Го доживеав Титаник
Секој момент мислиш дека умираш. Борба со водата. Гледавме да пливаме и да се фатиме за нешто. Околу 40 минути бевме во водата. Во близина имаше еден голем брод и уште неколку кајчиња и ако од таму не ни фрлеа појаси за спасување и гуми, сигурно ќе се удавевме сите, вели Зоја Васева, една од преживеаните патници од бродот Илинден
Никогаш повеќе нема да се качам на брод- вака коментираа оние кои ја преживееа несреќата. Велат дека се се одвивало со неверојатна брзина како на филмска лента
- Го доживеав најверојатно "Титаник". Секој момент мислиш дека умираш. Борба со водата. Гледавме да пливаме и да се фатиме за нешто. Околу 40 минути бевме во водата. Во близина имаше еден голем брод и уште неколку кајчиња и ако од таму не ни фрлеа појаси за спасување и гуми, сигурно ќе се удавевме сите. Рекоа дека на нашиот брод имало два - три елеци за спасување, вели Зоја Васева. Со солзи во очите и растреперен глас го раскажуваше пеколното патешествие и борбата за живот.
- Одеднаш бродот се навали надесно. Сите кои во тој момент бевме на левата страна се најдовме таму, на таа страна. Се работеше за секунди и започна борбата за живот. Бев на палубата и кога се навали бродот, јас се зафатив на крајот на оградата на бродот. Се држев додека можев. Започна паниката. Знам малку да пливам и кога немаше каде да се фатам се најдов во вода и се задржував на површината. Никогаш повеќе нема да се качам на брод, вели Васева.
Венета Стаменова, средовечна жена, една од потешко повредените која по несреќата заврши во Хируршкото одделение во Охридската болница, покрај големиот стрес приклучена за апаратите стравуваше за судбината на својот сопруг, кој исто така бил на бродот.
Бродот се навали на една страна, паднавме и почнавме да се спасуваме, кој како можеше. Беше страшно. Јас го фатив сопругот за кошулата, но потоа го испуштив. До мене имаше друг маж со црна кошула и една жена. Дојде другиот брод и не спасија. На бродот бевме само ние од групата. Јас не знам да пливам. Бевме горе на палуба. Сега ми е најболно што немам информација како е мојот сопруг, вака Стаменова ја раскажа стравичната несреќа.
"Да се качев на бродот мозеби ќе бев мртов", вели еден од тројцата туристи кои не заминале со бродот. Потајно среќен што ја избегнал незгодата вели дека жали за своите пријатели. "Јас не заминав утринава со бродот. Останав да се одморам. Сето ова е голема трагедија тоа се мои другари и пријатели. Имав голем касмет да избегнам ваква несреќа".
Гостите во Охрид биле сместени во приватни соби. Со нив на бродот била и ќерката на станоиздавачот која требало да им ги покаже убавините на манастирскиот комплекс. Тие биле претежно пензионери од Пирдов, Златица, Челопеч и селата Антон и Мирково. Ексурзијата секого го чинела по 150 лева. Но никој од нив ни на сон не помислил дека цената ќе биде далеку повисока.
- Претходно се познавале и решиле да дојдат заедно на екскурзија. За жал, таа заврши несреќно. Патувањето секого го чинело по 6 евра, вели Горги Георгиев, новинар на ТВ Европа од Благоевград.
Најмладата жртва имала 22 години
Дваесет и две годишната Георгиева Марија Христова е најмладата жртва во несреќата која се случи во саботата во водите на Охридското Езеро. Најстарата жртва имала 76 години, пензионерот Метанов Георги Ганчев. При потонувањето на бродот настрадале деветмина кои се на возраст од 62 до 73 години, четворица на возраст 32 од 56 години години.
Вчера во Македонија државните знамиња беа симнати на половина копје. Се откажаа сите јавни манифестаци. Македонската Влада го прогласи 6 септември за ден на жалост. Бугарската Влада за ден на жалост го прогласи денешниот ден. Денес кај нашиот источен сосед треба да пристигнат телата на починатите. Знамињата се спуштени на половина копје, а семејствата на настраданите ќе добијат парична помош од по 10 000 бугарски лева.
Софија
Четворица преживеани задржани на лекување
Десет лица, кои беа повредени во бродската несреќа во Охридското Езеро, по пристигнувањето во Софија, во саботата вечерта се прегледани на Военомедицинската академија, соопшти заменик-директорот на болницата Евгени Белоконски.
Шестмина од прегледаните ја напуштиле болницата по сопствена желба, а четворица се задржани на лекување, јави бугарската новинска агенција БТА. Единиот од нив е на хируршкиот оддел со контузии во делот на грбот. На интензивна нега е жена со аспиративна бронхопневмонија, чие лекување најверојатно ќе трае подолго. Таа беше хоспитализирана и во болницата во Охрид и беше во најтешка состојба. Дел од преживеаните се консултираа со специјалисти со цел да го надминат стресот, информира психијатарот Илија Маринов.
БРОДОВИТЕ ВЧЕРА НЕ ПЛОВЕА
Илинден ќе се вади денес?
Вчера, во водите на Охридското Езеро, бродовите не пловеа. Бродарите велат дека нема заинтересирани за прошетка по Езерото по стравотната несреќа која однесе 15 жртви. Како што дознаваме, експертската група до денес треба го извади бродот од водите на Езерото, а официјалните податоци за причините за несреќата ќе бидат соопштени по направената експертиза. Инаку, специјална комисија составена од првиот човек на Капетанијата Љупчо Настески, поранешниот капетан експерт по бродарство Злате Клечкароски и тимови од Хрватска и Бугарија, вчера, во Охрид се состанаа за да направат анализа за причините за несреќата. Истражувањето треба да покаже дали на бродот има некоја пукнатина и од кои причини навлегла вода во трупот.
Извор: вечер