Франција ќе игра квалификации и ја истурка Македонија во третиот барабан Според последните информации од седиштето на Европската кошаркарска федерација (ФИБА-Европа), директен пласман на следното Европско првенство (ЕП), кое во 2009 година ќе се одржи во Полска, ќе обезбедат само седумте првопласирани репрезентации од завчера завршениот Евробаскет во Шпанија заедно со селекцијата на домаќинот.
Станува збор за директните квалификанти за Олимпискиот турнир идната година во Пекинг (Кина), репрезентациите на Шпанија, Русија и на Литванија, како и четирите учеснички на дополнителниот квалификациски турнир за ЛОИ 2008, Грција, Германија, Хрватска и Словенија. Од првобитно најавениот список на директни патници за ЕП 2009 отпаѓа Франција, осмопласирана на шпанското ЕП, која најверојатно ќе мора да мине низ квалификацискиот циклус, кој, пак, ќе се одвива во следните две години.
Ваквиот принцип на одредување која селекција ќе може да смета на директен пласман на едно ЕП е запишан во членот 30 од Регулативите на ФИБА-Европа, чие последно издание беше објавено пред само неколку дена. Таму се вели дека „само репрезентациите што настапуваат на Олимпискиот турнир (тука влегуваат и квалификациите за учество на истиот - н.з.) ќе може да сметаат на директен пласман на следното ЕП, додека сите други селекции ќе мора да ги минат циклусот квалификации.“Последната одлука на ФИБА-Европа е на штета на репрезентацијата на Македонија односно на надежите дека црвено-жолтите би биле во вториот по квалитет барабан при ждрепката на квалификациските групи за ЕП 2009 во Полска. Приклучувањето на Франција меѓу квалификантите значи поместување на селекциите по едно место надолу според рејтингот, кој го имале од настапите во двегодишниот циклус за ЕП 2007, кој завчера заврши во Шпанија.
Според ваквиот однос на силите, Франција би им се приклучила на Италија, Турција и најверојатно на Португалија во првиот барабан, додека Израел би паднал во вториот барабан од кој, пак, би испаднала Македонија, како единствена што беше сместена таму, а не била учесник на последното ЕП. Падот во третиот барабан би бил навистина голем проблем за македонската репрезентација, со оглед на тоа што во тој случај би можеле да бидеме во група со исклучително силни селекции како што се тие на Србија, Летонија, па и на Чешка.
Во тој случај во игра за осум места на ЕП 2009 би биле 17 селекции, кои би биле поделени во три групи со по четири репрезентации и една со пет национални селекции. Победниците од четирите групи заедно со трите најдобри од четирите второпласирани тима уште идната година би добиле виза за Полска, додека последниот билет би бил поделен преку дополнителните квалификации и дополнителниот турнир непосредно пред самото ЕП во Полска.
Засега сето ова се само неофицијални најави од седиштето на ФИБА-Европа во Минхен, а конечното решение се очекува да биде познато до крајот на годинава.
- Не знаеме апсолутно никаков детаљ за изгледот на барабаните за квалификации за ЕП 2009, како и кога ждрепката ќе биде одржана. Очекуваме наскоро разговор со спортскиот директор на ФИБА-Европа, Бугаринот Коста Илиев, кој ќе треба да ни ги подобјасни сите работи - велат во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=7&tabid=1&EditionID=1205&ArticleID=77592