Кучињата и граѓаните
Во текстот беше опишан протестниот марш на здруженијата за заштита на животни, против, како што тие велат, многу нехуманиот однос кон заловените кучиња скитници во стационарот „Вардариште“, депонијата „Дрисла“ каде што се закопуваат еутаназирани кучиња скитници и скопска „Комунална хигиена“, која раководи со споменатите фирми.
Ценејќи според поддршката на маршот, може да се заклучи дека се
многу побројни другите граѓани на Скопје, кои се неоправдано попречени на правото за мирен живот без страв од напади на кучиња скитници и подалеку од крлежи и кучешки измет, а за што, за жал, не се пишува во текстот. Затоа, би било добро здруженијата за заштита на животни да одговорат на неколку прашања:
– Дали го знаат бројот на кучињата скитници
во Скопје и колку ги има во центарот на градот? Се претпоставува дека се околу
15.000-20.000, но можеби се и повеќе!
–
Дали виделе во Белград, Загреб или во Љубљана, на пример (за Виена, Париз или за Лондон, да не зборуваме), како глутници кучиња скитници шетаат и низ центарот на градот, како што прават во Скопје и како напаѓаат луѓе!? Во Париз, на пример, споредено со Скопје според бројот на жители, би требало да има околу 300.000 кучиња скитници!
–
Дали знаат кои болести луѓето ги добиваат од кучињата скитници, особено од крлежите со кои е загадена тревата?
– Дали се придржуваат на
обврските домашните миленичиња да ги шетаат врзани со ремен и со корпа на устата, а кучешкиот измет на милениците да го собираат во посебен прибор, како што тоа се прави таму каде што водат грижа за здравјето на луѓето и за чистотата на животната средина?
–
Зошто ги пуштаат домашните миленици слободно да трчаат по парковите и секаде да вршат нужда, нарочно по тревата, па малите дечиња не смеат ни да стапнат на неа, а за некакви детски игри по тревата ни да помислат!?
– Зошто настојчиво бараат да се оствари програмата „Залови, стерилизирај и пушти“, кога
таа програма овозможува движење на кучиња скитници без контрола на човек и претставува опасност за луѓето!? Зарем не знаат дека во топло време кучињата скитници немаат доволно вода за пиење и долго се жедни, а тоа често се случува во Скопје и во таква состојба
се многу агресивни и независно дали се или не се стерилизирани, многу лесно напаѓаат луѓе.
– Зошто не ја бараат програмата „
Залови, стерилизирај, чувај до 30 дена и еутаназирај“, која се применува во светот, особено таму каде што се води грижа за здравјето на луѓето!? Оние 30 дена заловените кучиња скитници се чуваат во стационар во специјални кафези, а за тоа време доаѓаат луѓе и избираат куче за посвојување. Таквата програма сосема спречува движење на кучињата скитници без контрола на човекот. И што е многу битно, ги спречува кучињата скитници барајќи храна да го растураат ѓубрето од контејнерите. Бидејќи, со програмата „Залови, стерилизирај, пушти“ барана од здруженијата за заштита на животни, контејнерите се единствен извор на храна за кучињата скитници, ако не се сметаат парченцата леб повремено дофрлени од граѓаните или децата.
– И
дали го знаат бројот на глутниците кучиња скитници на градските гробишта „Бутел“, особено во попладневните часови кога е речиси невозможно безбедно да се посетат гробиштата!?
Одговарајќи на прашањата, членовите на здруженија за заштита на животни треба да согледаат дека претеруваат во оцените, а особено со барањата. Тие воопшто не се осврнуваат на можностите на државата каде што живеат. Уште пострашно е ако прифатиле од некои организации од надвор некакви експериментални програми, кои никако не можат да се применат во тамошните средини!