Филип Гачевски, повеќе го сакам македонскиот од словенскиот пасош
14 Април 2010
Младиот голман на словенскиот клуб Мура 05 од Мурска Субота, Словенија, во Македонија дојде по препорака на екс-селекторот, Словенецот, Среќко Катанец, а сега е преокупиран со желбата да брани за македонската репрезентација.
Н
а ревијалниот натпревар на селекциите од 21 и 19 години кој се одигра во Кичево на голот на “постарите“ беше Филип Гачевски. Младиот голман за најголем број од оние кои беа на стадионот беше непознат, но добриот голмански стас и одбраните беа причина тие да се запрашаат “кое е голманчето“. Одговорот на тоа прашање е лесен, се вика Филип, а доаѓа од Словенија, од градот Мурска Субота, а како се најде во дресот на Македонија, одговорот е, татко му е од Битола.
-По татко сум Македонец, а по мајка сум Словенец. Со фудбал се занимавам од мали години, а кога некаде на шест години за прв пат бранев на голот на малскиот клуб, на татко ми, ми кажува тој, дека сум му рекол дека од тука не бегам и навистина се случи тоа. Се уште сум голман, и пак ќе повторам, но сега како возрасен, од голот не бегам, вели за своите почетоци 19 годишниот Филип.
По малските зафрканции, тој на 15 години по препорака на тренерскиот голман Слободан Ѓуриќ, премининува во фудбалскиот клуб Мура 05, а оттогаш започнува неговото професионално занимавање со фудбал.
-Тренерот Слободан Ѓуриќ го повика татко ми и му кажа дека доста е вака и поради потенцијалот кој го имам, треба да почнам да работам посериозно на мојата голманска кариера, но во клубот каде бев дотогаш тоа не е можно. Татко ми се сложи веднаш, и јас на 15 и пол години станав член на Мура 05. Досега сум во клубот и за две години, кога имав 17, станав прв голман на Мура. Сега сум стандарден првотимец, а се уште сум со мојот прв професионален тренер Слободан Ѓуриќ, вели Филип.
Но, за младиот Филип не е доволно тоа што е прв голман на Мура и за него веќе се водат преговори за премин во прволигашки клубови во Словенија. Постојаното звонење на телефонот од страна на менаџерите кои сакаат да го “продаваат“ во прволигашки клубови во Словенија и околните држави, за него и за неговот семејство се во втор план. Неговиот план е да биде прв голман на македонската фудбалска репрезентација, а црвено-жолтиот дрес за него е комбинацијата на бои која ја сонува. Како толку го посакува македонскиот дрес, а не словенскиот вели:
-Што да ви кажам, кај нас дома без разлика дали се зборува на словенски или македонски секој трет збор е Битола или Македонија. Се што ќе кажам друго е бадијала. Во македонскиот дрес дојдов по препорака на екс-селекторот на македонската фудбалска селекција, Среќко Катанец. Тој ги следел сите мои натпревари на кои сум настапувал и ме препорача на сегашниот селектор, Мирсад Јонуз, кој тогаш беше младински селектор. Моето деби беше против репрезентација на Албанија на пријателски натпревар. Оттогаш мој сон е да бранам за македонската фудбалска селекција. Сакам да бранам сега до 21 година, а потоа ќе видиме, прво здравје, работа, па се друго. Што се однесува пак до настапите во словенската лига, не сум многу оптоварен. Некаде сигурно ќе бранам, а тоа за брзо време ќе биде во прволигашките клубови. Мојата кариера таму е поставена на сериозна основа и сега засега се оди по планот.
Но, поради административни проблеми, Филип не може да брани на официјални натпревари. Во процедура е неговото барање за добивање на македонско државјнанство.
-Не знам како одат тука работите околу добивањето на македонски пасош, кој го посакувам многу. Мислам дека по убавите работи кои ми се случуваат во Македонија, во Битола, во Скопје, во Кичево, ќе го добијам македонскиот пасош, а со него и поканата од селекторот Бобан Бабунски, да бранам за Македонија, а мене и на моето семејство од кое имам голема поддршка, ќе ни оствари најголемата желба во моментов, вели “словенецот“ Филип, која е водушевен од Македонија и вели:
-За разлика до порано кога доаѓав тука со трема како ќе биде, како ќе ме прифатат соиграчите, сега си доаѓам во Македонија како дома. Јас сум тукашен, а како таков ме прифатија сите, па затоа сакам на сите да и кажам јавно благодарам. Покрај ова мое благодарам, ветувам ако се средат документите на сите ќе им се оддолжам со многу љубов кон македонскиот дрес, а потоа и со многу добри одбрани.
Ps.Како изиграле другите да не знајате некој што е од кичево да кажи нешто што било и како било ?