Колку тежи Моше Баум?
Дали Моше Баум, сопственикот на „Сведмилк“, е најнова верзија на глумецот Марк Гуд, кој пред неколку години во времето на Љубчо Георгиевски парадираше околу рудникот „Бучим“ и ги лажеше локалните жени дека ќе отворел и ресторан „Мекдоналдс“ или е сериозен бизнисмен? Во „Сведмилк“ засега одбиваат да зборуваат премногу на оваа тема, поради тоа што Баум упорно инсистирал на тоа дека не се снаоѓа многу во игрите што се водат околу млекарницата.
Но она што се знае е дека Баум во Македонија дошол да бара земјиште на кое би изградил оранжерии за производи што потоа би ги извезувал според сите западноевропски стандарди. Наместо тоа, му било понудено да ја купи „Сведмилк“ од лице што изминативе денови искина добар пар чевли за да докаже дека тој нема никаква врска ниту со „Сведмилк“, ниту пак со Моше Баум.
- Кога првпат дојде до фабриката, Баум затекна хаос. Немаше дури ни гориво за работа. Иако сè уште не беше сопственик, од некаде донесе цистерна и горивото го плати од сопствен џеб. Оскарсон тогаш веќе беше заминат. Во тие две-три недели, Баум со свои пари овозможи фабриката да не запре со работа. Денес „Сведмилк“, по литар млеко, одново работи со профит - велат нашите извори.
Има ли Моше Баум пари и дали е подготвен да вложи во „Сведмилк“? Едно писмо од некоја финансиска компанија од Беверли Хилс, потпишано од извесен Исак Санфир, потврдува дека „Феникс енерџи“ е во добра кондиција и дека поради тоа има на располагање кредитна линија од 20 милиони долари. Но засега тоа е единствениот документ што упатува на финансиските можности на Баум.
Проблемот е што документот не е банкарски. Сепак останува дилемата колку е финансиски моќна „Феникс енерџи“ за да го изнесе товарот што го презеде со „Сведмилк“?
Од друга страна, во овој момент, кога дури и заменик-министерот за земјоделство Кристијан Делев јавно посочува дека стечајот е најдобра опција за „Сведмилк“ (дури беше сигурен дека судот ќе донесе решение за некаковси активен стечај што ја става Владата на Груевски во позиција да се меша во туѓа работа, што барем до вчера не се случи), се чини, нема шанси Баум да „загризе“ повеќе. Кој е тој што при вакви пораки би сакал да извади од џебот пари, да почне да им ги дели на фармерите, а потоа, веќе утре, главните доверители на „Сведмилк“ да му ја земат фабриката носејќи ја во стечај?
Баум: Ќе се исплатат фармерите и нема да се дозволи стечај
Приватна компанија што ја ангажира „Феникс енерџи“ од денеска ќе почне да врши ревизија во „Сведмилк“. Доколку се утврдат малверзации, новиот менаџерски тим ќе поднесе кривични пријави против претходното раководство, соопшти вчера на прес-конференција Моше Баум, сопственикот на млекарницата.
Баум напомена дека ќе се потруди фабриката да не оди под стечај зашто од тоа никој не би имал корист, туку напротив, сите би загубиле, особено фармерите.
- Имаме адвокат што ќе ја тера процедурата. Стечајната постапка не трае ден или два, тоа е процес во кој треба да се докаже дека компанијата не е во состојба да ги врати парите. А ние, ако се има трпение и ако нè остават да работиме, за една недела или пократко можеме да го намириме долгот - истакна Баум.
Тој апелира надлежните институции да ја продолжат истрагата и да откријат како е направен долгот на млекарницата од 37,5 милиони евра. Баум ги повика и фармерите да потпишат нови договори со „Сведмилк“.
- Релацијата на фармерите и „Сведмилк“ е приватна работа и нема никаква врска со Владата. Ги повикувам производителите да дојдат и да потпишат нови договори. Млекарницата има капацитет од 250 тони дневно, количество што не може да се продаде во Македонија и на Балканот, туку ќе го извезуваме, за што се веќе склучени договори. Токму тоа е нашиот интерес - посочи Баум.
Откако новиот менаџерски тим ја презел млекарницата, додаде новиот сопственик, секој ден откривал нови долгови и добивал нови тужби.
- „Сведмилк“ има проблеми што ние не ги направивме. Досега плативме над еден милион евра наши пари, од кои дел отидоа кај фармерите, а дел кај доставувачите - рече Баум.
Според него, Велија Рамковски, кој деновиве понуди предлог-мерки за решавање на ситуацијата, должи над 300.000 евра и практично си игра со фармерите.