ЗА ТРИ ГОДИНИ ТРЕБА ДА ВРАТИМЕ 1,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА!
Владата во следните три години треба да врати долг од 1,1 милијарди евра, повеќе од половината кон домашните банки, додека останатиот дел кон странските кредитори, покажува најновата Фискална стратегија до 2018 година што е доставена на разгледување во Собранието.
За да го врати овој долг, но и за да го покрие дефицитот во буџетот во истиот период, власта планира да се задолжи за 2 милијарди евра и со тоа јавниот долг до 2018 година да достигне 52,4% од бруто домашниот производ (БДП), што значи дека владините институции, општините и јавните претпријатија ќе должат вкупно 5,6 милијарди евра. Со тоа власта ќе ја прегази црвената линија на јавен долг од 50% од БДП што ја исцрта Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во последниот извештај за Македонија.