Опозицијата до ФФМ: Со нас се 25 од 26 општински сојузи
Фудбалската опозиција која не се согласува со режимот на Фудбалската федерација на Македонија и претседателот Хари Хаџиристески порача дека се водат разговори со 25 од вкупно 26 општински фудбалски сојузи пред вонредното собрание на 23 јуни.
- На 23 јуни ни се потребни 59 делегати да го кренат својот глас против Хаџиристески и да му се изгласа недоверба, а ние имаме повеќе од доволно. Веќе ги испративме поканите до сите 117 делегати, а контактираме и со УЕФА, од каде бараме логистичка подршка за спроведување на собранието што ќе се одржи во хотелот “Александар Палас“. Разговараме со 25 општински фудбалски сојузи како членки на ФФМ и од нив единствено само со Гевгелија не можеме да стапиме во контакт. Кај другите ОФС имаме или целосна или делумна подршка - изјави Стојанче Златановски, претседателот на ОФС Куманово на денешната средба со новинарите.
Тој истакна дека очекува опструкции од претседателот Хаџиристески и дека и натаму опозицијата нема профил на кандидат кој би го водел македонскиот фудбал.
- Сите одлуки од 24 април 2011 што ги донесе ФФМ па до денес ќе бидат прогласени како неважечки затоа што се донесени под нелегитимен статут, а истовремено 52 проценти од фудбалерите во домашното првенство не се регистрирани во КОМЕТ-системот. Во моментов противкандидат немаме, затоа што целта е друга, а тоа е да му се изгласа недоверба на Хаџиристески. Потоа ќе се работи според статутот, а тоа значи дека секој ОФС ќе има право да си предложи свој кандидат. Тој ќе биде избран на 28 јули на изборно собрание а потоа ќе биде претседател се до редовното собрание наредната година. Значи, прво ќе биде претседател околу една година, а за понатаму ќе видиме дали таа личност ќе остане на чело, во зависност ако ќе се покаже - рече Златановски.
Од опозициските општински сојузи порачаа дека Хаџиристески нема да ги урне нивните планови со неодамнечното поднесување дисциплински мерки против делегатите само заради тоа што поднеле барање за вонредно собрание.
- Нема да не заплаши Хари со неговите дисциплински мерки.
Ако е маж нека дојде на собранието па таму нека ја води битката со свои аргументи. Нашето барање е легално и ќе се спроведе, без разлика на тоа како мисли Хаџиристески. Се знае дека барање за свикување на собрание се поднесува само со печат и потпис, така пишува во статутот и друго ништо не е потребно - наведе делегатот Иван Путилин
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=8BD08FC0D9222141B4312DAED73474B6
http://www.time.mk/read/27b352fc07/389429738b/index.html