Каков викенд! Во еден ден во Конче е откриена шестата античка ритуална кочија, а на Виничко кале се новоископани теракотни икони, кои за разлика од оние со христијански мотиви, откриени во 1985 година, сега првпат имаат историски мотиви и претстави на настани од секојдневниот живот.
А уште не сме ја откриле ни намената за која служеле претходно најдените теракотни релјефи.
А уште не се целосно реставрирани ни претходните пет антички кочии.
Многу истражувања низ Македонија, многу наоди - тоа е логичната причинско-последователна врска меѓу вложените пари и откриените резултати во последнава година на видлива финансиска поддршка од државата за археологијата.
- Уште колку наоди ќе има! Допрва ќе излегуваат на површина - убеден е Паско Кузман, директор на Управата за заштита на спомениците на културата.
Последниве 50-тина години археолозите немале толку работа. Низ целата земја се ископува. Во октомври ќе продолжат истражувањата на Скопското кале, а речиси воопшто и не запреле истражувањата на Плаошник, каде што и понатаму работи 483-члена екипа.
- Па, јас сум речиси половина век во оваа професија и досега немам видено толкав интензитет на археолошки истражувања - вели пензионираниот археолог проф. Иван Микулчиќ.
Минатата година Микулчиќ учествуваше на ископувањата на Плаошник, а сега во мирот на своите пензионерски денови со задоволство слуша за тековната археолошка офанзива.
- Фала богу што се работи. Има екипи на многу локалитети, има ископувања од секој период, се радувам што се прави напор да се надмине стагнацијата низ која минуваше археологијата во изминатите години - вели Микулчиќ.
Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, кому му се припишува вака разбудениот интерес на Владата за археологијата, е задоволен од климата на поддршка и разбирање за оваа дејност.
- Со ребалансот на буџетот се доделија уште 40 милиони денари за археологијата, при чија распределба се водеше сметка најмногу да се вложи во оние локалитети, кои се најнападнати од диви копачи - вели Кузман.
Анализата на распределените пари покажува дека особен фокус е ставен на истражувањето и конзервацијата на тврдините.
- Македонија има околу 400 тврдини, од кои само еден процент е истражен. Ги одбравме најзначајните од научна гледна точка и оние што можат да бидат продуктивни во туристичка смисла - вели Кузман.
Тетовското кале, кое речиси никогаш досега не било истражувано, со исклучок на неколку случајни наоди, се наоѓа среде интензивно истражување и конзервација.
- Тетовското кале се истражува од меѓународна екипа, во која има и археолози од Албанија и од Косово. Калето располага со ходници, сараи, трпезарија со сводови, кои се многу зачувани и паралелно со истражувањето и се конзервираат - вели Кузман за оваа тврдина од доцниот среден век.
Целосно истражување и реконструирање ги чека и тврдините во Струмица, Виница, Штип, Кожле, Таор...
Со богато историско и цивилизациско минато во сите историски периоди, почнувајќи од неолитот, Македонија е, како што тврдат многумина експерти, археолошко Елдорадо, чие истражување, како никогаш досега, има ваква владина поддршка
.