Светска банка оцени дека пандемијата со ковид-19 силно ја погоди македонската економија и земјава се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија.
Светска банка во последниот извештај предвидува земјава годинава да ја заврши до пад на БДП од 4,1 отсто, а за наредната и за 2022 година раст од 3,6, односно 3,5 отсто. Ова беше соопштено денеска на онлајн презентацијата на Редовниот економски извештај за Западен Балкан бр. 18 .
„Пандемијата со ковид-19 силно ја погоди економијата на Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година", истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава на презентацијата на извештајот.
Според извештајот, сите држави од Западен Балкан се соочуваат со рецесија, па регионалниот раст се предвидува да се намали за 4,8 проценти во 2020 година, што е за 1,7 процентни поени пониско од априлската проекција. Вториот, посилен бран на пандемијата што почна во средината на јуни, го забави закрепнувањето во регионот. Ограничувањата на патувањата и мерките за социјално дистанцирање, исто така придонесоа за намалувањето на растот во оние земји што се повеќе зависни од туризмот, стои во извештајот.
Во регионот најголем пад се предвидува во Црна Гора од 12,4 отсто, Косово 8,8 отсто, Албанија 8,4 отсто, Бих 3,2 отсто и Србија 3 отсто. За сите земји следната година е предвиден раст и тоа 6,9 отсто за Црна Гора, пет отсто за Албанија, 3,7 отсто за Косово, 3,6 за Македонија, 3 отсто за БиХ и 2,9 отсто за Србија.
Светска банка смета дека ико македонската Влада пружи поддршка за стопанството, и ги ублажи последиците, дека сепак, стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, за првпат од 2011 година, бидејќи во вториот квартал од годината 17 690 лица ги загубија своите работни места. Програмите за поддршка од Владата, исто така, помогнаа во ублажување на влијанието врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни бидејќи долгот надмина 60 проценти од БДП. Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, се наведува во Извештајот, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци.
„Краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето", оцени Паолучи, кој додаде дека понатаму, економските и социјалните мерки за справување со кризата ќе бидат главен приоритет, но исто така, ќе биде важно и да се продолжи со неопходните среднорочни фискални реформи, реформи во областа на конкурентноста, животната средина и доброто управување со јавните политики, за да се постигне одржливо закрепнување и пристап во ЕУ.
Од Светска банка сметаат дека доколку има порестриктивни мерки тие нема да имаат толкаво влијание како на почетокот на кризата.
„Доколку би имало нови рестриктивни мерки наша претпоставка е дека шокот врз потрошувачите и фирмите би бил помал, бидејќи во изминатите месеци имаа време да се присппособат и вкупниот ефект би бил помал од оној во април и мај", рече Бојан Шимбов од Светска банка.
Банката му сугерира на приватниот сектор да се насочи кон дигитализација и иновации.
„Ковид-кризата има влијание на промена на потрошувачките навики, со е-трговија, работа од дома, комуникација од дома и сето ова имавлијание на однесувањето на потрошувачите и фирмите кои треба да се прилагодат", рече Шимбов. Тој додаде дека е спроведено истражување од страна на Светска банка за потенцијалот на фирмите за нови производи и процеси и резултаите покажуваат дека од една страна имаме недоволна адаптибилност на фирмите во Западен Бакан.
Светска банка смета дека е недоволен бројот на фирми кои покажуваат адаптибилност кон новата реалност, а дека дигитализацијата што овозможува е-трговија во Македонија може да е застапено со 60 проценти, додека во другите земји тој процент е и понизок.
Од Светската банка посочуваат дека пандемијата има значителен ефект врз јавните приходи, кои и пред кризата беа пониски во однос на европскиот просек и изнесуваат 30 проценти од БДП. Порачуваат дека во периодот по заздравување, јавните политики треба да се фокусираат кон подобрување на јавните приходи, што би се овозможило со зголемување на даночна база, намалување на даночни ослободувања, што би придонело да се наплати она што останува ненаплатено и изнесува околу 30 проценти. Потоа подобрување на даночната дисциплина и борбата против сивата економија, односно да се труди државата да наплати повеќе даноци и да ги намали дупките што ги користат граѓаните и фирмите.
Светска банка наведе дека по онос на ДДВ, потенцијално наплатливото и тоа што се наплатува изнесува 37 проценти и дека е тоа највисок процент во регионот.
Исто така се сугерира дека треба да се практикува дигиталното оданочување што би донело екстра приходи во државната каса. Фокусот треба да се стави на човечкиот капитал, особено врз здравството и образованието кои во иднина би придонеле за развој, да се работи на поригорозна контрола на фискалните ризици, и контрола на трошењата на јавните претпријатија и договорот за јавно-приватно партнерство.
Во однос на децата и младината се истакнува дека децата во средно образование се функционално неписмени, односно знаат да читаат, но не разбираат што ќе прочитаат, а дека тоа сега пандемиајта ќе го зголеми, па затоа е потребен посебен фокус на овие политики.