„Сандеј тајмс“: Вахабисти роват низ Македонија
Исламскиот фундаментализам е закана за дестабилизација на Балканот, но и на Македонија во која влегле стотици милиони фунти за обука на борци за џихад во Авганистан, објавува вчерашното издание на лондонскиот весник „Сандеј тајмс“
- Саудијците се чини дека извезуваат идеологија, а не нафта - изјавил анонимен извор од македонската влада за лондонскиот весник.
Тој открива дека во Македонија биле надгледувани 50 волонтери на терерористичката Ал каеда, кои се подготвувале за акции во Авганистан.
Весникот, повикувајќи се на изворот тврди дека парите влегле преку сомнителни добротворни организации во изминатите десет години, а наводно со парите се финансирале екстремни исламистички групи, меѓу кои и вахабисти.
- Четири џамии во централниот дел на Скопје веќе не се под контрола на официјалните верски власти. Нивното таканаречено вахабистичко учење е целосно непознато за нашата традиција и суштината на исламот, која е толерантна, инклузивна религија - потврдува за весникот и Сулејман Реџепи, водач на Исламската верска заедница во Македонија.
Во текстот на „Сандеј тајмс“, од својот дописник во Скопје се вели дека во некои од „вахабистичките џамии“ на верниците им е пренесено дека Македонија, која испрати над 200 војници во Ирак и во Авганистан, се претвора во земја што ја поддржува крстоносната војна против исламот, што ја предводат Британија и Америка. Весникот објавува и дека македонската полиција, во меѓувреме покренала истрага против дел од вахабистичките имами, а еден од нив бил Беќир Халими, имам обучуван во Сирија, кој се поврзува со исламистичката хуманитарна организација „Бамиресија“. Тој е осомничен за поврзаност со тамошните терористи и перење пари, но полицијата не успеала да најде докази за неговите терористички врски.
Израел, на почетокот од годинава официјално преку порака до премиерот Никола Груевски ја предупреди Македонија дека постојат сигнали што упатуваат дека Балканот е следна цел на глобалната мрежа на Џихад.
- Тоа не е нешто ново, ние сме го слушнале и претходно во други можности и околности, впрочем и пред околу половина или година дена и во некои медиуми во регионот имаше објавено такви вести - изјави тогаш Груевски.
29 03 2010
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=3291010647&id=9&prilog=0&setIzdanie=21946