Македонија ќе конкурира само за првите две места
Досега секогаш бевме четврти и нема да ни значи ништо ако бидеме трети во групата, освен за рејтингот, вели предводникот на "црвено-жолтите". Репрезентатиците посакуваат на стартот да играат со Русија во Москва
Според селекторот Мирсад Јонуз уште во Варшава со ждрепката на групите за ЕП 2012, за него почнале квалификациите за ЕП 2012, во Полска и Украина и размислувањата за она што не очекува. Веќе се прават плановите околу одигрувањето на самите натпревари во групата во која сме со Русија, Словачка, Р. Ирска, Ерменија и Андора. Целта е поставена и јасна: македонскиот фудбал да направи голем исчекор во борбата за освојување на едно од првите две места што водат на завршницата.
- Објективно гледајќи ги противниците по рејтинг, групата е тешка, Русија 13-та, Словачка 36-та, Ирска 37-ма, а ние сме 64-ти. Но не се замарам со рејтинзи и бројки, секое место што води на ЕП е голем успех и на тоа ќе се стремиме. Во фубалот никогаш не можеш да превидиш што ќе се случи. Но, јас сум оптимист и мислам дека оваа генерација играчи, што последниве шест месеци е под мое водство, покажа дека има квалитет и игра да се спротивстави на секој противник, што ни дава за право да веруваме дека ќе стартуваме онака како што треба, а тоа е со позитивен резултат. Не отстапуваме дека треба да се впуштиме во борба за настап на завршницата на ЕП.
Принципите остануваа исти, играчите ја знаат мојата филозофија, останува само да ги затегнеме уште повеќе шрафовите. Ќе има поголема дисциплина и треба подготвени го дочекаме старот во септември. Досега секогаш бевме четврти и нема да ни значи ништо ако бидеме трети, освен за рејтингот. Хипотетички ако не успееме јас ќе бидам исто како и претходните селектори, ќе се сметам за неуспешен ако бидеме четврти, истакна Јонуз на средбата со новинарите во ФФМ.
Во Варшава не беше договорен распоредот на одигрување на натпреварите во групата, што е оставено да се направи на 18 февруари на новата средба, начелно договорена во Москва, иако може да биде и во Братислава. Тогаш и ќе се знае кој ќе ни биде противник на стартот.
- Се договоривме да размислиме, што и нам ни одговара. Објективно нашите услови во моментов, поради реновирање на Националната арена "Филип Втори" не ни дозволуваат на стартот во септември да одиграме некое дерби, како што се дуелите со Русија, Словачка или Ирска. Моја желба е сите да ги почнеме дома. Поддршката од публиката е добредојдена, а без тоа е тешко да се направи атмосфера. Покрај северната трибина за вакви средби треба во функција да биде и јужната на која се поставуваат столчиња и осветлување. Термините за одигрување на средбите се од 18 до 21 часот, а тоа го бараат и од агенцијата што ги има ТВ-правата. Верувам дека ќе се направат напори јужната трибина да биде готова навреме и ќе имаме услови за добар старт дома и освојување на три бода. Ако за 10-тина дена, кога ќе ги направиме консултаците со надлежните, не добиеме потврда дека ќе ги имаме условите што ги бараме, ќе бидеме принудени првите два натпревара да ги одиграме на гости, со што ќе оставиме простор, дополнително од 30 дена, наредните два дуела да ги играме дома во октомври. Успехот на репрезентацијата е на сите, а последен сум јас. Сепак, цела одговорност е врз мене, ја прифаќам и не се плашам од предизвикот.
Меѓутоа, како што истакнува селекторот Јонуз, местото на одигрување на првиот натпревар во групата не влијае многу врз репрезенативците.
- Според расположението и мислењето на играчите, како и од нивните коментари, ние можеме да се впуштиме во борба со сите противници. Идеја на играчите, што не мора да значи дека ќе ја прифатиме, е првиот натпревар да го одиграме против Русија во Москва. Но, јас не ја гледам групата само преку еден натпревар, јас гледам целите квалификации да бидат успешни. Тоа значи дека неминовно е освојување на 12 бода против Ерменија и Андора, вкрстување на силите во директните дуели со Ирска и Словачка, а познато е дека со Русија имаме негативен скор во двата меѓусебни дуела, дома и на гости. Тоа е еден голем предизвик за играчите на стартот да го дадат максимумот и да направиме позитивен резултат. Нема што да загубиме ако првата средба ја одиграме во Москва, единствено можеме да добиеме, објаснува Јонуз.
Селекторот е задоволен што по зимскиот преоден рок сите играчи кои беа стандарни или потенцијални во репрезентацијата се веќе во клубови, играат и се во натпреварувачка форма или тренажен процес, што му ја олеснува работата.
- Можам да направам отстапка за оние кои не играат во наредните три месеца, но по јуни кога ќе почнат подготовките и новите првенства, ако некој не е стандарден во клубот нема да биде и во репрезентацијата.
Во подготовките за успешен старт во квалификациите репрезентативците веќе имаат закажано одигрување на две контроли, со Црна Гора на 3 март во Скопје и со Малта на 11 август во Ла Валета.
- Не очекува пријателски натпревар и во мај и сме во преговори со БиХ, Јужна Кореја и Луксембург. Бидејќи првенствата во Европа завршуваат од 15 до 20 мај, терминот за овој тест би бил од 28-29 мај. На овие тестови ќе имаме прилика да провериме некои што беа условно кажано заборавени и оние кои се вратија во форма со што ќе го заокружиме списокот на играчи кои што ќе влезат во квалификациите. Против Црна Гора веќе ќе дебитира крилниот одбранбен играч Александар Тодоров од белградски Рад. Во потесен круг е и шпицот на австриска Магма, Менсур Куртиши, кој покажа дека има потенцијал и ако продолжи така ќе сметаме и на него. На секоја ппозиција во наредните квалификации мораме да имаме по 2-3 фудбалера. Добро е и што Ристиќ, кој сега е во Казахстан, а Славчо Георгиевски на Кипар, сега се поблиску и ќе можат полесно да се адаптираат, за разлика кога доаѓаа од Кореја, заклучува Јонуз.