ФУДБАЛ МАKЕДОНСKИОТ ИНТЕРНАЦИОНАЛЕЦ грнЧаров сака ДА СЕ ВРАТИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Бабунски ме криеше од Тошак
Знам дека новиот селектор не е виновен, туку воопшто до пред извесен период не знаел дека играм фудбал, бидејќи советникот задолжен да го брифира за кандидатите, мене не ме споменал, вели првотимецот на белгискиот Лирс
Македонскиот фудбалски интернационалец Бобан Грнчаров го посочи селекторот на младата репрезентација Бобан Бабунски, како виновник за тоа што веќе осум месеци не е повикан во сениорскиот национален тим. Грнчаров добро игра за белгискиот Лирс. Стоперот со огромно интернационално искуство викендов против Вестерло го постигна својот трет гол сезонава. Последен пат популарниот Грне за македонската репрезентација играше на 4 јуни минатата година на квалификацискиот натпревар против Ирска во Скопје, на „Арената Филип Втори“, кога Македонија загуби со 0-2. Досега нема ниту еден повик од новиот селектор Џон Тошак.
- Не знам што повеќе треба да направам за да бидам повторно поканет за државниот тим. Играм стандардно добро во Лирс, минатата сезона станав шампион со АПОЕЛ на Kипар, а година претходно настапував во Лигата на шампионите. Сум играл во различни првенства како странец и секаде сум бил стандарден, сум давал и многу голови како централен дефанзивец. Единствено што знам е дека новиот селектор Џон Тошак не е виновен, туку воопшто до пред извесен период не знаел дека постојам, затоа што Бобан Бабунски не ме препорачал. Тој беше дел од стручниот штаб задолжен да дава совети кој да биде повикан во репрезентацијата, но мене не ме споменал. Сега ми се јавуваат голманите Томе Пачовски и Един Нурединоски и ми кажаа дека конечно ќе бидам на списокот за дуелот со Луксембург, но така требаше да биде и за последната средба со Албанија, па сепак не бев повикан. Тошак за мене дознал дури откако Пачовски, со кого заедно играме во Белгија, му покажал видео-материјал од моите клупски настапи. Селекторот кажал дека ќе ме повика, но досега ништо не ми е потврдено. За Македонија играв од срце, но во Скопје лично ќе му кажам на Бабунски дека погрешил – рече 29-годишникот, кој има играно уште за Металург Доњецк, Гент и Макаби Петах Тиква.
Грнчаров вели дека неговото погрешно додавање по кое Ирска го удвои водството за конечни 2-0 не може да биде причина тој понатаму да не биде повикан уште еднаш. Тогаш Македонија на новата арена играше пред рекордна 30.000 публика, а селектор беше Мирсад Јонуз.
- Иван Тричковски тогаш промаши пенал за намалување, па игра стандардно за репрезентацијата. Тој меч за нас веќе немаше значење, бидејќи се знаеше дека не можеме до второ место во групата. Сега имаме нов селектор и не знам зошто сум заобиколен веќе шест средби – прашува фудбалерот со 21 натпревар за националната селекција.
http://www.time.mk/read/83bc2ffbc5/7dd14372d1/index.html