Игор Јанев: Квазиексперти и дефетисти го кочат решавањето на проблемот со името
Мислам дека имаме релативно нестручни лица, кои се блиски до политичките елити, но далеку од елементарното познавање на проблемот со името и на правото на меѓународните организации. Овие луѓе не прават разлика меѓу човековите права и правата што се однесуваат на државите, правата на државите-членки на ОН, каде што, според мене, е и решението за одбрана на уставното име.
Игор Јанев е еден од ретките Македонци што стигнал да биде член на Академскиот совет за системот на ОН и можеби единствениот експерт што од првиот ден ја брани тезата дека Македонија мора да го одбрани името во Генералното собрание на ОН, а не со медијатори, по судови или преку Советот за безбедност. Порано и како вработен во македонското Министерство за надворешни работи, со специјални задачи поврзани само со проблемот за името, Јанев до крај остануваше доследен на предлогот дека Македонија мора да побара резолуција во Генералното собрание на ОН. И деновиве, за време на неговиот престој во Скопје, на средбите со разноразни политички репрезенти, тој упорно се обидува да ги убеди сите дека тоа е најдоброто, а во случајов и најбрзото можно решение не за компромис, туку за одбрана на уставното име. Денес Јанев работи како научен советник на Институтот за политички студии во Белград, а инаку е автор на 18 книги и досега има објавено во меѓународните списанија повеќе од 170 научни трудови од областа на дипломатијата и на меѓународното право.
Се согласувате ли со оценката дека преговорите што ги води Метју Нимиц се влезени во ќор-сокак и дека тука веќе немаме што да бараме?
- Кратко кажано, јасно е дека преговорите што ги води Метју Нимиц се влезени во ќор-сокак. Прво, како што гледаме од пресудата од Хаг донесена по тужбата на Република Македонија против Грција, ние според Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН бр. 817 не РАЗГОВАРАМЕ, туку, како што се вели во неа, ПРЕГОВАРАМЕ за името (односно, на сите места во Пресудата се користи поимот “Negotiations” , а не “Talks” или сличен израз). Само правно неуки квазиексперти сè уште сметаат дека ние РАЗГОВАРАМЕ, а не ПРЕГОВАРАМЕ за името! Преговорите што ги води Метју Нимиц се влезени во ќор-сокак бидејќи три аспекти не можат никогаш да се доближат во овие односи. Прво е местото на кое треба да стои зборот Република (пред или по дополнителната одредница Горна или, на пример, Северна), и заклучуваме дека овде никогаш нема да може да се постигне компромисот. Второ, опсегот Erga Omnes за Грција е Conditio sine qua non (услов без кои не се може), а подразбира користење на компромисното име и во односите со сите 134 (или повеќе) држави што веќе не признале под уставното име, со државите и организациите надвор од ОН, како и користење во сопствениот правен поредок (лични документи, пасоши...). Ова подразбира откажување од правото на самоопределување за сопствен правен идентитет (името е правен идентитет во меѓународната правна комуникација), и правото на немешање во строгата внатрешна јурисдикција на државата. Опсегот Erga Omnes, како што гледаме, е апсолутно невозможен услов за Македонија. И трето, Македонија е зачленета во ОН со два нелегални услови, генерирана е и ситуација, според која и= се овозможува Грција да ја уценува Македонија и со поширок опсег на идентитетски прашања, кои Македонија никогаш не би можела да ги прифати, а тие се однесуваат, покрај името, и на елементите на историско-културниот идентитет, па и на името на народот и јазикот. Од сите спомнати аспекти и на лаик му е целосно јасно дека политички компромис и решение за името не се можни. Во меѓународното право, како општо правило, не е можно преку ваков механизам на преговори една земја, која принципиелно не признава друга земја во есенцијален елемент на субјективитетот, да се доближи до меѓународното признавање на таа држава со таков елемент.
Одамна ја заговарате идејата да се вратиме онаму каде што и почна проблемот – во Генералното собрание на ОН. Дали се согласувате со предлогот на претседателот Иванов да го покренеме прашањето пред Советот за безбедност ?
