу страниците на нејзините омилени книги.
Кога не е задлабочена во медицината или во некоја добра книга, Андреа сака да патува. Нејзините авантури ја поттикнуваат нејзината креативност, обезбедувајќи свежи перспективи и искуства што често се влеваат во нејзиното пишување. Претпромотивно ни открива детали за нејзината книга...
26. Неочекувано - Ана Мовска,
Арс Либрис
Прегледај го приврзокот 440963
„Кога настанал зборот неочекувано? Апстрактните поими сигурно датираат од поскоро време. Англискиот збор ’неочекувано‘ настанал во 1580 година. Значи, претходно дури и не можеле да ја искажат изненаденоста од неочекуваните нешта. Само се случувале и само ги прифаќале. И до 16 век, никој не смислил збор како да им го објасни тоа на другите. Неочекуваноста претставува мало чудо, од оние необичните настани што ги опишал Литлвуд. Неочекуваноста е моментот во кој сите се раздвижуваме, го поставу ваме прашањето за целта на животот и потребата да се промениме.“ „Неочекувано“ е дебитантски роман на авторката Ана Мовска. Во него е непретенциозно вплетен научен дискурс, за двојната приро да на сино-зелените алги кои ги има и на Марс, но и во Дојранското Езеро. Оваа кратка проза зборува и за заедништвото и за здружување то заради постигнување повисока цел, а срамежливо ја споменува и возбудата од првиот писателски обид, реферирајќи на самиот роман.
Романот влезе во најтесна конкуренција за наградата на Арс Ламина и Фондацијата „Славко Јаневски“, Пегаз за 2023 година. Името Ана Мовска со кое се потпишува авторката е псевдоним. Други податоци за неа, кој се крие зад псевдонимот и сл. до овој момент јас не успеав да најдам.
25. Во длабочината на моите рани - Благица Каревска,
Панили
Прегледај го приврзокот 440965
Ова е роман со потресна приказна што ги урива границите помеѓу фактот и фикцијата. Како спој на елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер, овој роман не е само поигрување со жанрот, туку и четиво какво што ретко, македонската читателска публика може да прочита од млад македонски автор. Проза што не дозволува читателот да биде рамнодушен и пасивен, туку со секоја нова страница кај него буди нови емоции и во исто време го поттикнува на активно читање.
„Во длабочината на моите рани“ од Каревска е роман во којшто нема класични протагонисти и антагонисти, затоа шо секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот. Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските, и со општеството, и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на уште многу не само на потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневјето. Притоа, си поигрува со местото и времето на случување на дејството – иако некогаш во овој простор во кој живееме сите, а некогаш во просторот во кој патуваат нашите души, всушност, вистинскиот хронотоп на ова дело е онаму каде што упатува и насловот – во длабочината на раните, во длабочината на душата…
Сите носиме рани и лузни во нашите души, но храброст и потфат е од нив да се создаде книжевност, онака како што тоа го прави Каревска. А одамна е речено дека вистинската книжевност се создава од/во тежок живот. Но сепак, иако тешка и потресна, приказната од романот „Во длабочината на моите рани“ завршува со светлина.
„Кога би можела мојата душа да зборува, би врескала. Кога би можело моето тело да осети вистинска болка, онаа душевната, би се распаднало. Го исплакав целиот свој живот без солзи. Без право на збор. Телото овде… А душата?! Каде е таа, прашувам без глас. Зар би можела да сакам со празно срце?“. Ова е дел од воведот кон книгата на Каревска. А по него следи сето она што читателот го тера да се соживее со ликовите, и тој поставувајќи си многу прашања, со душа што би вреснала, соочувајќи се со автобиографското и фикцијата поврзани во единство што нѐ поттикнува и ние да се препознаеме во лепезата на судбини што се меѓу кориците на оваа книга.
Инаку, Благица Каревска е родена во 1993 година во Волфах, Германија. Од раните детски години наваму живее во Скопје, каде што го завршува и своето образование, работи и ја бара смислата на животот. Нејзиното образование не е поврзано со книжевноста, ама сиот нејзин досегашен живот е поврзан со пишаниот збор – потребата своето јас да го искаже преку книжевноста ја чувствува уште од раните години, кога ги засакува книгите… „Во длабочината на моите рани“ е нејзина прва книга. Но нема да биде и последна…
24. Приказни од ѕунливото море - Билјана С. Црвенковска ,
Чудна шума
Прегледај го приврзокот 440966
Ален е тивко, повлечено момче. Сака да чита книги, да мечтае за далечни земји и голем сон му е да стане славен морепловец. Но, кога треба да се соочи со реалноста – која најмногу се состои од одење на училиште, Ален има голем проблем. И не, проблемот не е учењето, затоа што Ален е одличен ученик. Најголемиот проблем се Давид и неговата „екипа“, кои не го оставаат на мир. Секојдневните дофрлања, потсмевања и малтретирања прават одењето на училиште да му биде пекол. Но, тогаш, сосема ненадејно, Ален ќе се најде во Sунливото Море. И оттаму почнува една луда авантура која сосема му го менува животот на Ален… а и самиот Ален.
„Приказни од ѕунливото море“ е нов роман за деца од можеби најплодната македонска авторка на детска литература денес. Освен многубројните романи за деца, сликовници, неколкуте романи за возрасни (од кои два: „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“ беа финалисти за наградата Роман на годината, незјино дело се и повеќе од половина од омилените приказни на сите деца од едицијата „Сказните на Биби“ од издавачката куќа - „Светот на Биби“.
Билјана Црвенковска (1973) е писателка, сценаристка и преведувачка, магистер по филозофски науки. Главен уредник е во издавачката куќа „Чудна шума“, како и на истоименото е-списание за деца (
www.cudnasuma.com). Пишува претежно за деца и млади, но и проза, поезија и сценарија за ТВ и анимирани серии, како и стрипови. Има напишано неколку романи и илустрирани романи за деца. Автор е на многубројни сликовници и книги со активности, особено на сликовниците од серијалот „Светот на Биби“, како и на повеќе песни, раскази, научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни. Нејзин прв роман за возрасни е „Девет приказни за госпоѓица Сит“, со кој влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година. Во 2020 го објави романот „Куќа на брнаовите“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
23. Напластување - Јасмина Атанасова,
Центар за култура Битола
Прегледај го приврзокот 440967
„Овој роман го доживувам како огледало на човековото постоење – со сите слоеви на љубов, болка, прашања и копнежи. Ми претставува огромна чест што моето дело добива простор во една институција со значајно културно влијание, каков што е Центарот за култура.“ - вели авторката.
„Напластување“ е патување низ зборови, низ времето, низ Италија и човечкото срце.
„Јасмина Атанасова е ново име во македонската книжевност. Таа дебитираше со романот „Кога ќе стивне прашината“ (изд. Восток) во 2023 година. Со ова прво дело таа се претстави како авторка што пишува во неореалистичен стил и со необична писателска искреност за длабоки животни прашања. Таквата определба таа ја потврдува и во нејзиното второ прозно остварување – новелата „Напластување“.
„Напластување“ е приказна за Гвидо Гали од Агриџенто, Сицилија, „педесетгодишен самец што има лик на шеесетгодишник и душа на седумдесетгодишник“, понижен маж со тап поглед, со келаво теме и со мало прече носе на тилот. Разведен е, не комуницира со другите, освен со Алдо, другар од детството. Работи во рудник, каде што работел и неговиот татко, и дедо му пред него. Гвидо е меланхолик со затапени сетила, кој живее со една внатрешна „штура немост“ што го притиска. Таквата состојба му ја припишуваат на „гените“, верувајќи дека „тоа не може да касне ако масноси не задуши во рудниците со сулфур“, а дека од тоа страдал и татко му. Гвидо го објаснува тоа „нешто“ како „незанитересираност“ и неспособност да се насмее. Дедо му загинал во рударска несреќа, а татко му починал кога Гвидо имал петнаесет години. Пратената за тоа го привлече вниманието на детето и остави трага во неговото созревање.“ - Иван Додовски
Јасмина Атанасова е родена на 16 мај 1974 во Битола. Основно и средно оразование завршила во родниот град. Дипломирала на Фармацевтски факултет - Скопје. Работи како професор во Општинското средно медициснко училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола.
