Мрсни дивиденди за среќни акционери!
Зошто никој не може да го види потенцијалот за профит од акциите котирани на берзата? Распродажба - ова е единствен заклучок кога ќе се споредат профитите на компаниите и пазарни цени на нивните акции. Уште да има кој да ги натера директорите да делат дивиденди!
„Алкалоид“ има најголем профит од сите компании чии акции котираат на Македонската берза, акцијата на „Реплек“ носи највисока добивка, најголема профитна маргина имаат трите хотелски компании: „Македонија турист“, „Хотели Метропол“ и „ Интернешнел хотелс“. Извонредни финансиски резултати лани оствариле „Охридска банка“ и прилепска „Витаминка“, покажува анализата на МКД.МК на 18 компании котирани на берзата кои лани оствариле оперативна добивка во своето редовно работење.
Во големата четворка се: „Алкалоид“, „Комерцијална банка“, „Гранит“ и „Македонија турист“
Овие четири компании ги заземаат првите четири места според критериумот најголема нето добивка според податоците што се објавени во нивните консолидирани или неконсолидирани неревидирани биланси. Лани пиететот : најпрофитабилен го има „Алкалоид“ со нето добивка од 9,47 милиони евра. Најголемата македонска фармацевтска компанија има за нијанса подобар резултат од банката со најмногу домашни акционери – „Комерцијална банка“ која лани има профит од 9,12 милиони евра. На третото место во оваа конкуренција е најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ со чиста добивка од 5,27 милиони евра. По неа, очекувано, следува најголемата македонска хотелиерско-угостителска компанија „Македонијатурист“ со чист профит од 3,48 милиони евра.
На петтото место следува уште една фармацевтска компанија „Реплек“ со чиста добивка од 2,48 милиони евра. Овде мора да се напомене дека огромен дел од добивката на оваа компанија не е оперативно работење туку од дополнителни финансиски приходи остварени од дејноста што не е нивна основна работа. Одличен резултат годинава оствари „Охридска банка“ која според резултатите од работењето остава впечаток дека се наметнува во сегментот на банки со средна големина на македонскиот финансиски пазар. Оваа банка има добивка од 2,08 милиони евра, а во конкуренција на „добивка по акција“ е значително подобра од „Комерцијална банка“ и нејзината акција носи профит од 292 денари наспроти акцијата на поголемата банка која носи заработка од 247 денари. Во групата компании кои заработиле 2 милиони евра се наоѓа и битолскиот земјоделски комбинат „Пелагонија“ кој со новите доминантни сопственици почна се остварува позитивни резултати од работата и има нето добивка од точно 2 милиони евра. Прилепската извозно ориентирана прехранбена индустрија „Витаминка“ годинава има извонреден финансиски резултат што е подобар од перформансите на најголемиот шпедитер „Фершпед“. „Витаминка“ минатата година ја заврши со добивка од 1,87 милиони денари односно 1.487 денари профит по акција. „Фершпед“ оствари добивка од 1,65 милиони денари од ланското работење односно добивка по акција од 5.626 денари. Лани добитни биле и : „Бетон“ со 0,7 милиони евра, ТТК Банка со добивка од 0,67 милиони евра, „Метропол“ со 0,53 милиони евра, „Скопски пазар“ со 0,36 милиони евра, „Интернешнел хотелс“ ( хотелот Континентал н.з.) со 0,2 милиони евра и РЖ „Институт“ со добивка од 0,19 милиони евра. Освен нив во оваа категорија, но со добивки помали од 100.000 евра се: винарска визба „Тиквеш“, гигантот „Макстил“ и некогашниот гигант „Технометал Вардар“.
Формално „ Реплек“, а реално „Фершпед“ има најголема добивка по акција
„Реплек“ е компанија со најголема добивка по акција – 5.906 денари, што се должи на дополнителни финансиски приходи на компанијата. „Фершпед“ традиционално има највисока добивка по акција, но и највисока цена за акција на пазарот. За лани добивката по акција кај шпедитерот е 5.626 денари. Како пријатно изненадување за многумина првпат на третото место се проби „Витаминка“ со чиста добивка од 1.487 денари по акција. Само за споредба пазарната цена на таа акција изнесува околу 4.500 денари. Добар скор имаат и акциите на „Бетон“ со 818 денари и на ЗК „Пелагонија“ со 611 денари добивка. „Македонијатурист“ е со добивка од 474 денари, „Алкалоид“ со 408 денари, „Охридска банка“ носи 292 денари, „Комерцијална банка“ 247 денари, а „Скопски пазар“ 310 денари.
Според соодносот на оперативна добивка како дел од приходите најдобро стојат туристичките компании. Неприкосновена е „Македонијатурист“ каде чистиот ќар е 34,4 отсто од приходот. Кај „Метропол“ тој изнесува 20 отсто, кај „Интернешнел хотелс“ 16,9 отсто, кај „Алкалоид“ 10 отсто и кај „Витаминка“ 8,9 отсто.
http://www.mkd.mk/makedonija/ekonomija/mrsni-dividendi-za-srekjni-akcioneri