- Државите, како што е познато, немаат ексклузивни права на имиња. Оттука, државите како меѓународни јавно-правни субјекти имаат полна правна слобода да го избираат своето име. Името е правен идентитет во меѓународното право и есенцијален елемент на меѓународно- правниот субјективитет. Понатаму, менувањето на имињата не влијае врз територијалните права и обврски на државите (на својата држава или на туѓата држава). Проблемот со името за Македонија се создаде при приемот во Обединетите нации под дополнителни услови, надвор од тие што се пропишани во Повелбата на ОН! Како што е покажано во светската наука, референцата, или попрецизно (правнички изразено) деноминацијата (поранешна југословенска Република Македонија) претставува еден од двата нелегални услови при приемот на Република Македонија во ОН во 1993 година. Вториот нелегален дополнителен услов (покрај деноминацијата) при приемот е обврската за преговори за сопствениот правен идентитет (името на државата). Како што е докажано во науката, ваквите два услова во време го надминуваат чинот на приемот (временски го трансцедираат) и се спротивни на Советодавното мислење што е дадено од Меѓународниот суд на правдата од 1948 година, со кое се одговара на прашањето од Генералното собрание дали смее да се поставуваат посебни дополнителни услови, надвор од оние што се пропишани во членот 4 од Повелбата, и да се гласа за нив. Негативниот одговор на Судот на ова прашање е прифатен и од Генералното собрание на ООН како толкување на членот 4 од Повелбата. Мојот научен придонес е во тоа што ги поврзав познатото мислење на МСП од 1948 година со македонскиот случај со името. Меѓу другото, јас предложив да се користи преседанот од 1948 година и во решавањето на македонскиот случај со името, односно со нелегалната деноминација. Република Македонија треба да иницира (предлог) резолуција на Генералното собрание на ОН, со која се поставува прашањето дали специфичните услови за приемот и статусот на државата се во согласност со Повелбата на ОН. По прифаќањето на Советодавното мислење од МСП, Генералното собрание на ООН ќе треба да го воспостави уставното име Република Македонија во ООН. Во науката ова е единствениот начин за решавање на проблемот со името во ОН!
Гледаме дека наместо реализирање на ваков сериозен предлог во ОН, во медиумите фигурира предлогот на претседателот Иванов да го покренеме пред Советот за безбедност прашањето за ефектуирање на пресудата од Хаг. Очигледно е дека овој т.н. предлог нема да помине во Советот за безбедност. Право на ВЕТО имаат пет постојани членки, од кои двете се грчки сојузнички. Најмногу што можеме да добиеме во македонска полза е претседателско соопштение на Советот за безбедност за почитување на пресудата, без обврзувачки ефект. Предлогот на претседателот Иванов очигледно потекнува од т.н. експерти што немаат ниту еден труд во светската научна периодика, односно во индексираните научни списанија, кои се единствени релевантни извори за процена на стручноста и научната валидност. Од предлогот на Иванов можеме да заклучиме дека претседателот не го познава меѓународното јавно право и дека нема соодветна експертиза во меѓународните односи!
Што може да очекуваме од Советот за безбедност?
- Во врска со предлогот на претседателот, од Советот за безбедност во најдобар случај може да очекуваме, при најповолен оптимистички исход, резолуција на овој орган со која ќе се повика Грција да ја почитува пресудата на МСП. Но, дури и ваквата резолуција нема да има никаков ефект врз однесувањето на Грција и на сојузниците на Грција. Имено, ваквите акции во Советот за безбедност нема да донесат никаков конкретен придонес во процесот на решавањето проблемот со името! Проблемот со името потекнува од кршењето на Повелбата на ОН и има мултилатерална природа, и тоа на релацијата меѓу ООН и РМ. На Македонија и= се кршат членските права во ОН. Тој проблем не се решава во Советот за безбедност. Овој проблем мора да се решава по примерот на преседанот од Меѓународниот суд на правдата од 1948 година во Генералното собрание на ОН (преку поставување прашање до МСП за легалитет на дополнителните услови). Се= друго е губење време и енергија. Се чини дека планерите на стратегијата на Иванов лаички сметале дека одговорноста за името е се= уште лоцирана во Советот за безбедност, не сфаќајќи дека одговорноста за проблемот со името сега е лоцирана во надлежност на генералниот секретар на ОН, а не во Советот! За жал, овој факт им е познат на многу мал број македонски државници.
Би го поддржале ли предлогот за отворање на уште еден процес пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг?
- Предлогот за отворање на уште еден процес пред Меѓународниот суд на правдата во форма на тужба е очигледно губење време и претставува дефитистичка опција која, и покрај евентуално успешен исход, води до неповолен општ исход, губење време, пари и енергија. И со таквата евентуална постапка не се зафаќа основниот проблем со името во ОН! Предлогот за отворање на уште еден процес пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг е смешен.
Значи цврсто останувате на ставот за покренување на прашањето за продолжување на членството во ОН под уставното име, односно за покренување на прашањето за приемот и статусот на Македонија во ОН со дополнителни услови, што е против Повелбата на ОН. Како би требало да се изведе оваа процедура?
- Во Судското мислење од 1948 година јасно се кажа дека политичките консидерации не може да се земаат предвид при оценката за подобноста за прием („political considerations could be superimposed upon them, and prevent the admission of an applicant which fulfils them"). Овластувањата на Советот за безбедност и на Генералното собрание се правно ограничени, а признавањето од друга држава (случајот со Португалија, Финска, Ирска, Трансјорданија, Италија, Австрија и Ирска) е дополнителен услов. Имено, политичките и безбедносните консидерации на Советот не влијаат врз правото на прием без дополнителните услови, како што се вели во документот. Земајќи го предвид ова прифатено мислење, Македонија може да го заобиколи Советот за безбедност и со коспонзори прашањето за дополнителните услови да го постави директно на Генералното собрание на ОН! Република Македонија со коспонзори треба да иницира предлог-резолуција на Генералното собрание на ОН, со која се поставува прашањето дали специфичните услови за приемот и статусот на државата се во согласност со Повелбата на ОН. Ова прашање потоа се праќа до МСП, а Судот го донесува советодавното мислење за легалитетот на дополнителните услови. Одговорот се враќа на дневен ред на Генералното собрание на ОН. По прифаќањето на ова мислење, со истата Резолуција на Генералното собрание, Македонија со други држави, коспонзори, ќе го воведе уставното име во ОН.
