Министерот за финансии најави дека вкупната сума за која ќе се задолжи земјава си уште не е позната, и зависи од приливот на пари во Светската банка од нејзините земји членки
Заем од 30 милиони долари за поддршка на буџетот ќе биде потпишан идниот месец со Светска банка, а во текот на годината се очекува да биде одобрен уште еден толкав заем за реформи. Ова беше договорено во саботата, на средбата меѓу потпретседателот на Светска банка Филип Луру и министерот за финансии Зоран Ставрески.
Во идните четири години, пак, со заеми од оваа меѓународна институција ќе се градат далноводот Ниш - Штип, една до две хидроцентрали, патишта, проекти во образованието и развој на модели на социјална помош. Министерот за финансии најави дека вкупната сума за која ќе се задолжи земјава сe уште не е позната, и зависи од приливот на пари во Светската банка од нејзините земји членки.
Вчера, пак, Ставрески потпиша договор за заем на 25 милиони и 350 илјади евра со Рафаел Аломар, гувернер на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ). Овие пари ќе бидат искористени за Проектот за домување на социјално ранливи групи. Македонија учествува во реализацијата на овој проект со исто толку пари колку што е и заемот, па вкупната вредност на проектот изнесува 50,7 милиони евра.
Предвидено е да се изградат 37 згради, со вкупно 1.708 станови во 19 градови во Македонија, кои се наменети за ранливи категории граѓани.
Проектот започна со имплементација во 2007 година, а се очекува да заврши до јуни 2013 година. (Р.Ф.)
Ставрески: Несериозно е сега да се прави ребаланс
Нема потреба од ребаланс на Буџетот само по два изминати месеца од годината, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески во интервју за Радио Слободна Европа.
"Ребалансите се нормална работа, ги имаше и во изминатите години по еднаш, двапати, и не треба од тоа да се прави бауч, тоа го има во сите земји. Но во оваа фаза е несериозно да се предлага ребаланс", смета Ставрески.
Тој изјави дека влијанието на економската криза во Грција може да се почувствува во трговските односи меѓу Македонија и Грција, односно врз работењето на македонските фирми, доколку дојде до посериозни социјални немири во Грција, затворање на Солунското пристаниште или затворање на границата поради штрајкови.