Што би ви одговорил македонски кафеанџија кога онака, од шега, би му наредиле да се обеси? - „Кој ќе го плати јажето господине...“. Шеговито, ама реално и навистина загрижувачко. Нехуманата хајка врз угостителите што сите македонски влади ја спроведуваат во последните 5-6 години деновиве го достигнува својот зенит. Први јануари 2010 е денот „Д“ за угостителите. А тоа не е „некогаш“, туку е за десетина дена. Подгответе ги бесилките. Јажето е на сметка на државата. Ќе се обидам да ја отворам Пандорината кутија што нe очекува...
Во почетокот беше вака - патриотските фискални, кои ги плативме со крв (од сончаница почина наша колешка), делењето на објектите на пушачки и непушачки простор, историската „пу-пу не важи“ имплементација на хасап-стандардите, ветеринарните(!) и еколошките контроли(!), заштитата на брендот, јапонските комунални такси за терасите, дискриминирачките даноци (5 проценти влезен, во однос на 18 проценти излезен ДДВ кај храната!!!), секојдневните варварски упади од УЈП во потрага по нефискални сметки, кои одеа дотаму што се „пребаруваа“ џебовите на вработените терајќи ги со голи раце да пребаруваат во кантите за отпад уривајќи го нивното човечко достоинство, плановите за евакуација, противпожарните курсеви, обуката за прва помош... А продолжува вака - драконски владини одлуки „во најава“ што почнуваат со примена по Нова година – конечна имплементација на хасап-стандардите и целосна забрана за пушење (освен во сопствениот дом). Така било секаде, ќе ве убедуваат неуките, така било европски. Јас велам - бул шит. А „јас“ е армија од 100.000 директно и 600.000 индиректно засегнати Македонци од владината гилотина...
Во Македонија има 7.093 регистрирани субјекти со основна дејност угостителство и туризам. Бројот на „дивите“ нема ни да го споменуваме, а го има машала бајаги. Со оглед на податокот од Републичкиот завод за статистика дека околу 30 проценти од регистрираните угостителски објекти вработуваат над 10 лица, а останатите 70 проценти се со помалку од 10 вработени, голата математика вели дека најмалку 60.000 граѓани на РМ ги издржуваат своите семејства од оваа услужна дејност. Доколку во оваа бројка ги додадете и лицата што се издржувани од угостителските работници, ќе дојдете до бројка од над 100.000 лица. Немам намера да пренесувам сурова статистика, туку ова го правам исклучиво со намера да им се обратам на надлежните дека се на добар пат со најавените репресивни мерки по денот „Д“ да ја избришат оваа категорија на граѓани од лицето на земјата. Во прилог на ова оди и страотната бројка за очекувано намалениот промет во угостителските објекти за над 40 проценти (од примерот со Хрватска)! Бесилка... Единствената светла точка е што сегашната „0“ во сите гранки на угостителството и туризмот намалена за 40 проценти е... повторно „0“.
Да потсетам на Упатството од Министерството за економија поврзано со оваа одредба. Забраната за пушење на јавни места подразбира целосна забрана за пушење на јавно место, без оглед дали станува збор за отворен или затворен простор. Пушење нема во угостителските објекти и терасите, парковите, улиците, шеталиштата, стадионите... Пушењето од 1 јануари 2010 година е дозволено само ДОМА?! Дрн, дрн јариња. Некој се обидува со декрет да гетоизира 600.000 Македонци (според анкетата на една невладина институција, ова е бројот на активните пушачи во Македонија) во нивните домови само затоа што одлучиле сами да го управуваат своето здравје. Пушејќи. Ако ова не е дискриминација од најлош вид, тогаш признавам, јас сум табула раза. Геј-заедницата, која, патем, ја поддржувам, а за која секојдневно толку многу се зборува, се „мала група п.....“ во споредба со пушачката популација. Ама, како и секогаш досега, нашата држава, следејќи го принципиелно системот на „превртена пирамида“, ќе изврши поновогодишна инвазија со 250-те нововработени инспектори, „истерувачи на чадот“. Наместо пирамидата да ја гради од темелот, од конституирање и исполнување на нормите на државност - име, територија, свест за национална припадност, преку зајакнување на економијата и решавање на суштинските проблеми, нашата држава одлучи, повторно, да казнува. Ќе ве казни со 100 евра за пушење на улица, во сопствениот двор, на терасата, во парк, канцеларија, пред дуќан... За вас стотка, а за сопственикот уште илјада евра. И забрана за вршење дејност во траење од 30 дена... Единствено „европско“ во оваа мижитатара е висината на казната. Патетично, во најмала рака. Како Македонецот да ги бере еврата во сопствената градина?! Па за две испушени и „уловени“ цигари човек треба да работи цел месец!!! Ако воопшто е вработен. Ако воопшто редовно зема плата. Ваков зулум немало ни во турско – земале арач, ама секогаш и оставале на рајата доволно за да преживее. Барем...
