Митрески си "бега" од ЦСКА!?
*Нашиот стопер се спаси од нападот на фановите кои удриле по тренерот Андоне и фудбалерот Петре... По овој инцидент странците во клубот меѓу кои и Митрески побарале да го напуштат бугарскиот првак
ЦСКА Софија не е Спартак Москва па ниту Енерџи Котбус. Далеку е првакот на нашиот источен сосед од поранешните клубови каде Игор Митрески настапуваше во својата богата интернационална кариера. Нашиот стопер тоа го осети во неделата кога преживеа линч на навивачите на ЦСКА. Прекинат е дуелот Локомотив Мездра - ЦСКА при резултат 1:0 за анонимниот клуб, и тоа во 65. минута кога гостинските играчи биле нападнати од своите навивачи. Овој настан е топ тема во Бугарија каде сега се откриваат сите детали околу најновиот скандал. Фановите на "црвените" влегле на теренот и ги удирале своите играчи. Според едни приказни бил удрен и Митрески, но според други нашиот фудбалер навреме избегал во соблекувалната.
"Во моментов имаме само информации кои велат дека навивачите ги удриле тренерот Андоне и фудбалерот Петре. Двајцата се од Романија, но тоа е случајност... За Митрески дека е удрен немаме информации...", коментира Стојан Георгиев, нашиот колега од весникот "Меридиан Мач".
Митрески и сите фудбалери на ЦСКА се под посебен режим и исклучени. Фудбалерите на ЦСКА живеат во неизвесност и нивната безбедност во Софија не е сигурна со оглед на најновиот скандал во Мездра.
Вчера, во Бугарија имаше и шпекулации дека Митрески е првиот кој побарал да си оди од клубот поради добиените шлаканици од навивачите. Нашиот дефанзивец зад себе има богата интернационална кариера и играл за големиот Спартак Москва. Неговиот неофицијален коментар за случувањата во ЦСКА бил дека нема пари кои ќе го натерале да остане во Софија. Искусниот стопер во зимскиот преоден рок дојде како големо засилување за ЦСКА од Енерџи Котбус. ЦСКА с$ уште има шанси да ја одбрани титулата во Бугарија, но по инцидентот во Мездра од фудбалската федерација најавуваат одземање на уште 3 бода на ЦСКА и службени 4:0 за Локо Мездра за прекинатиот меч.
Доколку најавите станат вистина, управата на ЦСКА најви дека ќе мора да реагира, а како еден од првите чекори ќе биде и разделба со некои фудбалери, а меѓу првите би биле странците. Вреди да се напомене дека договорот на Митрески со тимот од Софија е еден од најтешките, а клубот има проблеми и со добивање лиценца за настап на евро-сцената. Проблемите на нашиот стопер во Бугарија се големи иако можно е смирување на страстите затоа што времето ги притиска и ЦСКА и нивните збеснати навивачи затоа што веќе утре "црвените" дома играат против Пирин од Благоевград.
"Од ЦСКА, но и јавноста во Бугарија коментира дека скандалот во Мездра е наместен....", велат нашите колеги од Софија околу проблемите со навивачите на ЦСКА.
На удар бугарскиот клуб е и во Романија каде тамошните весници застана на страната на нивните државјани за кои велат дека е време да ја напуштат Бугарија и ЦСКА. Има и верзии дека тренерот Андоне ќе си оди, а на негово место во ЦСКА би дошол Христо Стоичков.