Се одмотува клопчето „Сведмилк“
Апсењето на израелскиот газда на „Сведмилк“, Моше Баум, е монтиран процес за да се залажат сточарите дека државата презема мерки против него, оценија пелагониските фармери
Моше Баум, новиот сопственик на млекарницата „Сведмилк“, тврди дека е неосновано приведен во полиција и дека му е неосновано одземен пасошот од страна на МВР. Вчера неговите адвокати се обидувале да дознаат зошто Баум останал без патна исправа.
Апсењето на израелскиот газда на „Сведмилк“, Моше Баум, е монтиран процес за да се залажат сточарите дека државата презема мерки против него, оценија пелагониските фармери. Според нив, нелогично е сопственикот на млекарницата да се апси зашто не платил долг од 4 илјади евра за рентакар-возило, наместо тоа да се направи за проневерата на 2 милиона евра, пари од продажбата на млечните резерви, кои не се знае каде завршиле.
- Возилото „сеат ибица“ воопшто не било изнајмено на име на Баум, туку на негов вработен. Воопшто немало никаков чек, а сите возила што биле претходно изнајмени од истата агенција се вратени на време. Иако нема никаков чек, ниту измама, Баум постојано бил испитуван за кредитна картичка, која воопшто не била дадена како гаранција, велат во фабриката. Од таму јавуваат дека Баум на граница бил со возило „БМВ“ сопственост на неговиот близок пријател Насер Пацоли. Двајцата тргнале да потпишуваат договор за извоз со Албанија и утрото требало да се вратат во земјава. Сега Баум се вози со возилото „ауди“ на Роџер Оскарсон, не со рентакар-возило.
- Никому не му е јасно што се случува. Не ја гонат гарнитурата што направи долгови, туку човекот што треба да ја спаси. Зошто не им ги зедоа пасошите на Оскарсон и на сопственикот на „Миа бевериџис“ - прашуваат во млекарницата. Според млекарите, целиот случај со приведувањето на Баум е монтажа. Два милиона евра наши пари од доаѓањето на новиот газда не се знаат каде се. Старите газди повторно си шетаат низ Скопје. Никој не е затворен ни за претходниот криминал во нивно време тежок 40 милиони евра - изјави Гоце Кантаровски, сточар од Могила.За време на сите овие перипетии во четвртокот, претставници на пелагониските фармери биле отидени во „Сведмилк“. Се изненадиле кога фабриката ја затекнале празна без резерви иако секојдневно откупува млеко од фармите низ државата.
- Резервите ги продадоа. Млекарницата е празна. Парите тие си ги пикнаа в џеб, ние останавме без пари. До каде со овој криминал? Глупости се апсења за 5 илјади евра за автомобил, па уште му го зеле и пасошот. А, зошто на првиот газда, на Швеѓанецот, не му го зедоа пасошот да не може да замине додека не ни ги врати парите? Газдите се поставени само како фигури за да се покрадат 3.300 кооперанти - обвини фармерот Душко Илиевски од Битолско.
Фармерите најавија дека ќе прекинат да го предаваат млекото во „Сведмилк“. Од понеделник ќе почнат преговори со прилепската млекарница. Се пожалија дека секој ден очекуваат дома да им влезат извршители поради напластените долгови и да им конфискуваат се' што е вредно. Тие не зеле пари за млекото предадено во „Сведмилк“ во изминатите осум месеци. Цела работа почна пред два дена, кога СВР Скопје - одделение за економски криминал, до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против М.Б. за кривични дела измама и издавање чек без покритие и злоупотреба на кредитна картичка.
Со кривичната пријава, осомничениот се товари дека во периодот од јануари до март го довел и држел во заблуда со лажно прикажување факти одговорното лице на Рентакар агенција „НИ-МАР“ ДООЕЛ Скопје, земајќи под наем патнички моторни возила за што како гаранција за исплата на услугата оставил слип чек од платежна картичка, иако знаел дека нема доволно пари за исплата. Со тоа се стекнал со противправна имотна корист од 295.368,00 денари за која сума и го оштетил правното лице „НИ-МАР“ ДООЕЛ Скопје.
Во посочениот период осомничениот склучил неколку договори за наем на возила, а поради ненавремено враќање на возилата и ненамирување на долгот, одговорното лице на агенцијата во текот на март контактирало неколкупати со пријавениот од чија страна му било ветено дека возилата ќе му бидат вратени и дека без никаков проблем може де го намири побарувањето со претходно доставениот чек, што не се случило, по што случајот е пријавен во полиција. Вчера, осомничениот без да го врати изнајменото возило „сеат ибица“, се обидел да излезе од Македонија на граничниот премин Ќафасан, каде што од вработените на преминот бил спречен во намерата, се вели во соопштението од МВР.