Повторна изградба на пирамиди
Пред да се насочиме кон можната „надворешна” помош која им била потребна на Египќаните за градење на пирамидите, би требало да се чудиме на самата цел на нивниот подвиг. Без никакви сомнежи, Големата Кеопсова пирамида сеуште претставува најголемото архитектонско светско чудо. Содржи околу 2.3 милиони камени блокови, чија поединечна тежина изнесува 2.5 тони, што ја прави вкупната тежина од 6 милиони тони. Оригинално била висока 146 метри. Основата и` е израмнета до математичка совршеност од 4 сантиметри. Страните се ориентирани во однос на четирите главни страни на светот со отстапка помала од 120 сантиметри. Како, значи, Египќаните можеле да бидат толку прецизни?
За да се одговори на некои практични прашања во врска со изградбата на пирамидите, америчката ТВ куќа НОВА составила двочлена екипа, египтологот Марк Ленер од Чикашкиот универзитет и ѕидарот Роџер Хопкинс - и ги пратила да изградат мала пирамида без помош на современата технологија. Ангажирајќи тим од ѕидари и работници, Ленер и Хопкинс тргнале од барање камен и поминале три недели во вадење блокови кои ќе им бидат потребни за проектот. Поради буџетските ограничувања си дозволиле во оваа фаза да мамат, користејќи железни чекани, длета; Египќаните би имале многу помек бакарен алат.
Додека вадењето камен било во тек, направен е нацрт на пирамидата. Важно било да се одреди север, а тоа го правеле така што поставиле вертикален столб кој ја бележел сенката на Сонцето, кое секој ден изгрева и заоѓа под еднакво спротивни агли во однос на север. Повторувајќи ја оваа постапка на теренот во разни интервали египетските геодети можеле да добијат низа линии во правец север-југ, кои можеле да ги корегираат и проверат која линија би била долга повеќе од десетина метри. Правите линии и дупката кои се најдени кај Кеопсовата и Кефреновата пирамида веројатно се остатоци од таквата постапка.
По завршувањето со работа во каменоломот, Ленер и Хопкинс имале на располагање уште три недели за градење на мини пирамидата. Откриле дека камените блокови за изградба не биле толку тешки за ракување, под услов да не се најдат во песок. Блокови тешки 2.5 тони можеле да се поместат со валање. Експериментите покажале дека поголеми блокови може да поместува тим од дваесет луѓе кои ги влечат заврзани со јажиња, додека двајца подигаат одпозади. За да го убрзаат овој процес, блоковите се местени на дрвени санки.
Некои траги кои останале покрај некои пирамиди покажуваат како биле кревани блоковите. Маневрирањето со блоковите реализирано е на ист начин на кој тоа го правеле Египќаните според сликите на гробниците - со помош на дрвени санки и валјаци од тврдо дрво со округли топки од долерит (цврст црн камен), какви се најдени под масивните саркофази.
Поставувањето блокови на нивното место била тешка и понекогаш опасна работа, но екипата набрзо почнала да ја совладува вештината на ракување со нив, покажувајќи колку е важно искуството во баратање со камени блокови и колку е тешко да се процени способноста на извежбаната работна сила која користи наједноставен алат.
За самиот врв на пирамидата, најгорните камења Ленер и Хопкинс морале да ги туркаат од едно ниво на друго на голем број дрвени греди. Британскиот инженер археолог Боб Портер дал сугестија за многу едноставен метод. По негови пресметки најефикасен начин за кревање на камените блокови бил влечењето со јажиња. Користејќи јажиња од папирус, со пречник 6.25 сантиметри (како јажето што е најдено во еден староегипетски каменолом), 100 луѓе можеле да кренат блок тежок 2.5 тони. За да се спречи кинењето на јажето и негово пукање, Портер смета дека веројатно е користена намачкана бакарна плоча обликувана така да го води јажето. Уште подобро решение за проблемот со кинењето на јажето можеби претставувале камени предмети во вид на печурки кои се најдени покрај Големата пирамида. Како што забележал Ленер, овие мистериозни предмети доста личат на едноставни котурци. Дупките во нивната основа сугерираат дека биле поставувани на врвот на дрвени стожери. Сосема е можно блоковите на самиот врв да биле кревани со јаже на овој начин. Меѓутоа, Портер нема идеја на кој начин завршниот камен е поставен на врвот на пирамидата. Тој бил најтешкиот дел од целата операција - како што покажал експериментот на Ленер и Хопкинс. За среќа, завршниот камен за нивната пирамида бил доволно мал, што работниците го носеле на дрвено рамо. Но, дури и така бил претежок за да можат да одморат некаде на пола пат. Критичен момент настапил кога работниците кои ја носеле едната страна од рамото отишле премногу напред и кога каменот почнал да се лизга, па каменот можел да предизвика голема несреќа бидејќи долу имало многу посматрачи. Некои корекции направени набрзина ја спречиле трагедијата, така што кревањето на каменот било пречекано со воздишки на олеснување.