Повеќе од извесно е дека со мене нема да се согласи помалобројната, за жал, популација на непушачи, но и за нив имам објаснување. Од 1999 година до сега бројот на малигните заболувања во Македонија е зголемен за три пати, што најмалку се должи на никотинот од цигарите. Умните Швајцарци направиле графикон што можете да го најдете на Интернет – таму, за последните 10 години бројот на пушачите е намален за 36 отсто, но за жал животниот век останал непроменет, а непроменет останал и бројот на заболувањата посочени како директна последица од пушењето. Зарем сe уште сте убедени дека чадот од цигарите е поштетен од радијацијата од бомбите со осиромашен ураниум што беа фрлени во соседството во годините на конфликтот, а еден дел и на наша територија?! Зарем помалку ве плаши откриениот транспорт на радиоактивен отпад низ нашата држава од чадот на цигарите? Зарем не ве чуди што повеќето новозаболени од карцином на белите дробови се - непушачи. Цигарите сигурно не се причина за енормниот пораст на заболените од леукемија, а особено не кај децата помлади од 10 години... Признавам, цигарите се зло на кое, за жал, е навлечена огромна популација. Признавам, од цигарите нема ништо позитивно, а последици по сопственото здравје има безброј. Но, признавам и дека изборот е индивидуален – свесно да го загрозите своето здравје. Апсолутно сум согласен дека државата треба да одигра клучна улога во подигнувањето на свеста кај пушачите за штетноста од никотинот и со кампањи да влијае за постепено намалување на овој број. Но не со декрет. Но не со драконски казни. Очекувано, ќе има краток здив, на кратки патеки.
Последиците од ваквите неодмерени одлуки ќе бидат далекосежни. На економски и социолошки план. Ќе се создаде нова армија од социјални случаи со најавените отпуштања во угостителскиот сектор, драстично ќе се намали приливот од даноци во државната каса по сите основи, а овој сектор неминовно ќе повлече со себе и други гранки, како што се производството на алкохолни и безалкохолни пијалаци, кафепреработувачката индустрија и сe друго од синџирот наречен економија. Во овој момент, кога Македонија го допира дното, тоа и е најмалку потребно.
Во одбрана против оваа одлука на Владата за целосна забрана за пушење се вклучи и Здружението на угостителите. Обична фарса се нивните „кев – кев“ настојувања да „апелираат“ за укинување на оваа одлука, со „закана“ дека доколку таа се имплементира, ќе „покренат постапка пред Уставниот суд“?! Да не даде господ „тие“ да нe бранат. Уште пофрапантно е што ова здружение е толку анонимно и безгласно што јас, како угостител со повеќе од 20 години традиција, и голем дел вистински угостители не ни знаеме за постоењето на оваа групација и што ниту еднаш не сме поканети за учество во нејзиното работење. А преку моите писма и колумни од оваа област многупати, латентно, без врева, сум влијаел на разноразни решенија што не допираат нас, угостителите. Ова здружение, како и да се нарекува, „гревот“ може да го испере само со повикување на сите угостителски работници на кафеански „референдум“, нешто што го направија нашите колеги во Хрватска. Ако може порано, пред имплементација на одредбата. Да го следат примерот на Австрија, во која угостителите го урнаа овој дискриминирачки закон пред уставниот суд. Да прашаат што сторија нашите колеги од Србија, Грција и Бугарија за воопшто да не дозволат примена на ваквиот закон. По „смртта“ на угостителите во периодот по 1 јануари 2010 година, секој обид за „вештачко дишење“ ќе биде попуст.
Дека оваа ступидна желба за присилна европеизација на македонската свест преку бришење на доминантните индивидуални кодови не држи вода се знае однапред. Како и секој друг закон што не е приспособен на времето и условите, ќе падне и оваа инквизиција врз угостителите и сите Македонци со одредница „пушач“. И законски и морално. Само треба да си маж да ги преживееш овие транзициони небулози. А кој ќе преживее... ќе раскажува.
Богољуб Јанчевски
ДООЕЛ „Мечос“