Дојде и тоа време од годината кога се прави осврт на тоа што е сработено и каков успех е постигнат на полето на македонскиот филм. Благодарение на темава веќе неколку години по ред давам свој непристрасен осврт за настаните кои го одбележаа домашниот, македонски филм.
Во оваа исклучително лоша година, погодена од корона, која се одрази буквално на секое поле, погоден во голема мера беше и филмот. Што да се каже повеќе кога еден од најзначајните, за мене дефинитивно и најзначаен фестивал, филмскиот фестивал во Кан, го откажа своето издание.
Во Македонија, се одржаа сите значајни филмски фестивали, а се родија и некои нови.
Браво за Синедејс, Македокс, СФФ, Киненова, Тетовскиот Фестивал, Струмичкиот „Астерфест“, Прилепскиот „Зимски кајсии“ и Галичник филм фестивал кои ги одржаа своите изданија и покрај тоа што сè уште не добиле средства од државата.
Освен фестивалот Браќа Манаки во Битола, чии организатори решија да си стават пари во џеб и да одржат меморијал од еден час, каков што се одржува на паднатите борци во Америка. Се надевам ова не значи и дека битолскиов фестивал паднал.
Во една прилика, маестро Столе Попов изјави дека браќа Манаки е селска манифестација. Дефинитивно, и покрај тоа што е најстариот фестивал во земјава, година по година, реномето паѓа сè пониско.
Кога се работи за македонскиот филм, имавме домашни премиери на три нови македонски филмови и премиера на уште еден филм во Турција, кој сè уште не играл во домашните киносали.
Го добивме првиот детски филм „Стела“, кој и покрај фалбите од одредени „филмски“ лица, доби доста лоши критики од филмските критичари. Единствен фестивал на кој се појави овој филм досега е српскиот фестивал за деца Кидсфест. Деновиве читав доста помпезни најави дека имал одличен прием кај македонската публика и дека српскиов фестивал бил реномиран.
Лошо е кога се сервираат невистини и некој што не е запознаен ќе помисли дека тоа е точно. Ниту српскиов фестивал има некое реноме, ниту пак филмов поминал одлично, со оглед на короната и намалениот број посетители во кината. Немам официјални бројки за посетите, ама не верувам дека имал повеќе од 200-300 гледачи.
Вториот филм што играше беше независниот „ТМ“. Втор филм на дуото Иванов-Димитриевиќ.
По добриот „Копање“ што лично ми се допадна, дечкиве вадат втор солиден филм и покажуваат дека без разлика што филмовите им се снимени со буџет од „500 денари“, ако имаш добра идеја и сценарио, можеш да снимиш добар филм.
Третиот македонски филм што играше во кино салите е „Хомо“.
Доста лоши критики за делото што од одредени филмски „зналци“ беше именувано како филмскиот омаж на Скопје и скопскиот „Небо над Берлин“. Досега филмов нема излезено на ниеден фестивал, а со оглед на критиките од домашните критичари, не очекувам дека ќе прошета многу.
Тука ќе го споменам и филмот „Најтешкото нешто“, иако сè уште немал домашна премира. Првиот македонски филм на турски јазик, од режисерот на фамозната серија „Долина на волците“, имаше премиера во турските кино сали во февруари 2020 г. Според тамошните критики, добивме уште еден просечен филм. Немам информација дека отишол на некој фестивал. Останува да видиме што е снимено, кога ќе излезе во домашните киносали.
И покрај, целава ситуација со корона, успешно се снимени три нови филмови.
Првиот филм кој го скрши мразот и се сними под посебни здравствени протоколи е „Преекспонирано“ дебитантскиот игран филм на Елеонора Венинова.
Ѝ ги имам гледано кратките „Влакна“ и „Знакот“ и ми се допаднаа. Вториот беше дел и од балканскиот омнибусот што премиерно беше прикажан лани во Кан. Се надевам ќе има успешно деби.
Вториот филм што се сними е контроверзниот „Денот на жената“. Филм кој и претходно беше споменат тука како филм зад кој се случувале матни работи.
Не очекувам ништо од филмов, затоа што не ми се посебно допаднало ништо од режисеров, а сум изгледал две-три кратки филмчиња, документарец и еден анимиран.
Третиот филм што се сними е „Мими“. Втор игран филм на Даријан Пејовски. Имаше солидно деби со „Три дена во септември“ кое мене лично ми се допадна. Ќе видиме дали може и подобро.
Што може да се очекува во нареднава година? Ако се одземат трите филма што се снимаа годинава, имаме уште седум филмови кои се снимени лани или полани и чекаат на премиера.
Веќе е најавена премиерата на албанскиот „Исчезнатиот“ за април. Од филмов не очекувам баш ништо.
Би требало премиера да има и дебитантскиот филм „Лена и Владимир“ на Игор Алексов, снимен летото 2018 г. Видов некое кратко видео летово, делува симпатично филмов, пред сè визуелно,
ќе видиме колку добро е адаптиран романот на Русјаков.
Се крчкаат уште и новиот филм на Вардан „М“, и дебитантските „Сестра“ на Дина Дума,
„Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, „Сокриениот“ на Арсим Фазлија и вториот независен филм на Марјан Гавриловски насловен „Те дуа, жими мене“.
Дали можеме да отидеме на некој топ фестивал во 2021 г.? Искрено јас не очекувам. Врвот мислам би биле Карлови Вари или Котбус. Изненадување би било да се отиде во Берлин, невозможна мисија би рекол за Венеција и Кан. Да се надеваме дека ќе ме демантираат режисериве.
Дали може да се оцени годинава ко успешна за македонскиот филм? Никако!
Освен официјалната селекција на Санденс за краткиот „Налепница“ на Мунко и двете квалификациски победи за Оскар, немавме други значајни успеси. Иако АФМ се обидува и ќе се обиде да го прикаже како наш успех тоа што го постигнале странски филмови во кои Македонија има минимално учество.
Годинава немавме претставник на Берлинале.
Не е ниту убаво, ниту професионално да си препишуваме туѓи успеси ко свои и да кажуваме дека романскиот „Малмкрог“ на Кристи Пују е наш претставник на Берлинскиот фестивал. Не е, тој е само романски претставник во кој Македонија има дадено одредена сума на пари.
Кан не се одржа, но имаше селектирано филмови во кои сепак немаше македонски филм. Карлови Вари исто така не се одржа но направи селекција и повторно немаше наш филм, а наш филм немаше и на фестивалот во Венеција, Сараево, Котбус...
Сулудо е да се даваат изјави од филмските „зналци“, одговорни за тоа кои проекти ќе добијат пари, дека соседните/балканските земји ни завидуваат на успехот на македонскиот филм.
Соседните земји може да завидуваат само на номинациите за Оскар и ништо повеќе. За пример, Србија (една од соседните земји што ни завидувала), годинава имаше свој мнозински филм во Берлин (иако беше во Панорама, а не официјалната програма), имаше мнозински филм и во Венеција;
Босна имаше филм во официјалната селекција во Сараево и Котбус (за овие знам, може имале и некои други), а едно Косово што „вчера“ се отцепи, лани имаше официјална селекција во Берлин, во Сараево, а пред некој ден излезе информација дека имаат и филмови во официјалната селекција
на Санденс за 2021 г. и Ротердам 2021 г. (еден од најголемите фестивали за дебитантски филмови).
Кој тоа нам ни љубомори за историската година во која немавме ниеден значаен фестивал?!