------------------------------------
Тука во овој дел од текстот, поточно пред делот каде се опишува носењето со помош на дрвено рамо, има нешто што не успеав да го преведам убаво, т.е. преведов, но не ми изгледаше баш сфатливо. Ќе се обидам да парафразирам. Беше опишано нешто во смисла на тоа дека направиле нешто како патеки по кои ги влечеле накај врвот камењата. Штета што немам скенер и да ја скенирам сликата од книгава, за да стане појасно.
Еве уште нешто.
Скриените одаи
Не ни се јасни ни мотивите кои стојат зад изградбата на овие неверојатно сложени и скапи споменици. Стандардниот одговор на еден египтолог на прашањето со која цел се изградени е дека биле кралски гробници. Ова изгледа јасно од самиот факт дека, архитектонски гледано, се развиле од мастабите (кои секако биле гробници). Има и книжевни записи за тоа дека во пирамидите биле погребувани кралеви, а во многу од нив се наоѓаат очигледни докази за погребните активности, како што се камените саркофази. Во центарот на кралските одаи, длабоко внатре во Кеопсовата пирамида, лежи масивен камен саркофаг кој очигледно е направен за во него да се погреба доста важна личност.
Сепак, на привидно очигледниот заклучок дека пирамидите се градени како одаи за погребување на кралевите може да му се спротивстави фактот дека археолозите истакнуваат доказ дека пирамидите имале сосема друга, таинствена цел. Значи, како човек да ја објасни мистеријата на гробница без погреб.
Одговорот се наоѓа во доста стариот и сосема немистериозен обичај за ограбување на гробовите. За време на Осумнаесеттата династија (околу 1520 - 1300 г.п.н.е.) тоа бил голем проблем и морала да биде формирана специјална полиција која патролирала по Долината на кралевите и кралиците во Теба. Но, таквата полиција можела да биде ефикасна само во времето кога власта била силна. За време на Дваесет и првата династија (околу 1070 - 945 г.п.н.е.), кога фараоните биле чиста сенка на некогашните владетели, користено е помалку скапо средство. Сандаците и мумиите на големите владетели од 18та и 19та династија едноставно се пренесени, со мали обреди, во тајно засолниште во стените во близина на Долината на кралевите. Овој чин сам по себе објаснува зошто гробниците на големите фараони како што биле Тутмозис III и Рамзес II се најдени празни. Раширеноста на ограбување на гробниците е причина зошто погребот на Тутанкамон била ненадминлива - за прв пат археолозите откриле недопрена гробница, заедно со мумијата и раскошните предмети.
Ограбувањето на пирамидите посебно се спомнува на папирусот познат како „Ипувертови опомени”, каде се оплакува страшната состојба која го погодила Египет после падот на Шестата династија (крај на 3 милениум п.н.е.). Ипувер се жали дека повеќе не се почитува светоста на пирамидата и дека скитниците ги крадат кралските мумии од нивното почивалиште. Дали Ипувер мислел на некоја посебна пирамида, како што е градбата која ја изградил Кеопс, или на пирамидите воопшто, не ни е јасно. Но, кога ќе се земе предвид, доста веројатно е дека Големата пирамида е ограбена како повеќето египетски пирамиди.
Меѓутоа, можеме ли да бидеме сигурни? Се претпоставува дека Кеопс е погребан во масивен саркофаг кој се наоѓа во средината на кралските одаи, но дали е суштината во тоа што од нас се очекува така да мислиме? Некои гробници на кралевите од 18 династија се изградени доста вешто за да го измамат секој кој ќе продре до нив, водејќи го во импозантните, но празни одаи за да го убеди дека се веќе ограбени. Првата гробна одаја била многу подобро скриена, со замалтерисана и варосана врата која изгледала како дел од ѕидот. Дали ова можело да се примени и на пирамидата, посебно на Кеопсовата?
