КОШАРКА - СЕЛЕКТОРОТ ДОКУЗОВСКИ ГО ОБЈАВИ ПОШИРОКИОТ СПИСОК ЗА ЕП
Илиевски повторно во дресот на Македонија
Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Марин Докузовски го објави поширокиот список од 24-ца играчи, кои ќе се подготвуваат за Европското првенство во Литванија, со почеток на 31 август. Изборот на Докузовски мина без изненадувања, освен што по подолго време во националниот тим се враќа капитенот на Унион Олимпија, Владо Илиевски, кој поради повреда ги пропушти и ЕП 2009 и целиот квалификациски циклус за Литванија. Во тимот беа вклучени тројца странци, Американците со македонски пасош Џеремаја Мејси, Бо Меккејлеб и Маркиз Грин, од кои само еден ќе може да биде во тимот на еден натпревар.
Подготовките почнуваат на 10 јули во Скопје, првично со 16-мина кошаркари: Гечевски, Антиќ, Самарџиски, Чековски, Николовски, Стефанов, Меккејлеб, Илиевски, Соколов, Д. Стојановски, В. Стојановски, Симоновски, Гоцевски, Димчевски, Мираковски и Костоски. Останатите осуммина кои ќе ја чекаат својата шанса се: Богоев, Грин, О. Стојановски, Михајловски, Трајковски, Мејси, Брчков и Крстевски.
Тие продолжуваат во Охрид на 17 јули, по што Македонија ќе одигра серија пријателски средби со Словенија и Италија. Нашата селекција на ЕП е во група заедно со БиХ, Грција, Хрватска, Црна Гора и со еден квалификант.