Моше Баум: Велија ми должи и на мене и на млекарите!
Ќе покренам кривични пријави за претходното раководство на Сведмилк, ако се открие дека имало малверзации - најави Баум
Бизнисменот
Велија Рамковски, кој на млекарницата Сведмилк и должи 1,8 милиони евра, ги манипулира сточарите со игри. Ова го изјави менаџерот на Сведмилк, Моше Баум кој го прозва Рамковски дека го врти вниманието на сточарите, се со цел да не го врати долгот.
- Рамковски игра пред фармерите како да е месија. Но, ти не си месија и оваа твоја игра завршува - со овие зборови му возврати Баум на Рамковски на неговите постојани напади што преку неговата телевизија А1 ги насочува кон Сведмилк и менаџерскиот тим.
Баум рече дека многумина изгубиле трпение околу случувањата со Сведмилк, но според него, трпението почнало да се губи пред седум-осум месеци и не е од сега.
- Не сакав да зборувам јавно поради изборите во Македонија. Јас сум сопственик на Сведмилк и мојата приватна компанија се соочува со големи предизвици. Јас ќе се погрижам секој од нив еден по еден да се надмине - рече Баум кој негираше дека Владата нема врска во релациите меѓу фармерите и млекарницата.
Сопственикот на Сведмилк ги охрабри државните институции да ја продолжат истрагата и да откријат, како што рече, како оваа фабрика успеала да направи долг од 39,7 милиони евра.
- Денеска ќе ангажирам приватна ревизорска куќа со цел да ја добијам вистинската состојба во која се наоѓа Сведмилк. Ќе покренам кривични пријави за претходното раководство на Сведмилк, ако се открие дека имало малверзации - потенцираше Баум.
Тој ги повика фармерите да потпишат нови договори за предавање на млеко, бидејќи смета дека млекарницата има иднина, со својот капацитет од 250 тони дневно, а голем процент од произведеното млеко ќе се извезува во странство.
- Имате еден избор, а тоа е Моше Баум. Можам да ја средам фабриката или одите со Велија Рамковски кој ви должи за осум месеци и кој сака да ја однесе фабриката во стечај - им порача Баум на фармерите.
Што се однесува до барањето за покренување на стечајна постапка, Баум е дециден дека тој нема да дозволи тоа да се случи, бидејќи смета дека во тој случај единствени што ќе изгубат се фармерите и добавувачите, а бенефит ќе имаат само банките. Тој рече дека секојдневно во Сведмилк пристигнуваат тужби за побарувања, при што долгот од пред еден ипол месец што му бил прикажан кога влегол во Сведмилк сега е многу поголем.
- Кажете ми барем еден човек што ќе преземе 40 милиони евра долг, а не да ја однесе фабриката во стечај. Јас се обидувам да поправам големи проблеми и повеќето од фармерите ми веруваат. Оние што не ми веруваат се групата на Велија Рамковски, која последниот пат протестираше пред Владата - дециден е Баум.
На Сведмилк поради неплатен долг за електрична енергија му се заканува исклучување на струјата, меѓутоа, по ветувањето што Баум им го дал на одговорните од ЕВН до тоа не дојде. Долгот кон ЕВН наводно ќе биде плаќан одложено.
(С.Бл. - Л.П.)
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=78DAB5858E127A4FB53D6519A00BB272