Македонија и македонскиот народ во царско писмо од 1689 година
"Време е да се дигне глава, ние Македонците имаме право на своја држава" се слуша гласот на Даме Груев во просторијата со импресивна глетка на восочни фигури од шесттемина кои во Солун ја формираа Македонската ревулуционерна организација
Музејот на македонската борба за државност и самостојност врие од посетители. По околу 300 гости дневно, колку што е и капацитетот на Музејот, ги гледаат восочните фигури и импресивните слики високи и до 5-6 метри. Токму при посетата на ВЕЧЕР, кој ја доби ексклузивната можност да ја пренесе поставката на Музејот и со каталогизираните фотографии од внатрешноста, на ред чекаа група моторџии од Велика Британија. Додека разговаравме со директорот на Музејот, Бранислав Светозаревиќ, се вршеа договори за посета на ученици, а пред вратата чекаа десетина љубопитни гости.
"Во изминатите пет работни денови имавме околу 1.500 посетители. Нивните впечатоци се дека Музејот и поставката се импресивни, и дека вакво нешто не виделе на балканските простори", ни вели директорот Светозаревиќ во фоајето на Музејот, каде централно место зазема Декларацијата за независност на Република Македонија. Од приземјето до катовите на модерно
опремениот Музеј водат впечатливи мермерни скали. Низ времето не водат приказните на одлично информираните водачи. Стартот е резервиран за Карпошовото востание. Водичот го потенцира писмото на австрискиот цар Леополд до македонскиот народ. Уште во далечната 1689 година Леополд во Карпош гледа иден цар на Македонија, а во писмото Македонија јасно е спомената повеќе пати. Во првата соба не дочекуваат звуци од кавал, и фигурите на Румена војвода која била три години ајдутин по што ја убиле нејзините луѓе, а "друштво" и прават Дедо Иљо Малешевски и Толе Паша, и тој убиен од своите луѓе во 1904 г. Во следната соба се гледа вреден експонат - кубура којашто е функционална и денес. Од слика на турските реформатори Абдул Меџид и Абдул Азис таму може да се дознае и дека во 19 век во Македонија интензивно почнале да се градат и обновуваат цркви и манастири, кои дотогаш не смееле да се градат.
Следи 19 век, во просторија каде што се гледа англискиот државник Вилијам Гледстон, кој уште тогаш кажал "Македонија на Македонците". Водачите на Разловечкото и Македонското (познато како Кресненско) востание, Поп Стојан Разловечки и Димитар Поп Георгиев-Беровски ги гледаме во просторија на чиј под се живо претставени вештачка кал и вода. До сликата од Македонското востание во селото Кресна (1878 г.) е ставен оригиналниот печат, каде пишува Македонско востание. Живо претставени на слики и како фигури се и Крсте Петков Мисирков, Миладиновци, Прличев, Наим Фершери, Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев... Започнува 20 век. Ја гледаме камата и револверот во кои се колнеле ревулуционерите. Понатаму не чека импресивна глетка - седнати во соба со автентичен мебел од тоа време, ги гледаме шесттемина кои во Солун ја формираа Македонската револуционерна организација. Тука е и Уставот напишан од Гоце Делчев и Даме Груев, а во позадина се слуша македонски актер како ги чита зборовите на Груев: "Време е да се дигне глава, ние Македонците имаме право на своја држава". Додека на монитор течат архивски снимки од историјата на Македонија, влегуваме во просторија, исто со под "од кал", каде ги гледаме Мис Стон и Јане Сандански.
Полека го напуштаме првиот кат, и по скали се качуваме до "Битката кај Мечкин Камен". Сега "од кал" одиме "по трева". Не дочекуваат Питу Гули и Борис Сарафов, кој, како што вели водичот, добро котирал кај странските жени, а парите што ги извлекувал од нив ги давал за организацијата. Гледаме манлихерки, маузери, берданки...
Во следната огромна просторија има слики големи и до 5-6 метри. Претставено е убиството на Гоце Делчев, а впечатлива е и восочната фигура на обесениот Александар Турунџе.
"Го обесиле ноќта, околу 3-4 часот, за утрото луѓето да видат како не требало да се однесуваат", вели водичот.
По импресивните фотографии на убиениот Даме Груев и Крушевскиот манифест, со исечени и крвави стапала ја гледаме измачената Наца Пинџурова, баба на Страшо Пинџур.
Влегуваме во соседната просторија, а во позадина се слушаат звуци на зурли и истрели. Со митролезот кој го нарекле Максим започнува Првата светска војна, а до периодот на Втората светска војна ги гледаме Ѓорче Петров, Тодор Александров, Владо Черноземски...
Се продолжува со поновиот период, се слуша Интернационалата, гледаме восочна фигура од мртвиот Коста Солев Рацин, потресни слики од македонски маченици на Голи Оток, па Методија Андонов-Ченто, фотографии од осудените и репресирани за Македонија, струмичките студенти убиени со по еден куршум во главата и еден во срцето...
Музејот не остава простор за рамнодушност. Историјата е насликана живо и верно. Од победи до најголеми порази. Македонци, Албанци, Власи..., сите позначајни борци и страдалници за Македонија се вечно сместени во зградата покрај Вардар, а ги чуваат реплики на црешовото топче. А сето тоа нема да остане само на оваа фаза, вели директорот Бранислав Светозаревиќ најавувајќи дека ова е само почеток на она што Музејот треба да го направи со својата улога, во државата и регионот. Музејот ги отвора своите врати од вторник до сабота од 12 до 20 часот, во недела од 12 до 16 ч., а во понеделник не се работи. Билетот чини 100 денари, а групни посети - 50 денари.
Фрапирани од висината на Гоце Делчев
Сите восочни фигури ги претставуваат личностите во оригиналната височина и тежина. Можеби најинтересна е појавата на Гоце Делчев, кој е висок околу 165 сантиметри. "Да, повеќе од луѓето се изненадени од неговата висина. Но бил човек со големо срце", објаснува водичот по коментарот околу големината на Делчев.
Се чекаат фигури на Киро Глигоров и Тито
Во Музејот ќе бидат поставени уште восочни фигури, а ќе се зголемува и квадратурата на музејската поставка. Засега меѓу фигурите што треба да пристигнат се и оние на Киро Глигоров и Јосип Броз Тито.
Јованка Орлеанка од Македонија
За историјата сведочат и исечоци од француски весници кои пишуваат за македонското востание. Една од сликите на текстовите, која датира од 1903 година, е насловена "Јованка Орлеанка од Македонија".
Околу 15.000 евра за восочна фигура
Дел од восочните фигурите чинат по околу 15.000 евра. Директорот на Музејот вели дека министерот за култура на Хрватска при неодамнешната посета кажал дека за восочните фигури во Хрватска платиле неколку пати повеќе.
(Де.Т.)