Постои дури и можност Кеопсовото гробно место да не е уште пронајдено. Големата пирамида е доста сложена градба која содржи мистериозен систем на одаи и тунели. Постојат и некои таинствени шупливи канали кои ги поврзуваат главните одаи - две од одаите на кралот и две од одаите на кралицата. Тие не допираат до надворешниот дел од градбата, а претесни се за човек да може да влезе во нив. Археолозите некогаш мислеле дека служеле за вентилација, иако е поверојатно дека служеле за некои обреди - како што се канали за кралевата душа за време на патувањето на небо. И навистина изгледа дека вратилата од кралската одаја покажуваат кон ѕвездите кои биле важни во египетската космологија.
Каналите во кралската одаја се видени кога египтолозите прв пат ја истражувале Големата пирамида. Таков случај не бил со одајата на кралицата, така што овие канали дури 1872 година ги открил англискиот инженер Венјамин Диксон. Бидејќи одајата на кралицата многу потсетувала на таа на кралот, Диксон сметал дека мора да има и канали. Чукајќи по ѕидот, нашол две шупливи места и неговите работници го скршиле ѕидот и откриле еден канал. Оваа брутална техника открила правоаголен, хоризонтален цевчест канал, со пресек 22.5 со 2 сантиметри, кој влегувал преку 2 метри во длабочината на ѕидот и потоа се качувал во непознато.
Иако овие канали, кои покажуваат дека пирамидата содржи некои намерно скриени работи, не се никогаш до крај истражени, египтолозите со години повторуваат дека не веруваат дека во Големата пирамида постојат скриени одаи.
Последните истражувања сепак покажуваат колку сеуште малку знаеме за внатрешноста на оваа огромна камена маса. Германскиот инженер на роботика Рудолф Гантенбринк дошол до одлични откритија со помош на специјален робот наречен Упуаут (според египетски зборови кои значат „отворач на патишта”). За неговото создавање потребни биле четврт милион долари, а поседува тракторски тркала и опремен е со мала видео камера, а работи преку далечински управувач.
Март 1993 година, Гантенбринк го пратил Упуаут да ги испита мистериозните канали кои водат од одајата на кралицата, а кои ги открил Диксон. Роботот ползел по каналот 65 метри, а тогаш стигнал до малото капаче од вар или врата. На капакот се наоѓале две бакарни рачки, а пред минијатурниот процеп во едниот ќош имало црн прав, веројатно органска материја која навлегла од другата страна.
Значи, што лежи зад таа мала врата? Постои теорија, но во ништо не можеме да бидеме сигурни додека не се направат понатамошни истражувања. Гантенбринк го подесил роботот да може да носи мала камера од оптички влакна која би се провлекла низ процепот во вратата и така да ѕирне во одајата, но сеуште чека дозвола да продолжи со работата. Благодарејќи на огромните административни сплетки, кои се специфични за ехипетската археологија, а кои покрај тоа се развлекувани со самата политика и зависта на луѓето од Министерството за старини, Гантенбринковата пионерска работа е, за жал, запоставена.
Сепак, Упуаутовиот прв упад во каналот веќе воспоставил еден важен принцип. Доста веројатно е зад овие вратничиња да постои уште една, потполно непозната одаја, па макар и мала. А ако има една скриена одаја, тогаш доста лесно можат да постојат и други. Дали е можно кралската одаја да е само илузија која не` води кон крива трага и дали Кеопс е погребан некаде на друго место, можеби токму зад тие вратнички со бакарни дршки?
Далеку од тоа дека сме ги дознале сите нејзини тајни, мораме да бидеме свесни за фактот дека се наоѓаме на почетокот на откривање на комплексноста која ја има Кеопсовиот извонреден споменик. Станува се` појасно дека за време на градењето на Големата пирамида Египќаните сакале таа да биде мистерија. И во тоа успеале.
Бидејќи моментално книгата не ми е тука, не можам да пишам кој е авторот (поточно, двајца автори). Ќе си го едитирам постов кога ќе е книгата кај мене повторно.
Златен марко91, се надевам дека ќе прочиташ од самиот почеток, па се` до крај. Не се плаши, нема да дојдат вонземјани да те земат ако не продолжиш да веруваш во нивниот подвиг за изградба на пирамидите, мирољубиви се сепак:wink:
Вонземјани:nesvest: