СУРОВИТЕ ПРЕСМЕТКИ НА БАЛКАНСКАТА МАФИЈА
04.11.2008 (Глобус)
Глобус
www.globusmagazin.com.mk
"
МАКЕДОНИЈА Македонија, за среќа, не може да се пофали со политичко-мафијашки пресметки од типот на српските или хрватските, но и земјава секако има што да придонесе на ова поле. Неуспешниот атентат врз претседателот Киро Глигоров е секако најконкретниот пример за обидите на организираниот криминал, во или надвор од државава, да се пресмета со неа. Глигоров, заедно со убиениот Ѓинѓиќ, е највисоката политичка фигура во регионов во двеве транзициски децении, врз кој е направен обид за убиство. Со оглед на повторното отворање на оваа тема во македонската јавност деновиве, се уште постои надеж дека ќе се открие кој стоел зад неговиот атентат.
Во годините по атентатот врз Глигоров ќе следат уште дузина мафијашки убиства, но ќе настрада во најголем дел „ситна боранија“, криминалци како Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година во Скопје, Орце Коруновски во 2002 во Бугарија, Ромео Живиќ и Енис Хаџибулиќ во Скопје и Горан Георгиевски - Мујо и Ненад Вељковски во Куманово, следната година. Интересно е што во добар дел од овие случаи, роднините на жртвите тврдеа дека во нивното убиство, директно или индиректно е вмешана и полицијата. Убијците на Тушевски, Јанев, Хаџибулиќ се уште не се пронајдени, како што не се знае кој ги уби Иса Лика во Тетово или телохранителот на водителот Боки 13, Неџад Пепиќ. Последен во таа низа е обидот за убиство на Дејан Пановски- Дешо, пред неговиот стан во Аеродром."