Канада и „Младост“ поскапи од Шпанија и „Филип Втори“!
Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
ФФМ реши билетите за дуелот со Канада на 14 ноември да чинат 300 и 200 денари, иако европскиот првак Шпанија вредеше 200 и 100 денари
Фудбалската федерација на Македонија повторно е на прагот да си постигне автогол со цена на билети за еден репрезентативен натпревар, откако вчера од куќата на фудбалот информираа дека билетите за дуелот со Канада, закажан за 14 ноември во Струмица, ќе чинат 300 денари за централната и 200 за помалата трибина на стадионот „Младост“.
Ова значи дека за да се гледа тимот на Канада, во кој нема многу ѕвезди (најпознат фудбалер е извесен Томаш Радзински од Лирс, поранешен играч на Евертон и на Фулам), навивачите ќе треба да дадат 50 отсто повеќе пари отколку што чинеше европскиот првак Шпанија, кој во август гостуваше во Скопје. Тогаш, за да се видат на дело Торес, Виља, Фабрегас, Чави..., билетите за јужната и северната чинеа по 200 денари, а запад и исток „вредеа“ по 100 денари.
Од ФФМ се правдаат дека сега капацитетот на струмичкиот стадион е многу помал од тој во Скопје („Младост“ собира околу 6.000 гледачи) и дека не постои опасност тој да биде празен поради цената на влезниците. Но бидејќи станува збор за пријателски меч со анонимна репрезентација, без ѕвезди, а стартот на дуелот е закажан за 13 часот, постои опасност избраниците на Мирсад Јонуз да не истрчаат пред полни трибини. А тоа најмногу им пречеше на репрезентативците на дуелот со Катар во Скопје, кога имаше едвај 4.000 луѓе, згора на тоа и негативно настроена спрема нив.
ФФМ игра на картата дека поради тоа што Струмица е роден град на Горан Пандев, Ацо Стојков, браќата Роберт и Горан Попов, стадионот ќе биде преполн и дека А-тимот ќе ја има поддршката на која се надеваат и во стручниот штаб. Но, останува фактот дека во Федерацијата сé уште немаат вистинско мерило за тоа колку треба да биде билет за репрезентацијата кога станува збор за меч кој не е атрактивен и во апсолутно неатрактивен термин - средина на ноември.
Особено што и Катар месецов, во Скопје, чинеше 200 денари, а сепак, не е исто задоволството кога се следи натпревар од новата северна трибина на националната арена „Филип Втори“, и од реновираниот стадион „Младост“ во Струмица.
Мечот нема да биде во ноќен термин
Дуелот Македонија - Канада нема да биде во ноќен термин, зашто рефлекторите на „Младост“ не се со потребната силина за да го осветлат теренот според нормите на ФИФА и УЕФА. Ова значи дека дуелот може почне најдоцна во 13 часот, со оглед на тоа што во случај на тмурно и облачно време, околу 16 часот на теренот би паднал мрак. Постоеше опција да помогнат релфекторите од Скопје, кои се размонтирани, но и тоа отпадна поради тоа што тоа ќе чини многу пари.
Подготовките во Струмица, нови имиња Куртиши и Бакиу?
Според тоа што го најави селекторот Мирсад Јонуз, подготовките за дуелите со Канада и со Иран ќе почнат околу 10 ноември, а ќе се одвиваат во Струмица. Списокот на фудбалерите сé уште не е познат, но можно е во составот да биде повикан и Менсур Куртиши, напаѓач на австрискиот прволигаш Магна, како и голманот на норвешкиот второлигаш Норчепинг, Нуредин Бакиу.
- И двајцата фудбалери се следени подолго време. Станува збор за добар напаѓач и солиден чувар на мрежата и веројатно ќе бидат на списокот за Канада и за Иран. Се обидувам да најдам идеални играчи за сите позиции, кои би требало да го понесат товарот за претстојните квалификации, па дотогаш, шанса ќе добијат многу фудбалери, се разбира, откако ќе го заслужат тоа - вели селекторот.
Автор: З.К.