Состојбата на компјутерите по училиштата само по едно полугодие е следната...
Во 42 средни училишта во земјава недостасуваат компјутери, монитори, тастатури или пак се оштетени
Секое училиште да изготви правилник за надоместување на штетата доколку има оштетување на компјутерите од грандиозниот владин проект компјутер за секое дете, вакво соопштение стигнало во сите училишта по инспекцијата што ја направил државниот просветен инспектор. Дури во 42 училишта што е речиси половина од вкупниот број средни училишта во земјава било утврдено дека недостасуваат компјутери, монитори, тастатури или пак се оштетени.
Речиси во секој град во средните училишта недостасуваат делови од компјутерите од грандиозниот владин проект. Се краделе монитори, тастатури, глувчиња, во Скопје дури во 11 училишта, сепак состојбата е алармантна во Струга каде само во Ибраим Темо недостасуваат 52 компјутери и 171 монитор.
Училиштата треба да ги осигурат компјутерите, но за тоа потребни се поголеми финансии велат директорите.
Во дел од училиштата на учениците им било кажано дека и сами ќе ја плаќаат штетата за украдените или оштетени компјутери. Спас се бара во кабинетската настава каде секој наставник е задолжен за компјутерите во својот кабинет и точно се знае кој ученик на кој компјутер е логиран. Засега компјутерите и не се користат целосно во наставата, па така освен за презентација учениците најчесто ги користат за пребарување на интернет.
Грандиозниот проект компјутер за секое дете започна да се реализира во 2006-тата година, а досега во средните училишта инсталирани се 55.000 компјутери.
http://www.kanal5.com.mk/ShowNews.aspx?ItemID=45331&mid=1500&tabId=1&tabindex=0