Јаневски во предност пред Аугенталер
Ексрепрезентативецот Ќириќ е скептичен во врска со денешната средба на Хаџи-Ристески со Германецот, пред се', од финансиски причини
Миодраг Мицковиќ
Денеска или најдоцна утре ќе биде познато името на новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, кој ќе го замени Мирсад Јонуз, сменет поради слабите резултати на една од последните седници на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. За Германија синоќа заминаа претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески, и генералниот секретар Игор Климпер, кои, покрај одредени службени обврски во оваа држава, ќе се сретнат и со еден од кандидатите за селектор, некогашниот германски репрезентативец и потоа тренер Клаус Аугенталер, со кого прв пат ќе разговараат за евентуално преземање на нашата репрезентација. Воедно, тие ќе бидат гости на македонскиот ексрепрезентативец Саша Ќириќ, кој е и организатор на средбата меѓу челните луѓе на ФФМ и Аугенталер.
„Долги години играв во Германија и добро се познавам со Аугенталер, кој самиот пројави интерес да разговара со луѓето од ФФМ за селекторската функција во Македонија“, беа првите зборови на Ќириќ, со кого телефонски разговаравме. „Досега меѓу нив немало никаков контакт. Малку бев изненаден кога во нашите весници прочитав дека Аугенталер престојувал во Скопје на разговори. Тврдам дека вечерва или утре прв пат ќе се сретнат и ќе разговараат. Во овој момент не можам да кажам како ќе завршат разговорите, но во преден план сигурно ќе бидат финансиските услови, од што ќе зависи и резултатот на преговорите. Единствено што знам е дека Аугенталер е заинтересиран да работи во Македонија како селектор, бидејќи досега работеше само во клубови. Тој е познато фудбалско име не само во Германија и навистина не знам какви ќе бидат неговите услови“.
Ќириќ вчера се слушнал и со неговиот пријател и поранешен соиграч Чедомир Јаневски, кој исто така е заинтересиран за селекторската функција во Македонија.
„Малку сум скептик околу разговорите со Аугенталер, познавајќи ги финансиските услови во Македонија и во ФФМ, но кога веќе Хаџи-Ристески и Климпер се во Германија, ќе им предложам да разговараат и со Јаневски. Тој живее во Бриж и може брзо да дојде во Германија и да се сретне со нив. Ако јас се прашувам, јас би го предложил токму Јаневски за селектор. Долго време е во странство и како играч и како тренер. Тој е тип на модерен европски тренер, кој добро ги познава и фудбалските состојби во Македонија, што сигурно е негова предност во однос на Аугенталер. Како што ми кажа, тој би работел на подолги патеки“.
Вчера разговаравме и со Чедомир Јаневски, за кого се појави информација дека има потпишано договор со грчкиот клуб Кавала.
„Не, целиот тој ангажман пропадна, иако имав сериозна понуда за тренер од тој клуб. Меѓутоа, многу работи се изменија по нашите прелиминарни разговори со луѓето од Кавала. Дојде до смена на претседателот, а клубот, како што слушам, има проблеми и со Грчката фудбалска федерација, па од тој договор не стана ништо. Едноставно, не го прифатив“, објаснува Јаневски. „Сега сум слободен и, нема зошто да кријам, расположен сум за сериозни разговори со челниците на ФФМ околу селекторската функција. Досега тие имаат контактирано само со мојот менаџер, не и лично со мене, што сигурно е голема разлика. Би сакал да работам во Македонија, каде што израснав, ја почнав фудбалската кариера, играв и за репрезентацијата. Жал ми е што првиот пат кога бев кандидат да го заменам Катанец не се договоривме, но тоа е минато. Сега е нов момент. Нашата држава има голем број таленти, има одлични играчи и верувам дека со заедничка работа можеме да го вратиме разнишаниот рејтинг од последните две-три сезони. Ако ме повикаат на разговори, ќе дојдам, ако треба и во Германија, доколку не се најде заеднички јазик со Аугенталер. Кога веќе со сите е лично разговарано, мислам дека е во ред така да биде и со мене“.
извор:Утрински Весник