Благодарам за одговорот.
Ме интересира и една друга работа: конкретно за тебе еве да речеме, која ти е амбицијата со овој факултет и дали идеолошката настроеност или политичко убедување ти се предуслов во тоа?
Значи вака... од првиот момент кога видов дека има нешто што се вика Политички студии, во истата секунда знаев дека тоа е вистинскиот факултет за мене и бев премногу возбудена и среќна што ќе се запишам таму. Секогаш ме интересирале општествено-политичките случувања, што се случува во државите и зошто се случува, секогаш ме интересирале политички анализи за општествените уредувања и секогаш сум ги сакала тие дебати.
Кога се запишав на факултетот влегов полна со ентузијазам дека го учам тоа што сум го сакала од мали нозе, тоа што било мој порив, затоа што таму се осеќам своја. Додуша имав едно време амбиција дека можам да придонесам нешто за Македонија, дека можам да се борам и да направам промена во општеството, но кога ги симнав розевите очила, сфатив дека за тоа во оваа држава се уште е рано, посебно од политички аспект, бидејќи се уште не сме доволно созреани да прифатиме било што што не ни е наметнато преку онаа или оваа пропаганда.
Се разбира дека верувам во одредена идеологија, но таа идеологија не е партиска, не е допрена од матни игри, туку е она во кое искрено верувам и тоа се идеали кои сметам дека се правилни. Никогаш не сум била застапник на некоја партија и кога ги поднесував документите за факултет тоа ми беше верувај последно на ум.
Дали ако ти си партиски ненаклонета и необоена можеш сериозно да конкурираш за една функција/работа?
Како политичар - НЕ. Апсолутно никако. Ко успешен политолог - ДА. Но, ова претежно теоретски, сепак ако добро влезеш во
политолошките води, ќе видиш дека има доста организации, центри за истражување, кои се надвор од дневната политика и се насочени баш кон истражување на политолошки теми.
Верувам дека ја знаеш реалноста во Македонија во поглед на партизираноста - но, времињата полека ќе почнат да се менуваат, со оглед на тоа што тек сега би почнал, имаш време... не е се така црно. И за надвор исто така имаш многу можности за аплицирање за летни школи и семинари, бидејќи политичките науки моментално според мене се во подем насекад во светот.
И дали мислиш дека може да постои независен политолог во буквална смисла на зборот? Како еден десничар „независно и беспристрасно“ ќе ги перцепира левичарските ставови и обратно?
Да, апсолутно мислам дека може да има независен политолог, само под еден услов. Да не е во ниедна политичка партија. Затоа што идеолошките убедувања се едно, но членувањето во одредена политичка партија, ја убива и најмалата трошка објективност која би можела да постои во еден човек. Реално сите имаме субјективни ставови врз основа на наши убедувања, НО, уметноста во објективноста е да ги препознаеш добрите страни и позитивностите кои ги има спротивната идеологија од таа која во која ти веруваш. Тоа прави еден добар политолог. Можноста да ги разгледа сите можни опции, да ги прочита сите страни на медаљата и да дојде до анализа (на пример) која во себе ќе содржи да речеме и позитивна и негативна критика на одредена работа.
Идеологијата во која човек верува може да е пречка за објективноста само ако човек е заслепен и ако не ги согледува и негативните работи. (А не е возможно да нема негативни работи, затоа што ниедна идеологија и ништо на светов не е совршено).