До овој момент, 27.12.2024, 13:30 часот - 677 епизоди од 54 различни серии за мене во 2024! Го поминав рекордот од 657 во 2023. Подолу - тоа што беше најдобро во годината за мене и препорака - не смеете да го испуштите:
01.
Slow Horses (Apple TV+)
Серија за која пишував, пишував, пишував... отворив и посебна тема... и за која ќе продолжам да пишувам. Вистинско откритие за мене беше годинава и дефинитивно број 1 серијата која ја изгледав. Британците обично не разочаруваат, особено со ваквиот тип на серии за тајни агенти, интриги, политика... Уште ми е во сеќавање одличната Bodyguard од пред некоја година и уште ми е мака што не ја продолжија. Е па ова е на најмалку исто ниво, во секој поглед! ОД-ЛИЧ-НА!
02.
Yellowstone (Paramount+)
Oва може да се нарече мојот guilty pleasure за 2024 (всушност, претходно ја имав гледано целата серија, во 2024 ми останаа само последните епизоди кои цел свет ги критикуваше дека не било тоа тоа без Костнер, дека Шеридан си дал простор за себеси и неговиот douchbag карактер за да пополни простор и време... Но за мене беа неколку епизоди полни со толкав емотивен набој што на крај навистина не можев да се воздржам да не заплачам. Последната епизода беше masterpiece, според мене едно од најдобрите заокужувања на серија, ever, иако ќе прочитате на интернет тотално спротивставени тези. Иако цел универзум започна со Yellowstone, хронолошки по случувањата во него се започнува во 1883, со гласот на Елса Датон како наратор и причина зошто фамилијата Датон се најде баш во Yellowstone и остана таму век и половина. Во последната епизода од Yellowstone, се завршува со нејзиниот глас повторно и иако дел од ликовите остануваат и ќе продолжиме да ги гледаме и во продолжението на 1923 кое се очекува наскоро, но и во трите нови спин-оф серии кои се најавени (а скоро извесна е и четрвртата), сепак се доби една заокружена рамка од околу 150 години и седум генерации Датон кои се обидуваат да го зачуваат Yellowstone од сите бури кои го демнат низ годините. A masterpiece!
03.
Lessons in Chemistry (Apple TV+)
Ова беше серијата од која најмалку очекував годинава, а која ме измести целосно. Се работи за минисерија за една хемичарка која ќе направи бум во телевизијата во САД во 60-тите со нејзиното феминистичко шоу за готвење во кое ќе ги имплементира знаењата од хемија. Да, кога вака ќе прочитате, звучи досадно. Но кога ќе почнете да ја гледате, по само неколку епизоди ќе ви приреди таков шок што сум сигурен дека уште не завршена, ќе сакате да ја репризирате. Најубавата љубовна приказна во 2024! Мора да ја погледнете.
04.
Baby Reindeer (Netflix)
Веројатно најнаградуваната серија од сите во 2024. Веројатно и сите сте слушнале или сте ја гледале. За оние кои не - ѕирнете ја, нема да зажалите. Само да ве предупредам: се работи за вистинска приказна и иако голем дел од нештата се вметнати за драмски ефект, имајте на ум дека главниот актер / креатор / сценарист, Ричард Гад, го доживеал се тоа на сопствената кожа. Во целиот овој „свет“ на wokeness и политичка и што ти знам веќе каква коректност, убаво е за промена да се види и серија во која и белиот маж кој (барем најпрво) не припаѓа на некое обесправено малцинство, може да биде жртва.
05.
Cien años de soledad / One Hundred Years of Solitude (Netflix)
Една од сериите кои долго се чекаа, екранизација на прекрасниот магичен роман на Маркез - Сто години самотија, за која пишував малку погоре. Туку најмногу бев маѓепсан од начинот на кој буквално е пренесен романот на екран, па се чувствуваш исто како кога го читаш романот: целосно пренесен во магичното Макондо. Мора да ја гледаат сите љубители на книжевноста, на магичниот реализам, на Маркез, на филмската уметност... сите љубители на убавото, воопшто.
06.
Severance (Apple TV+)
Последната која ја гледав, можеби затоа е и толку високо на листата, но не верувам. Серија која почнува „лошо“, по неколку епизоди сакав и да ја прекинам, но последните 3-4 толку те мава во психа што буквално не дишеш додека пред тебе се нижат сликите. Толкав тензичен набој во серија не памтам од кога не сум доживеал! Сега едвај ја чекам најавената втора сезона.
07.
Landman (Paramount+)
Пак Шеридан! И пак одличен! Серија која уште не е завршена, и за која за жал се позасилени се коментарите дека нема да биде обновена за нова, втора сезона, иако останува да видиме, ама феноменална! И за неа беше пишувано погоре. Ако сакате добар хумор, одлично возење низ нафтените полиња низ западен Тексас, добра драма и прекрасни цицки, ова е вистинската серија за вас!
08.
Ted Lasso (Apple TV+)
Уште едно емотивно збогување со еден лик со кој три сезони се смеевме и кој одлично го долови значењето на фразата: „и зад најшироката насмевка може да се кријат многу демони“.
09.
Star Trek: Strange New Worlds (Paramount+)
11 Star Trek серија, спин-оф на не толку фалената Discovery, ги врати ѕвездените патеки на старите патеки. Го следи патувањето на капетанот Кристофер Пајк на бродот Enterprise во 23 век додека открива чудесни нови светови низ галаксијата. Меѓу другите позитивни работи, мора да се забележи враќањето кон епизодното, односно антологиско раскажување во кое секоја епизода е посебна приказна, што одлично функционира со Патеките.
10.
Foundation (Apple TV+)
Немам зборови за оваа серија! И по одличната прва сезона на која и замеруваа за фрагментираното раскажување во кое тешко беше да се поврзат работите хронолошки, во втората сезона каде нештата течат далеку полинеарно е многу полесно за следење, но грандиозноста - идентична. Една од најдобрите научно-фантастични серии некогаш направени и никој не може да ме убеди во спротивното!
HONOURABLE MENTIONS:
11.
The Walking Dead: The Ones Who Live (AMC)
12.
Shogun (FX/ Hulu)
13.
The Morning Show (Apple TV+)
14.
The Gilded Age (HBO Max)
15.
3 Body Problem (Netflix)
16.
Monster: The Lyle and Erik Menendez Story (Netflix)
17.
The Bear (FX / Hulu)
18.
Outlander (Starz)
19.
Bodies (Netflix)
20.
The Tourist (BBC 1 / HBO Max)
21.
How I Met Your Father (Hulu)
22.
Fallout (Amazon Prime Video)
23.
The Gentlemen (Netflix)
24.
One Day (Netflix)
По години и години на HBO првенствено, па и на Netflix на првите 2 места на листата најдобри креатори на ТВ серии, годинава барем за мене дефинитивно беше година на Apple TV+ и Paramount+.
Од 2025 очекувам многу. Од тоа што вака рано е најавено: 1923 и The White Lotus, потоа се надевам дека конечно ќе излезе екранизацијата на Музеј на невиноста на Памук, па конечно можеби ќе има и турска серија меѓу најдобрите... и не знам што друго. Најавени се многу нови проекти, но што од тие ќе видиме во 2025, останува да почекаме.