Можно финале: Барса - Арсенал
Aма МОЖНО:smir:
Составот на Фергусон со минимална предност од првиот меч на „Олд трафорд“ кога победи со 1:0
Голема традиција, многу статистика, меѓусебен респект, тензија, неизвесност, драма. Така е досега, а така се очекува да биде и вечерва на тревникот на „Емирати“ во реванш мечот меѓу Арсенал и Манчестер Јунајтед во шампионската лига на УЕФА.
Составот на Сер Алекс Фергусон пристигна во северен Лондон со минимална предност од првиот меч (на „Олд трафорд“ победи со 1:0), но и тој и неговите фудбалери се свесни за тежината на вечерашниот предизвик. Признаваат дека треба добро да одработат на теренот доколку сакаат да играат второ финале во Лигата на шампионите (ЛШ) во последните четири сезони. Во возвратниот дуел со „топчиите“ влегуваат со страшно голема самодоверба, откако во саботата триумфираа над Мидлсборо и направија уште еден исчекор кон 18 премиерлигашка титула, во ЛШ, пак, немаат пораз 24 меча што е рекорд во најквалитетното европско клупско натпреварување. На вчерашниот тренинг се појави и Рио Фердинанд. Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед заработи повреда во првиот меч со Арсенал и затоа го пропушти гостувањето на европскиот шампион кај Мидлсборо, но затоа вчера поштеда добија Патрис Евра и Вес Браун.
Манчестер Јунајтед полага надежи во статистиката. Во последните седум гостувања во Лигата на шампионите прими само еден гол. Па, затоа во тимот од „Олд трафорд“ веруваат дека нивната мрежа ќе остане мирна вечерва. Гостите се повикуваат на уште статистичка категорија што е на нивна страна. Тие не пропуштиле да постигнат гол против англиски тим во европските купови повеќе од 45 години или поточно од поразот од Тотенхем во Лондон со 2:0 во сезоната 1963/64 во КПК.
Арсен Венгер, сепак, верува дека неговиот тим може да го елиминира Манчестер јунајтед доколку „топчиите“ успеат да ги запрат противничките напаѓачи. Арсенал мора да ја анулира негативата од еден гол и не смее да им допушти на Роналдо, Руни, Бербатов и останатите „ѓаволи“ да поентираат. И тој полага надежи во статистиката која вели дека Арсенал нема примено гол на „Емирати“ од 21 декември, а против Портсмут викендот одмораше дури осум првотимци.
„Овој меч е многу важен за нас. Подготвени сме. Вечерва ќе видите силен Арсенал. На домашен терен не примаме многу голови, а Манчестер јунајтед во премиерлигата тешко минуваше на гостувањата“, најавува францускиот стручњак на клупата на„топчиите“, Арсен Венгер и додава:
„Можеме да напаѓаме на нашиот тревник, а притоа да не примиме гол. Така ќе играме и вечерва. Верувам во силниот карактер на тимот и желбата на фудбалерите да се пласираат во големото финале. Тоа е доволен мотив“.
Добра вест за Венгер е враќањето на Холанѓанецот Робин ван Перси. Поради повреда на ципите, тој паузираше три недели меѓутоа последните наоди, како и реакциите на холандскиот интернационалец на тренинзите, укажуваат дека најверојатно ќе биде една од главните закани за неговиот сонародник на противничкиот гол, Едвин ван дер Сар. И Ван Перси е подготвен за кам-бек во тимот надвор од него ќе бидат хрватскиот репрезентативец, Едуардо и француските интернационалци, Гаел Клиши и Микел Силвестре.
Арсенал нема победа над ниту еден англиски клуб во Европа досега. Лани загуби од Ливерпул со 5:2 во четвртфиналето, во истата фаза пред четири години доживеа пораз и од Челзи со 3:2, откако првите мечевите во обата случаја завршија без победник - 1:1. Но, „топчиите“ се пласираа во финалето во сите шест досегашни полуфинални учества во европските купови. Во последните шест меча на домашен терен во оваа сезона во ЛШ не примија ниту еден гол, нивната одбрана капитулира двапати во последните 12 натпревари, а нивниот напаѓач Емануел Адебајор постигна осум погодоци во деветте средби на Арсенал во Лигата на шампионите.