Нејзиниот литературен, креативен интерес и книжевна преокупација се изградува и надградува подолго време а нејзиното премиерно промовирање пред јавноста: “Кога ќе стивне прашината“ роман од Јасмина Атанасова, е дебитанското само во надворешен, формален контекст, затоа што низ стилските и низ наративните постапки и уметнички принципи, се следи зрело, сериозно, обмислено дело, кое се движи низ светската книжевна генеза на мошне специфичен авотрски и оригинален принцип, не само во цитатните интонации на секое поглавје, туку и низ севкупната композициска структура преобликувајќи го и синтетизирајќи го литературниот стилски универзум, преку своевидна постмодернистичка постапка исклучително актуелна на денешната светска литературна сцена. Покрај ова, нејзината творечка преокупација се забележува и низ низа забележливи есеистички интервјуа како и општествен ангажман, во кој се истакнува нејзиното хуманистичкото залагање за вистинското творечко, социјално и општествено позиционирање на жената. Нејзината константна литературна преокупација е архивирана и низ сè уште непубликувани творби пред јавноста.
22. И јас сум Сирма - Зоран Спасов Ѕоф,
Арс Либрис
Прегледај го приврзокот 440968
Ова е веројатно најрекламираната книга од сите ученици на конкурсот годинава. Не верувам дека има некој кој не слушнал за неа, зашто ја имаше на платени реклами по фејсбук и инстраграм, за неа се пишуваше многу, имаше дури и билборди низ Скопје, сопствена веб-страница, а да влезеш во некои од книжарниците на Литература.мк, ќе забележиш дека (веројатно авторот, а можеби и издавачот) има закупено простор - цел рафт само за неговата книга. Агресивниот маркетинг од Арс Ламина го поткрепија со податокот дека кај нив била најпродавана книга за 2024, иако излезе кон крајот на годината. Но, за неа се уште нема ни креирано страница на Goodreads, а не успеав да најдам ни една рецензија ни на facebook групите за книжевност. Се поставува прашањето колкумина од тие кои ја купиле, ја прочитале...
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете... книга што никого нема да остави рамнодушен. Да потсетиме дека станува збор за книга со поднаслов: „Лектира, историска читанка и ‘Оче наш’ на секој Македонец“, во која херојката Сирма војвода патува низ времето и е сведок на многу настани од нашата историја, повеќето непознати за читателот. Авторот вели дека ова е „роман што ќе ве натера да плачете и да се смеете на глас, книга што предизвикува болка, љубов и радост“. Заслужни за овој успех се и веб-страницата
www.ijassumSirma.mk, големата кампања што ја реализира маркетинг-агенцијата „Медија хаус“, како и спектакуларната мултимедијална промоција, на која присуствуваа повеќе од 1.000 вљубеници во пишаниот збор. Средствата од продажбата на книгата, како и секогаш кога станува збор за делата на Sоф, ќе завршат во добротворни цели. - велат од Арс Ламина.
Уредничката на книгата Татјана Димовска-Атанасова истакна дека „И јас сум Сирма“ е најамбициозното дело на Зоран Спасов Ѕоф досега. Станува збор за своевиден книжевен експеримент, што може да се перципира како хибрид, фрагментарен роман или пак, како збирка раскази што може да се читаат засебно и без одреден редослед. Жанровски е ситуиран како историска фикција со примеси на драма, политички трилер, сатира, магичен реализам и дистопија.
- Она што најпрецизно би ја дефинирало оваа книга е книжевен пачворк. Авторот зема парчиња од нашата историја, од сосем различни временски контексти и педантно ги пришива едно за друго со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода. Навидум неповрзани меѓу себе, приказните во романот се слеваат во еден вид наративен кластер кон центарот на романот - Сирма. Користејќи се со социјални типови, преместување на перспективата, инверзија и иронија, Ѕоф ги карикира колективните митови, си поигрува и се пресметува со стереотипите и со сето она што е типично за ова општествено-политичко и историско милје. Романот е импресивна вивисекција на македонскиот дух прикажана преку внатрешна и надворешна фокализација на главната хероина Сирма, која авторот ја издига на ниво на митолошка парадигма - синоним за сила, истрајност, храброст, бескомпромисност, но пред сè синоним за Македонија – рече Димовска-Атанасова.
Ова е петта книга на Зоран Спасов Sоф во издание на „Арс Ламина“, по книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“.