... сето тоа личи на пеколот. Замисли и помисли, зарем не е така? Повеќе немаш ни место каде би можел да кажеш дека си дома. Што е “дома“? Тоа е место каде се чувствуваш сигурен, спокоен, а ти синко мој повеќе немаш такво место. Тоа не е ни собата во која е компјутерското биро, ниту полицата со сувенири од илјада родендени наназад. Тоа не е ни ѕидот со пост-ит каде се испишани сите магии за илјада и една намена, голема и мала, тоа е местото каде сакаш да одиш кога работите се густи, темни и болни.
Како малечок, врискаше за мама ако контејнерските џукели ти се сипеа од глад или мерак. Но подоцна, на родителите стануваш родител, а на нивните родители очув и старател, треба да бидеш и негувател па имаш обврска во обврска, да ги задоволиш немошните па и неуките, да бидеш мирен и кроток но и успешен и радосен, да си задоволен и насмеан но и остар и пресметан, бидејќи секоја погрешна емоција на твојот лик или гримаса од погрешен тип ќе измами болка во нечие срце. Згора на тоа имаш шефови и подшефени, сите тие исто така со проблеми нерешени, па мораш и за нивниот тежок карактер да се мислиш, да се чуваш и себе и нив да ги штитиш.
Но, затоа подоцна во животот се појавува онаа прекрасна идила која успева да ги исфрли од реалноста сите баналности кои се создаваат во умот на малите човечиња, она кое геноцидот го исфрла од постоењето барем за миг, и се вика... љубов, се вика девојка, жена, сопруга, мила душа која без да има потреба, знаење или желба е тука за тебе, да те придржи кога си спремен да паднеш. Го имаш ли тоа? Не! Ти сине немаш дом, ти си сирак и клошар кој падна под ветрот уште многу одамна.
Но не грижи се, на крајот секогаш се` излегува на добро. Колку и животот да биде суров и да личи на вистински Сизиф, знај, дека сите го живееме истиот. Сите ние туркаме една невидлива карпа која ни тежи на срцето и никогаш не стигнуваме да ја истуркаме некаде. Но длабоко во себе сакам да верувам дека со смртта, илјадници години наназад луѓето огорчени од постоењето во оваа реалност, воздивнуваат со радост и задоволство дека конечно завршиле со својата голгота. Смртта мора да е олеснување, бидејќи помачно од ова и не може да биде. Смртта кога тогаш, ќе ги реши сите наши маки. А Господ знае дека ги имаме повеќе од доволно.