И трета година едноподруго, Ливерпул и Челзи еден против друг во завршницата од Лигата на шампионите. Нов англиски дерби дуел во 1/4-финалето на 8 април на „Енфилд“, кога Ливерпул ќе го пречека Челзи во можеби најатрактивниот дуел од оваа фаза во најквалитетното европско клупско натпреварување.
Минатата година во полуфиналето од Шампионската лига, Ливерпул и „сините“ двапати играа нерешено 1:1, за по изведување на пенали Челзи да се најде во финалниот дуел. Година претходно исто така во полуфиналето, Челзи загуби на пенали од „црвените“ откако двете средби ги добија двата тима со по 1:0.
Најмногу среќа на денешниот жреб имаше бранителот на титулата, Манчестер Јунајтед, чии желби се исполнија, па во оваа четвртфинална рунда за противник ќе го има Порто.
Виљареал за ривал во оваа рунда го доби Арсенал, додека Барселона, како најголем фаворит за титулата, ќе мора да си ги одмери силите со германскиот шампион Баерн Минхен.
1/4-финале ЛШ:
- Манчестер Ј. - Порто
- Виљареал - Арсенал
- Барселона - Баерн Минхен
- Ливерпул - Челзи
Првите четвртфинални натпревари ќе се одиграат на 7 и 8 април, додека возвратните се закажани за една недела подоцна.
Победникот од мечот Манчестер Јунајтед - Порто во полуфиналето од најквалитетното клупско натпреварување на Стариот континент ќе игра со подобриот од пресметката меѓу Виљареал и Арсенал, додека во второто полуфинале силите ќе ги одмерат победниците од натпреварите Барселона - Баерн и Ливерпул - Челзи.
A1.com.mk