Што се= треба да се направи пред да се напише тоа писмо или пред да се направи предлог до Генералното собрание на ОН?
- Тоа треба да се направи со држави-коспонзори на Македонија за стратегијата предлог- резолуцијата да се постави на Генералното собрание (со содржано прашање до МСП) и таа да се изгласа. Значи, прво треба да се реализира предлог-точка на дневен ред на Генералниот комитет на Генералното собрание на ОН. Генералниот комитетот донесува одлука за точки што ќе бидат на дневниот ред на Генералното собрание на ОН. Предлог-резолуцијата мора да содржи слична аргументација, односно да се повика на преседанот од 1948 година со соодветна аргументација за дополнителните услови и кршењето на членските права, а со ова и на правниот поредок на Организацијата на ОН. Должност на секоја држава - членка на ОН е да го штити правниот поредок на Организацијата. Процедурално, и во Генералниот комитет, и во Генералното собрание на ОН се гласа со просто мнозинство (од присутните што гласаат).
Можеме ли да го обезбедиме тоа мнозинство? И Грците нема да седат со скрстени раце?
- Со поддршката од државите-коспонзори, земајќи го предвид и фактот дека во ОН сме веќе признаени под уставното име од 134 држави, нема да имаме никаков проблем предлог- резолуцијата да помине во Генералното собрание. И покрај грчката противакција, дури и ако само половината од тие 134 држави во ОН гласа за поставување на прашањето од Собранието до Судот, ќе имаме поволен исход. Резолуцијата ќе биде усвоена. Држави-спонзори на резолуцијата најверојатно ќе бидат некои држави од поранешна Југославија, Турција… Овој дел од стратегијата нормално ќе биде тајна, но тие спонзори ќе бидат земји со кои Македонија има блиски односи.
Тоа значи дека за релативно краток период, во споредба со другите предлози, може да се очекува резултат?
- Судските мислења од овој вид се донесуваат за помалку од 10 месеци. Односно, мислењето ќе биде подготвено како одговор до следното Генерално собрание (кое почнува следната година). Значи, ние би требало да пратиме такво барање во мај-јуни, во септември Генералното собрание да побара мислење од Меѓународниот суд на правдата, кој мора да одговори до септември следната година, до следното Генерално собрание. Значи, се= на се=, околу 15 месеци.
Во што е тогаш стравот кај македонското раководство да го покрене ова прашање?
- Мислам дека имаме релативно нестручни лица или дефетисти, кои сметаат дека ние не сме способни да истуркаме една резолуција на Генералното собрание на ОН, дека ќе треба да поминеме на Советот за безбедност и слично. Има многу квазиспецијалисти, кои се без елементарно познавање на проблемот со името и на правото на меѓународните организации и тие се форсираат по медиумите, а врвните државни институции сметаат дека ваквите мислења на експертите се меродавни. Има и претседателски кандидати што сметаат дека ние сме всушност членка на ООН од 1945 (со ФНРЈ). Тие оваа теза ја туркаат дури и по пресудата, во која јасно се третираме како нова членка на ОН од 1993 година. Кај еден куп наши дипломати има и една таква банална заблуда за тоа дека кратенката ПЈРМ во сите случаи би требало да се користи во нескратената форма – поранешна југословенска... Демек било помалку навредувачки. И скратената и нескратената верзија на реферирањето во еднаква мера претставуваат нелегална деноминација. Се= додека оваа состојба со квазиспецијалисти е таква каква што е, македонското раководство нема да направи сериозни чекори во соодветен правец. Луѓе како претседателот Иванов, и покрај својата чесност и научна биографија, немаат допир до соодветните совети и овој проблем со името се обидуваат да го објаснат преку човековите права. И премиерот Груевски на претходното Генералното собрание на ОН се повика на правото на самоидентификација на народот, односно на колективните права на народот! Од овие изјави на премиерот Груевски се гледа дека македонските советници и дипломати или експерти не прават разлика меѓу човековите права (колективните права) и правата што се однесуваат на државите (сосема друга правна гранка) и, поконкретно, правата на државите-членки на ОН! Со други зборови, според мое мислење, сите досегашни влади се потпираа на самобендисаните неспособни или полуспособни дипломати или одделни професори од Правниот факултет, без да ја консултираат науката. Медиумите, од своја страна, заради политичките и партиските интереси, ги фаворизираа ваквите лица и нивните предлози, па поради таквото однесување и дојдовме до ова дереџе!
http://www.mkd.mk/makedonija/politika/igor-janev-kvazieksperti-i-defetisti-go-kochat-reshavanjeto-na-problemot-so