Масонеријата постои долго пред 1717-та година.
Има три периоди. Првиот период е оперативниот - кога масонеријата постои во рамки на ѕидарските гилдии. Иако многу современи автори кои бркаат сензации го негираат овој период, сериозните проучувачи и историчари, докажуваат дека ѕидарските гилдии кои постојат и во антиката и во средно-вековието, не се едноставно мајсторски здруженија или работнички организации, туку се братства кои не служат само за обука на занаетчии, туку имаат и духовен елемент и пренесуваат езотерички знаења од една генерација на друга. Да, езотеричкиот елемент бил збогатен во средно-вековието, со вклучувањето на остатоците од Темпларите во рамки на ѕидарските ложи, но не почнал од нив. Неодамна се појавија докази дека првите организирани ѕидарски ложи, постоеле во древниот Египет (што совпаѓа доста со масонската легенда и многу објаснувања во самиот ритуал). Сепак - масонеријата не потекнува од Египетските мистерии, туку постоела паралелно со нив (да, сигурно има взаимно влијание, но не потекнуваат едно од друго).
Вториот период е преодниот период - од оперативни во спекулативни ложи. Овој процес почнува активно во крајот на 15-тиот век, иако има докази за присуство на не-ѕидари уште од 14-тиот век. Во овој период, се повеќе внимание се посветува на езотеричката обука на членовите, а се помалку е битен оперативниот елемент (пред се заради постепеното намалување на потребата од масивни камени градби низ Европа во тој период). Во овој период, почнува користењето на ѕидарските алати во спекулативен контекст, односно, секој алат што се употребува во ѕидарството (на пример длетото, чеканот, шестарот итн), добива свое симболичко значење. Во овој период се формираат масонските ритуали кои се користат и ден денес. Настануваат со комбинирање на езотеричкото знаење кое гилдиите го пренесуваат во форма на историски и морални лекции, со симболичкото толкување на алатките и симболите. Овој период трае до средината на 17-тиот век, кога масонеријата станува речиси целосно спекулативна, а оперативниот елемент е запоставен. Интересно е што исклучок од ова правило е Шкотска, родината на современата масонерија, каде оперативната и спекулативната масонерија продолжуваат да коегзистираат до самото формирање на Големата Ложа на Шкотска во 1736-та година, а Големиот Мајстор на оперативната гилдија (од кланот Синклер), станува Голем Мајстор на Големата Ложа.
Сепак, генерално е прифатено дека од средината на 17-тиот век, масонските ложи се спекулативни, односно не-оперативни. Овој период трае до 1717-та година, кога се формира првата Голема Ложа (во Лондон).