Селекторот на машката ракометна репрезентација Звонко Шундовски го соопшти списокот од 20 ракометари на кои ќе смета за квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри во Лондон, кој од 6 до 8 април ќе се одржи во Гетеборг, Шведска.
Подготовките на националниот тим ги започнуваат утре со првиот собир, кој е закажан за 14 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Покрај 17-мината ракометари, кои го освоија петтото место на Европското првенство во Србија, на списокот се Митко Стоилов, кој закрепна од повредата на коленото, Милан Левов, како и третиот голман Никола Митревски, сите од редовите на шампионот Металург.
Капитенот Кирил Лазаров, Борко Ристевски и Владимир Митков, поради клупски обврски подоцна ќе и се приклучат на репрезентацијата.
Македонија покрај со домаќинот Шведска, во квалификациите за ЛОИ во Лондон силите ќе ги одмери и со селекциите на Унгарија и на Бразил. Освојување на едно од првите две места во групата ќе значи остварување на големиот олимписки сон.
Состав: Борко Ристовски, Петре Ангелов, Стевче Алушовски, Дејан Манасков, Владимир Темелков, Златко Мојсоски, Ванчо Димовски, Стојанче Стоилов, Кирил Лазаров, Аце Јоноски, Бранислав Ангеловски, Филип Миркуловски, Велко Маркоски, Наумче Мојсоски, Филип Лазаров, Митко Стоилов, Никола Маркоски, Владимир Митков, Никола Митревски, Милан Левов
via Канал4 спортско радио.