Заврши пријавувањето на конкурсот за вработување на 300 полициски службеници. До МВР пристигнале 7597 пријави на заинтересирани граѓани. Како ќе се изберат 300?
МВР објаснува како ќе тече постапката по завршувањето на пријавувањата на конкурсот за полицајци.
Најнапред пријавите во електронска верзија како и во хартиена форма ќе бидат доставени до Секторот за заеднички работи и управување со човечки ресурси и ќе се внесат електронските податоци во софтверот за евидентирање на податоците и резултатите од јавниот оглас.
Следната фаза ќе опфати изготвување на листа од страна на Комисијата по завршена административна проверка, односно листа на пријавени лица кои ќе бидат повикани на проверки на моторички способности.
Проверките ќе се одржуваат во Касарна „Ѓорче Петров“ и Касарна „Илинден“ (усогласување на списоците во врска со проверката на моторичките способности со претходна консултација со Командантите на ЕСЗ и ЕБР) - просечно по 300-600 пријавени лица распоредени во два термини, претпладне од 07 до 10 часот и попладне од 18 часот до 21 часот.
Кандидатите кои ги исполниле нормите на моторичките проверки ќе одат на писмено тестирање (психолошки тест, општообразовен тест и изработка на есеј).
По завршувањето на оваа фаза ќе следи интервјуирање на кандидатите.
Последната фаза се здравствените прегледи.
Кандидатите ќе бидат известени за времето и местото на тестирањата преку Секторите за внатрешни работи, односно надлежните организациски единици според живеалиштето на пријавените лица.